Македонските хип-хоп пионери „Чиста Околина“ се враќаат на сцената преку серија од неколку изданија за Филтер Лабел.
„Точно 25 години по објавувањето на култниот деби албум „Новиот аспект на старата школа“, тие се конечно подготвени да го претстават долго очекуваниот нов материјал. Станува збор за прилично обемна колекција на песни, распоредени на три нови албуми. Првиот од нив, „Avantgarde Fatiguée“ ќе излезе во мај годинава, а ќе биде најавен со два сингла. На дигиталните музички сервиси денеска се појави експлозивната „Си играме со рапот“, која пред пет години послужи како симболично видео одбележување на дводецениското постоење на рап колективот. Во оваа прилика, за нејзиното премиерно официјално објавување на музичкиот пазар, песната доби нов микс и мастер, направен од Оливер Димитров, кој ја потпишува продукцијата на целиот албум. На песната гостуваат Гоце Стевковски (тапани), Ѓоле Максимовски (бас гитара), Сеад Хаџиќ – Сецко (електрична гитара), Елена Васова (вокал) и Диџеј Славе (скречови). „Си играме со рапот“ е повеќе од соодветна илустрација за она штоможе да се очекува од новиот материјал – стилска шареноликост без никакви предрасуди и врвна рецитаторска и свирачка форма. „Чиста Околина“ конечно се вратија и звучат позрело, поискусно и полуто од кога и да е порано. Следниот сингл излегува во март, а дотогаш слушнете ја „Си играме со рапот“, велат од Филтер Лабел.