Протестен марш ќе се одржи во среда, 3 февруари, од 14:30 часот, за поддршка на сите жртви на криминалната група Јавна соба, од Министерство за внатрешни работи до Јавното обвинителство, во организација на Платформата за родова еднаквост.
„Тоа се институции кои треба да нè заштитат од насилство, но очигледно не го прават тоа. Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство.
Бараме соодветни казни за администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и с уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени.
Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик.
Бараме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции.
Неколку приведени членови и санирање на штети нема да нè замолчат. Будно ги следиме институциите и бараме сеопфатни решенија за превенција на родово базирано насилство.
Маршот ќе започне точно во 14:30 часот пред МВР, а ќе заврши пред Јавно обвинителство. И на двете локации ќе се обратиме до јавноста и институциите и ги охрабруваме жртвите на Јавна соба, доколку се подготвени, да ја искористат оваа шанса, да проговорат и побараат правда.
Овој случај е шанса за институциите да покажат дека се залагаат за женските права и во пракса, а не само декларативно.
Не смееме да дозволиме одржување на состојба во која жртвите се множат, а институциите молчат и потфрлуваат во извршувањето на својата функција, бидејќи држава која не постапува, е држава која силува!
Маршот е организиран од Платформата за родова еднаквост и ќе ќе ги почитува протоколите за безбедност.
Ќе носиме маски и држиме дистанца, а адекватен број на редари ќе се погрижат тоа да биде така од почеток до крај на маршот“, известуваат од Платформата.
Рута:
Од Министерство за внатрешни работи, преку бул. Јордан Мијалков, бул. Кочо Рацин и Кеј Димитар Влахов до пред Основно Јавно Обвинителство.