Одржливата мода, иако бавно, станува мејнстрим на модните недели, а дизајнерите се обидуваат на повеќе начини барем малку да покажат еко-свест, дали преку материјалите, преку испраќање порака и модни ревии што се јаглеродно-неутрални, со ЛЕД-светилки и без пластични шишиња за посетителите. Следниве четворица дизајнери веќе се добропознати по своите заложби за одржлива мода, а не разочараа ни на последните модни недели за колекцијата есен/зима 2020/2021.
Ричард Малон
Ричард Малон е дизајнер со години целосно посветен на одржливоста. Неговата најнова колекција претставена на лондонската недела беше декларација за целосна транспарентност, почнувајќи од материјалите, па сè до плаќањето од минимум 25 фунти на час за локалните шивачи кои ги ангажира. Кога не рециклира или не реупотребува материјали, тој работи со ткајачи и фабрики што имаат регенеративни иницијативи, користејќи бои од органско и растително потекло без хемикалијата азо.
Габриела Херст
„Како може да се направи ѓубрето убаво?“ е предизвикот што си го постави Габриела Херст сезонава. Минатосезонските кашмирни палта ги обнови со нова ознака Retrofit, а користеше и бали од рециклирана хартија на модните писти во Њујорк. Таа постојано се позиционира како носител на новите стандарди за одговорен луксуз. Нејзината есенска колекција исто така ја покажа и нејзината експертиза во кројачкиот занает, горната облека и богатите хипи-додатоци.
Џонатан Коен
Иако одржливата мода можеби е новитет за некои дизајнери, Џонатан Коен употребува еколошки материјали во неговите субверзивни и ексцентрични дизајни уште од 2011 година. „Нашата мисија е едноставна, сакаме да правиме убави и луксузни производи на најодговорен можен начин. Оваа колекција ја слави умеренета консумација и индивидуалноста“, рече Коен на модната недела во Њујорк. Неколку парчиња од неговиот проект „Студио“ беа стилизирани со новата есенска колекција како палта со крпеници од други неискористени материјали.
Бетани Вилијамс
Есенската колекција на Бетани Вилијамс за машката модна недела во Лондон беше силна мешавина од унисекс-изгледи што ги одредуваат трендовите за сезонава. Колоритна и впечатлива, за оваа колекција Вилијамс соработуваше со добротворната организација „Проект Мегпај“, која поддржува над 400 мајки и 500 деца во последниве години со фокус на тоа привремените сместувања за мајките и децата да не бидат трауматични. Добитничка и на наградата за британски дизајн „Кралицата Елизабета Втора“, Вилијамс, освен по модата, е позната по нејзиниот активизам, општествена и социјална работа, а одржливоста во модата ја покажува преку рециклирани и повторно употребени материјали.