Модната дизајнерка Росица Мршиќ ја претставува својата најнова колекција “Colorscape”, работена во вонредни изолациски услови, која носи нов свеж бран на бои и форми. И со оваа, 23та колекција по ред, доследно ги пласира и ја усовршува нејзината естетика со своите лимитирани, современи и автентични колекции на домашниот и интернационалниот пазар, и се обраќа на вистинските љубители на дизајнот. Брендот креира облека со емотивна вредност и трајно квалитетни парчиња што клиентите ги носат секој ден со уживање, а стилот излегува од рамките на трендовите и диктира нови храбри изрази.
Новата колекција е инспирирана и разработена по принципите на апстрактниот класицизам или ‘hard-edge’ сликарство, чии зачетоци се во 50те години на минатиот век во Калифорнија, САД. Дефинирани рабови, апстрактни геометриски форми, индустриски сензибилитет, интерпретација помеѓу рамнина и длабочина во пулсирачки бои и форми која е конструирана во слоевит пристап кон композиција се принципите по кои е работена оваа колекција. Колекцијата е одговор на новата реалност и потребите кои ги живееме: нуди ведро и позитивно чувство, отсликува релаксираност и потреба за разиграност, а ја носи препознатливата лесна софистицираност и изгладена естетика на дизајнерката. Силуетата е опуштена и мека, изработена од фини и деликатни материјали, носи графичност и апстрактни форми во својот крој, како и јасно дефинирани геометриски линии преку кои се спојуваат контрастните бои во планирана композиција. Како и секоја колекција акцент е ставен на “statement” фустани по кои е препознатлива дизајнерската работа на Росица Мршиќ. Колекцијата се состои од различни ‘day to night’ комбинации кои можат да бидат стилизирани во повеќе насоки: спортски, елегантни и софистицирано кежуал. Дизајнерката се охрабри да внесе колорит во оваа колекција и да создаде изглед кој лесно и удобно се носи. За дополнување на изгледот изработени се марами со комбинирани впечатливи бои со авторски принт на дизајнерката, кои ја заокружуваат идејата на колекцијата.
Брендот Росица Мршиќ со секоја модна колекција го продолжува својот креативен предизвик и препознатливост во изразот, а во суштина е базирана на принципите на одржлива мода и „slow fashion“ која претставува висококвалитетна мода за уживање на одговорен и одржлив начин. Тоа што го прави брендот препознатлив е создавањето на уникатна облека која се носи и трае долго, со фокус кон одржливост и етичко и фер однесување во целиот процес на производство. Со применување на уметноста на изработка и посветеноста кон секој детаљ и секое парче облека, преку артизанските вештини на изработувачите и автентичноста на дизајнот, студиото на Росица создава мода по мерка која допринесува кон одржливоста на модната индустрија, се грижи за животната средина и создава космополитски модни парчиња во кои секој ќе биде забележан.
Фото: Бисера Поповска
Модел: Софија Симоновска, Моделс Ин
Шминка: Јована Коциќ
Обувки: Boutique_via