Фабрики, стари ресторани и културни објекти, спортски сали и стари згради се во истата состојба со години. Напуштени и запуштени, со нивното распаѓање претставуваат закана и за животната средина и за граѓаните, а често се и мета на уште поголеми оштетувања од вандализам. Вакви објекти има низ целата земја, а често не ги ни забележуваме кога поминуваме покрај нив. Но, надеж за нив има од младите што поттикнуваат иницијативи, прават проекти, формираат здруженија и го акцентираат ова прашање. Затоа се соочуваме со голем број проекти за ревитализација, обнова и пренамена на старите објекти, дел од нив поддржани од локалните власти. Идејни решенија, конкурси и инцијативи, меѓу другите, има за „Треска“, Дом на култура „11 Октомври“, сала „Партизан“, фабрика „Купрум“, како и за старото кино „Партизан“ во Битола. Целта е да се добијат места кои ќе станат корисни за општеството, за младите, за поддршка на настани, работилници и место каде што младите ќе можат креативно да се изразат себе и своите идеи. Од друга страна е урбанистичкиот хаос во кој запаѓаат градовите, особено Скопје, со наездата од нови згради и заземање нови празни простори и јавни површини кои доколку би се разгледале од поинаква перспектива, би можеле да бидат искористени на друг начин наместо да станат деловни или станбени згради.
Со цел да се поттикне свеста и да се поддржат досегашните иницијативи за пренамена на старите објекти, поразговаравме со архитекти, претставници од здруженија и млади луѓе кои во свои раце ја земаат иднината на градовите, преку нови идеи и волја за пренамена и обнова на веќе постојни, запуштени простори.
„Културно ехо“
За здружението „Културно ехо“ и неговите иницијативи и проекти за ревитализација и пренамена на напуштените објекти, меѓу кои е и фабриката „Купрум“ во населбата Хром, ни појаснија Симона Димковска (основачка и претседателка), Кристијан Караџовски (член на управен одбор) и Ивона Крстеска (основачка и секретарка).
Нашето здружение е формирано од група луѓе од различни професии, меѓутоа, како доминантна професија се провлекува архитектурата. На едно наше патување во Барселона забележавме дека таму оваа ситуација со напуштените објекти се решава по пат на пренамена и нивна повторна реупотреба за општо добро на граѓаните, а инспирацијата ја добивме од La fбbrica, ревитализирана и пренаменета стара фабрика за цемент во архитектонско студио и дом на архитектот Рикардо Бофил. По одредени дискусии и анализи на она што се случува кај нас во Македонија во оваа сфера, дојдовме до заклучок дека ние практично сме опкружени со напуштени објекти кои одамна ја изгубиле својата функција, а денес станале закана за природата и безбедноста на тие што живеат во нивна близина. Одлучивме да го основаме здружението „Културно ехо“ и да почнеме со проектот „Напуштени можности“, чија главна тема е почнување иницијативи за ревитализација и пренамена на напуштените објекти. Иницијативата за пренамена на „Купрум“, стара напуштена фабрика за обработка на хромова руда во населбата Хром, во општина Ѓорче Петров, е првата наша активност, почната преку одржувањето на културно-едукативниот настан во ноември минатата година со граѓанска еко-акција во дворот на фабриката. Фокусот е кон прогласување на „Купрум“ за прв заштитен објект како индустриско културно наследство во државата. Поради автентичната архитектура и неискористените просторни капацитети, решението го гледаме со негова пренамена во Студентски град на културата, кој е и повеќе од потребен и е стратешка цел на нашата држава. По јавното излагање на отворениот ден за граѓански иницијативи во Влада на РМ добивме позитивен одговор од Министерството за образование и наука и Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, како и поддршка од младински и граѓански здруженија, активисти и жители на населба Хром, во процес сме и на потпишување меморандум за соработка со општината Ѓорче Петров. Особено е важно да се препознаваат ваквите напуштени објекти бидејќи цело време ги имаме во непосредна близина, често и поминуваме покрај некој таков објект, а не сме ни свесни за тоа. Од таа причина креиравме „Дигитална мапа на напуштени објекти“, која е поставена на нашата веб-страница и до неа имаат пристап сите заинтересирани граѓани. Се надеваме дека мапата ќе поттикне и други иницијативи за ревитализација на објекти. На младите најмногу им се потребни објекти од културен карактер, објекти за развивање на креативните индустрии, објекти каде што ќе може своеволно да се собираат, организираат и дружат и каде што ќе ги презентираат и развиваат своите идеи. Со транспарентни дебати и развивање иницијативи какви што всушност „Културно ехо“ почнува треба да се поттикнуваат младите да размислуваат во насока на нивно дејствување во општествената стварност и учество во креирање на локалните и националните стратегии и политики.
Операција „Кино Партизан“
Операција „Кино Партизан“ е екипа од педесетина луѓе кои со поддршка од НУ Народен театар Битола, под чие раководство е објектот, се собрале да го средат пет години напуштеното и запуштено старо кино. Во акцијата средиле 600 квадратни метри од киното, коe планирале да го користат за културни настани, изложби, проекции… Во меѓувреме се соочиле со кражба на целата опрема која ја користеле за чистење и средување на просторот. Откако почнале да собираат средства за покривање на загубите, се соочиле со нов проблем, почнале да ја губат поддршката од театарот, кога сакале формално да ја уредат соработката. На социјалните мрежи го активираа хаштагот #ОперацијаКиноПартизан и преку отворено писмо ја раскажаа нивната приказна и трудот кој го вложиле за да заживее просторот. За оваа иницијатива ни раскажа Исаја Карадаковска, дел од екипата на операција „Кино Партизан“.
Старото кино „Партизан“ првпат се спомена на проекција на дебатното кино „Контра Кадар“, каде што младите битолски скејтери зборуваа за потребата од затворен простор каде што ќе можат да возат, а на тоа се надоврзаа други актери на независната културна сцена, по што направивме план за акција. Почнавме скромно за да видиме до каде ни е чергата и колку можеме да се носиме со средување на еден таков голем простор, за ентузијазмот да вроди со плод и со тоа да се ангажираме посериозно за оспособување на просторот за нашите потреби.
Идеално, просторот сакаме да го пренамениме во сеопфатен културен центар кој би ги удомил сите млади музичари, уметници, поети, скејтери и други активни чинители во културата и пошироко, истовремено организирајќи гостувања од земјата и од странство. Сметаме дека на Битола ѝ е потребен слободен простор за изразување на младите, со програма фокусирана на нивните потреби, без товарот на профитабилностa. По јавните постови и официјално барање за состанок до НУ Народен театар – Битола имавме состанок со театарот, на кој начелно ни беа прифатени основните барања. Сега сме сконцентрирани на организирање настани за собирање средства, за да ги закрпиме штетите нанесени од кражбата, па да можеме да продолжиме со средувањето на просторот. Следете нè периодов на социјалните мрежи за повеќе информации околу ова. Нашиот пристап се базира на директна акција и сметаме дека токму тоа е вистинскиот начин за спас на овие простори, земање на работите во свои раце и градење на она што ни е потребно со сопствен труд, без да чекаме да ни биде овозможено од некој отстрана. Има многу такви простори низ Македонија, кои се наоѓаат во ситуација слична на киното „Партизан“, токму поради негрижа од страна на властите. Сите вакви простори се прекрасни, особено стабилни од аспект на градежните капацитети и можат да служат за многу работи наместо неправедно да пропаѓаат. Може да се користат за што и да ѝ е потребно на самата заедница и сметаме дека баш така треба да се носи одлуката за нивната пренамена, непосредно, од страна на засегнатите граѓани. За ваквите иницијативи да успеат, најпотребни се волја, самоиницијатива и малку сонување, а младите се баш тие што ја имаат потребната комбинација на овие неколку квалитети, така што тие дефинитивно се оние што можат да ги ослободат и пренаменат просторите што пропаѓаат.
Мартина Штериова, МАРХ
Со појавувањето на „МАРХ“ (Македонска АРХитектура) добивме целосна слика и постојан поттик за развој на домашната архитектура, истакнувањето на современата продукција, давањето простор на младите таленти и споделувањето информации и литература, нешто што изостануваше во нашиот информативен простор. Мартина Штериова од „МАРХ“ ни образложи колку е важно да им се даде шанса на напуштените објекти да станат корисни за општеството и да добијат соодветен третман.
- Оживувањето на напуштените простори значи оживување на општеството. Атмосферата што се создава преку тие напуштени простори се состои во нераскинливиот однос помеѓу индивидуалното и колективното, така подигнувањето на свеста кај граѓаните и соодветното тековно информирање се од големо значење. Сметам дека сме на добар пат, но сепак треба да целиме кон нештата со поголем став без да бегаме од реалноста, особено кога ќе дозволиме да надвладее индивидуалното. Главната причина за постоењето на „МАРХ“ е токму таа, недостигот на современото тековно архивирање и неискористувањето на потенцијалот што веќе постои, а треба да биде во корист на одржување на самодовербата во домашната архитектонска сцена. Промоцијата на домашната сцена преку вредни примери, истакнувањето на современата продукција, давањето простор на младите таленти и споделувањето информации и литература се наша цел. Од друга страна, јавноста, надвор од архитектонските кругови, немаше простор од кој можеше да црпи информации од едукативна природа и така, за жал, забораваме дека архитектурата е за сите нас. Во целиот тој хаос дополнителниот медиумски пристап придонесе за поголемо извртување на реалноста и креирање фрустриран табор без достоинствена дискусија. Активизмот значи дека има желба за позитивни промени, така што треба да сме свесни за големото значење што го носи со себе зборот „активизам“ како зачеток на промена кон подобро, но во никој случај не треба да забораваме дека архитектурата и урбанистичкото планирање не се активизам. Зад тоа стојат истражувања кои треба да доведат до достоинствено преземање чекори, и тука би ја цитирала Џејн Џејкобс која вели: „Луѓето прават градови, не згради“. Доколку се насочиме кон градот како целина, ќе им дадеме можност на напуштените простори да се вовлечат во нашата перцепција, каде што им е местото. Постојат напуштени простори кои со себе носат некоја меморија, наслојување на искуства низ времето. Скопје и другите градови во Македонија имаат вредни примери кои бараат соодветен пристап. Би ги посочила актуализираните објекти, за кои има тенденција нешто да се промени, такви се фабрика „Треска“, Дом на култура „11 Октомври“, сала „Партизан“, фабрика „Купрум“ итн. Надвор од Скопје би ја споменала Топилница за олово и цинк „Злетово“ во Велес, како многу сериозна тема. Постојат многу иницијативи што придонесуваат кон подигање на свеста, тука би ги споменала „Културно ехо“ и многу други платформи што работат на оваа тема.
- Младите можат многу и ним треба да им се даде простор за активно да се изразуваат и да ги промовираат своите идеи. Секој простор сам по себе е значаен на различен начин, тоа значи дека зад тоа што го гледаме постои заднина која треба соодветно да се разгледа и истражи. Секој од нас прави споредби со градови надвор од државава, па првите впечатоци се дека ни требаат повеќе паркови, зеленило, објекти од културата итн. и тоа е во ред, но тука има многу околности што доведуваат до отворени прашања кои сè уште лебдат во воздух во потрага по одговори. Прво треба да го средиме односот кон себеси, за потоа да бидеме спремни да го одразиме истиот тој однос кон културолошките процеси. За жал, Скопје во себе манифестира деструктивни културолошки процеси на нездраво и небезбедно живеење. Токму тоа треба повеќе да нè мотивира да бидеме свесно активни, затоа што само така чекориме кон подобро утре.