Понекогаш може да биде навистина тешко да им најдете место во тоалетот на сите работи што ви требаат, почнувајќи од крпи, па сè до производи за убавина, шампони, чешли и средства за чистење. А кога просторот е мал, сето тоа изгледа нафрлено и без ред и често не можете да се снајдете каде ви се неопходните работи за да го почнете денот. Овие неколку идеи би можеле да ви помогнат да добиете повеќе простор за сите работи што ви требаат во тоалетот.
Дрвена скала
Дрвена скала може да послужи и како полица, а не зазема многу простор. На овој начин можат да се наредат крпите, кремовите за лице или приборот за туширање.
Полици
Ако во вашиот тоалет нема многу простор на подот, тогаш искористете го високиот ѕид и поставете тенка и висока полица, а ќе се изненадите колку работи може да собере.
Стаклени тегли
А зошто да не ги искористите старите тегли во тоалетот? Освен што ќе ви дадат и декоративен изглед, совршени се за чување на памучните туфери, четките за шминкање или памучните стапчиња.
Фиокари
Вообичаено никој не сака средствата за чистење да му бидат во видокруг, а во мал тоалет тоа понекогаш е неизбежно. Изберете кремави и бели нијанси на фиокари со рустични детали што ќе го освежат просторот и нема да го стеснат уште повеќе.
Плакар на влечење
Во просторот под или до лавабото ставете плакар што ќе има посебен дел на влечење, како што често има во кујните. Така ќе заштедите простор, а сепак ќе има каде да ги наредите сите шминки, додатоците за коса, чешли, па дури и фенот.
Преносни полици
Во некои тоалети дури и најмалата фиока може да биде преголема и да изгледа гломазно. За минималистички, а сепак функционален дизајн наједноставни се тенки и ниски преносни полици што можат да се стават каде било.