Балерината Ивана Коцевска често ја гледаме на сцената на Националната опера и балет. Со неа поразговаравме, секако за балетот, но и за нејзината пасија воопшто кон танцот без разлика дали се работи за класичен балет или модерен танц.
Со оглед на состојбата со карантинот и откажувањето на претставите, како се одржувате во форма периодов бидејќи професија како вашата бара одржување на постојаност на формата и кондицијата на телото?
Во моментот кога се објави кај нас дека е стигнат вирусот, признавам дека ме фати паника бидејќи имам алергиска астма и сум на редовна терапија со кортико, одлучив да се изолирам насело. Искрено добро ми дојде изолацијата и паузата од театарот, сцената, работата, бидејќи имав прилично напорен и набиен распоред од летото па сè до 31 декември. Следев по социјалните мрежи како буквално сите се форсираат со вежбање по дома, а јас одлучив да си дадам време да си дојдам на себе, да се соочам со состојбата во која се наоѓаме, да се преиспитам за сè она досега што ми се случуваше и да донесам некои одлуки во врска со мојата работа. По одредена стагнација имав можност да се придружам на Zoom часовите организирани од Кино Култура под наслов „Култренинг“. Одлична можност да пренесам дел од своето искуство со оние кои не се професионални танчери и воедно да започнам со базични вежби за да го подготвам сопственото тело за посложени вежби. И конечно имав слободно време да после многу години се искачам на врвот на Водно и редовно да го практикувам тоа како кардио тренинг. Почнав и со стандардните балетски часови по дома, среќа имам простор за тоа.
Колку е тешко да се стане балерина кај нас, дали се тешки критериумите, што е потребно?
Искрено, сметам дека кај нас не се доволно строги критериумите, но секако и не е едноставно да се стигне до работна позиција во Националната опера и балет. А доколку се успее, тогаш потребно е да се работи посветено за да се напредува , да се работи на усовршување на техничката изведба и секако индивидуалниот уметнички израз за кореографите кои одлучуваат кои ќе ги толкува улогите во нивните претстави да ве забележат.
Која претстава досега била најголем предизвик за вас? Дали додека сте биле мала или денес имате балерина идол или некоја на која и се восхитувате особено?
Досега најголем предизвик ми беше претставата „Конзерваториум“ од познатиот дански кореограф А.Бурнонвил, чиј стил е многу различен од оној на руската академска интерпретација на балетот. И секако самата кореографија која изискува исклучително кристална, чиста балетска форма, техника и контрола над сопственото тело. Бев пресреќна што соработувам со реномираните балетски уметници/педагози/репетитори од Данскиот кралски балет, Ева Клоборг и Франк Андерсен кои ни ја пренесоа маѓијата на Бурнонвил. Научив многу од нив и благодарна сум што веруваа во мене, иако имав доста сериозна повреда на ногата во тој период. Идол ми е Наталиа Макарова, но со годините постојано се појавуваат нови прекрасни и инспиративни
девојки од кои, верувам, сите мои колеги учат и се инспирираат.
Дали покрај класичниот балет практикувате и модерен танц или поинаков танцов перформанс и кој е последниот проект таков на кој сте работеле?
Секако, сакам да го практикувам танцот во сите свои форми, особено ме привлекувал модерниот танцов израз почнувајќи од техниките на Марта Греам, Лимон па се до современите кореографски имиња како Форсајт, Галили, Килијан, Матс Ек, дуото Лајтфут/Леон, Дејвид Досон, легендарниот Екман и многу други. Отсекогаш сум ја истражувала сопствената телесна изразна естетика и сум експериментирала со форми и простори. Затоа и моја голема љубов е кореографијата. Почнав со едно мало соло, преку повеќе мали проекти и соработки со прекрасни уметници стигнав до реализација на мојот прв голем проект „Метаморфоза“. Последно нешто ми беше мојот најнов проект „Кинтсуги“, кој ја доживеа својата премиера во МКЦ на „Десонанз“ фестивалот и мојата последна кореографија на трио МОМЕНТУМ за прославата на 70 годишнината на Македонскиот балет во декември 2019.
Каде имате настапувано низ годините и дали имате некоја неостварена желба да настапувате на некоја светска балетска сцена?
Имав среќа да одам на специјализација во Националната опера на Украина во Киев, потоа да настапувам низ цела Италија со македонскиот балет, Њујорк, да работам како солист во националниот балет на Словенија во Љубљана, Германија (Вурцбург, Фленсбург) Португалија, настапи на гала вечери и претстави во Букурешт, Прага, Торино, Фленсбург и многу други. Голема желба и цел имам сега да се посветам на кореграфија, нови дела и пренесување и изведба на истите на повеќе фестивали во светот. Имав големи планови за сезоната 2020/2021, но како и на сите, ковид -19 ми ги пролонгираше плановите. Моментално работам на нова премиера , за која добив поддршка од Министерството за култура, со наслов „ДИЈАЛОЗИ“.
Кој дел од телото страда најмногу во балетот, дали се тоа нозете? Како се подготвувате физички и психички пред да излезете на сцена?
Порано мислев дека тоа се нозете/стопалата/зглобовите, но последниве години се соочувам со сериозни повреди на ‘рбетниот столб, да бидам попрецизна дископатија, ишијалгија. Последица
од тврд и несоодветен балетски под, сцена и ектремно форсирање на телото во време на болка и помала повреда. Се надевам дека кај нас ќе се подобрат сценските услови за доброто на здравјето на балетските уметници. Процесот на подготовка пред излез на сцена започнува уште од првата проба за претставата, а на ден на претстава четири часа претходно, се подготвувам со вежби за загревање, шминка фризура и преку тој процес ментално се насочувам кон состојбата на улогата која треба да ја толкувам и секако проверка на одредени сложени технички и актерски елементи.
Како се опуштате во слободно време, како се релаксирате?
Ме опушта природа – планина, езеро/море, дружба со блиските кои искрено ме сакаат и ги сакам (роднини,пријатели) друштвото на моите миленици, бидејќи нивната љубов и позитивна енергија го подигнуваат нивото на мојата.
Што може да им препорачате на младите балерини, на што да внимаваат, на што да обрнат особено внимание при учењето балет?
Моите ученички од државното балетско училиште постојано ги потсетувам дека иако балетот е мазохистичка професија, треба навистина искрено да го сакаат и да работат на себе да бидат подобри и свесни за своите недостатоци за да ги пренасочат во позитивни одлики и постојано да ја усовршуваат балетската техника. И кога ќе се почувствуваат сигурни и стабилни да се ослободат и да уживаат во танцот, во било која форма. Пред сè да не се откажуваат од предизвиците.