Основачот на легендарните „Мизар“ и „Архангел“, музичарот Ристо Вртев зад себе има неверојатно искуство во создавање музика што допира до многу генерации. Посветениот уметник на рокенролот и познат текстописец и изведувач во своите песни секогаш е брутално искрен, а за себе вели дека се соочувал со исусовски дилеми, како да се справи со сопствените слабости и да одолее на предизвикот да се занимава со нешто поедноставно и полесно од тоа да биде „рокер“ во Македонија.
Зад себе имате многу години искуство, богато творештво, четири албуми со „Архангел“, концерти, настапи во живо, награди… Дали сметате дека се променивте и созреавте и како човек и како музичар низ сите овие години и дали нешто би направиле поинаку во вашата кариера од сегашна гледна точка?
Созревањето доаѓа со искуството, преку искуството таложиме знаења што ни се од корист, доколку ги примениме, пред сè, врз себеси. Така се изградуваме како личности, како луѓе со интегритет. Но, во творештвото знаењата неретко се неупотребливи, затоа што не ограничуваат во играта, што, пак, е есенција на креативноста. Во таа сфера препуштени сме сами на себе и таму логиката на реалноста во која егзистираме не е применлива. Како ќе ве перципираат и вреднуваат другите, не е нешто со кое би требало да се занимаваме.
Во едно интервју имате споменато дека сте растеле сo театарска заднина, вашите родители работеле во театар, па сте имале можност да растете со многу уметници во вашиот дом. Што ве повлече кон рокенролот и дали имаше некакво влијание начинот на растење со изборот на вашата кариера како музичар?
Театарот како форма обединува луѓе од различни провениенции, режисери, актери, ликовни уметници, литерати… исто така и луѓе од политиката и интелектуалниот естаблишмент, како и новинари и разни менаџери во културата. А театарското бифе, пак, е приказна сама за себе. Сум бил сведок кога претставите што се случувале во театарското бифе биле поинтересни отколку оние на сцената. Да растете во таква средина ви овозможува да се запознаете со нешта што нема да ги научите во училишните клупи. Кога се определував со што ќе се занимавам во животот, увидов дека се чувствувам многу ограничено во рамките на институциите. Беа премногу инертни и не го следеа современото на начин на кој го доживував јас. И тоа би била главната причина зошто се определив за слободна професија, поконкретно за рокенролот како форма на изразување.
Која е најконструктивната критика што сте ја добиле низ вашата кариера, и како музичар и на приватен план?
Од конструктивните критики би ги издвоил добронамерните укажувања дека не умеам да го премолчам она што навистина го мислам и дека сум непоправлив идеалист.
Со каква музика го поврзувате вашето детство, што слушавте додека растевте, дали имавте идоли?
Првите сеќавања ми се поврзани со фестивалите на забавна музика. Но, она што навистина ме извади од панталони е звукот на електричната гитара и во мојата перцепција тоа е звукот на електричната енергија, што всушност го движеше векот што измина. Сега, пак, присуствуваме на трансфер на аналогниот сигнал во дигитален домен и компјутерскиот чип допрва ќе го каже своето во сите области на човековото живеење, па следствено и во уметноста. Инаку, мојата лектира е многу широка. Никогаш не сум се ограничил само на еден звук. Од шлагерската музика, инфантилниот поп, диското, соулот, фанкот и ритам и блузот, па сè до она што најмногу ме интересирало – а тоа е рокенролот, џезот, електрониката и класичната музика. Никогаш не сум развивал идолаторски однос кон никого, оние што сум ги почитувал сум ги ценел, пред сè, преку нивните остварувања што ме инспирирале и од кои сум имал што да научам.
По последниот албум во 2003 година, „Небесна машина“, во 2018 година „Архангел“ излезе со нова песна и видеоспот за „Пинокио“. Која беше причината за толкава пауза од 15 години, дали баравте инспирација за нови песни?
Никогаш не сум имал творечка криза или недостаток на инспирација. Имам песни за околу три долгосвиречки проекти, триесетина на број. „Пинокио“, како и претходните, „Пиф паф пуф“, „Човек меѓу деца“, „Везилка“ итн. ги снимив онака, колку да си ја проверам формата. Во мојата глава се наоѓа наследникот на „Небесна машина“, но никогаш не се создадоа услови да го реализирам. Или немав адекватна постава на музичари или, пак, немав финансиски средства, а во такви услови не можете да остварите творечки подвиг. Искрено, по речиси 40 години активна кариера, ми беше срам да објавам албум во аматерски услови.
„Архангел“ е синоним за македонскиот рокенрол, речиси сите ги знаат напамет „Архангел“, „Превез“, „Молк“, „Чудесен свет“, „Über Makedonische“… Да се вратиме наназад во 1988 година, кога ја основавте „Архангел“. Како се случи основањето на групата и кон што стремевте?
Како се случи „Архангел“? Собрав музичари, инвестирав сопствени средства во реализацијата на моите проекти и си ветив дека ќе направам три албуми, а потоа ќе размислувам како понатаму. Се случи и четвртиот, а јас сè уште размислувам како понатаму.
Голем број од песните на „Архангел“ се поврзани со општествените случувања од транзицијата, меѓучовечките односи, вредностите, љубовта… Вие сте текстописецот, па колку сметате дека имаа влијание песните на публиката и воопшто на културата во осумдесеттите и деведесеттите, па и денес?
Сè уште сме заглавени во т.н. транзиција, така што моите песни не изгубија ништо од актуелноста. На моите настапи гледам луѓе од мојата генерација, па сè до најновите генерации.
За влијанијата навистина не знам, не се занимавам со тоа, но мојот впечаток е дека преку песните споделуваме нешто заедничко. Дека не сме осамени во овој свет, кој ја загубил својата морална и етичка суштина и чувството за правда, тоа се универзални категории, а тоа е токму она што ги одвојува луѓето и животните.
А, каква „критика“ вие би дале на вашите песни од денешна перспектива?
Моите песни живеат меѓу луѓето од повеќе генерации. Стојам мирно пред тој факт.
Денес, сè повеќе гледаме млади кои творат во алтернативниот свет, се обидуваат да излезат од „вообичаеното“, да понудат нешто ново, а квалитетно. Дали сметате дека се движат во правилна насока и што им недостига за да допрат до поголем број публика?
Слично беше кога почнував и јас. Влијанието на поп-културата врз секоја генерација е огромно, голем дел од младите се обидуваат и самите да се пронајдат во тоа. А новото е во секоја следна генерација. Оние помладите сакаат да се разликуваат од претходната генерација. Тие ги бараат одговорите на предизвиците на своето време, кое е нивно. Сета оваа сфера ја придвижуваат најталентираните во генерацијата на која ѝ припаѓаат. На преостанатите им преостанува да го следат нивниот пример. Оние што ќе ги пронајдат одговорите на предизвиците на своето време, ќе ги придвижат нештата надвор од баналноста на времето што го живееме.
Колку може од ова време сега, од оваа глобализација, брзање и достапност на секакви информации да се извлече емоција и да се создаде квалитетна музика, да се покаже креативност?
Емоцијата во вака конституиран свет е нешто што треба да го потиснете за да бидете во играта за да направите некаква кариера. Меѓутоа, кога човек ќе ги потисне емоциите, тие му се враќаат „како казна, како горка измама“. Кога ќе ја игнорирате вашата душевна конституција како човечко суштество, вие се одредувате себеси како половина човек. Ние сме производ на љубовта и треба да го имамe тоа на ум. Без тоа човекот се претвора во механичко суштество. Затоа, мислам, емоциите денес се скапоцени и се најдобрата валута да издржите во времето во кое живееме. Емоцијата не треба да ве поразува, напротив, таа треба да ве мотивира.
Настапите на „Архангел“ секогаш се запаметени, рок-спектакли, а добивте и награди за најдобри настапи во живо, настапувавте и со Македонска филхармонија, минатата година и на „Д-фест“… Како се чувствувате кога и во живо, од каде ја црпите енергијата?
Од одговорот на претходното прашање. Толку многу ги засакав музиката и лириката, што ми го определија животниот пат.
Опстанавте како бенд од 1988 година, што е реткост во денешно време. На што сметате дека се должи тоа да поминете толку предизвици и промени заедно и колку е важна сплотеноста и правилната комуникација меѓу членовите во бендот? Какви планови имате со „Архангел“ за идни проекти со оглед на тоа што минатата година ја издадовте „Пинокио“?
Помеѓу првата и последната постава на музичари во „Архангел“ нема ниту еден заеднички член. Не е лесно да се издржи на патот по кој чекорам, така што на оние што не се веќе со мене немам што да им замерувам. Верувајте, сум се соочувал со исусовски дилеми, како да се справам со сопствените слабости и да одолеам на предизвикот да се занимавам со нешто поедноставно и полесно од тоа да бидам „рокер“ во Македонија. Но, ете, интересот на публиката ми ја даде потребната енергија да го совладам предизвикот на личниот комодитет и да издржам на сопствениот пат, а тоа е патот на онаа Сеопфатна љубов. Ете затоа сè уште „Архангел“.