„Училница“ е онлајн платформа за учење на деца и млади, каде што технологијата, иновацијата и уметноста се среќаваат со талентот и бескрајните можности. Марија Зафирова основачка на „Училница“ вели дека училниците функционираат според методологијата STEAM (Science, Tech, Engineering, Arts and Mathematics) и нивната цел е да ја зајакнат основата на училишните програми, па со тоа се подобруваат вештините за критично размислување и се препознава пресекот на уметноста, науката, технологијата, инженерството и математиката.
„Целта е да се изучат алатки и методи за да истражување нови и креативни начини на решавање проблеми, прикажување на податоци, развој на иновации и поврзување информации од повеќе полиња. Нашиот императив е да ги олесниме средините за учење преку интердисциплинарност, повеќеслојна анализа, динамичност и релевантност. Поделени се по возрасни групи т.е. училници за мали од 5 до 9 години кои траат 1 месец, училници за деца од 10 до 14 години и училници за млади од 15 до 18 години кои траат 3 месеци“, вели Зафирова.
Дополнително влијание на училниците со ваквиот пристап е тоа што се дава можност самостојно да се пронајде својата улога во колективот додека се осознава светот преку самостојна работа. Преку посебно создаден наставен план за секоја од образовните сфери, но и преку ментори што нудат современа и повеќеслојна перспектива во создавањето, образовното искуство овде претставува решителен став кон развивање на критичката мисла. Произоводот е составуван со детски психолози.
„Ние веруваме дека секое дете и секој млад човек поседува уникатен состав на таленти и способности, кои единствено со внимателно и правилно менторство може да ги трансформираат идејата во реализација и невозможното во остварливо. Методологијата е базирана на 4 основни принципи: слушање, охрабрување, оспособување и ангажирање. За нас, ова значи дека слушаме, се ангажираме, ги охрабруваме, оспособуваме и комуницираме со нашите ученици. Веруваме дека една личност може да придонесе за многу глобални промени преку инвестирање, препознавање и негување на она во што сме добри. Освен колективните училници, нудиме и приватни училници каде часовите се одвиваат еден на еден со менторите. Децата учат да бидат флексибилни и да се прилагодуваат на менување на ситуациите, да стекнат самодоверба, да имаат предност на училиште и полесно да учат и да ја развијат својата емоционална интелигенција. Крајно, децата се ангажирани во уметничка и технолошка сфера уште во ран развој, па ги спремаме за светот кој станува сè покомплексен, во кој успехот не произлегува само од она што го знаетe, туку и од она што може да го направите со тоа што го знаете. Компаниите веќе имаат потреба од кадар што има сосема поинакви способности и вештини приспособени на современиот тек на живеење“, објаснува Зафирова.
Часовите се одвиваат онлајн, преку самата платформа која е дигитализирана и автоматизирана во целост и оспособена за ваков вид на образование. Регистрацијата е едноставна, на самиот сајт, овозможено е и онлајн плаќање.
„Идејата за Училница постои одамна, од 2011 година кога со со „Театра“, меѓу другото, имавме и неколку работилници што траеја неколку недели. Токму на тие работилници се разменуваа знаења и истите до денес даваат резултати. Соработниците и учесниците, кои во тоа време беа тинејџери, сѐ уште комуницираат и денес, навраќајки се на искуството добиено преку дебатирање и споделување на моменталната животна околност. Тие тинејџери денес се дипломци на академии, актери, режисери, книжевници, имаме и две мастер тези напишани на тема „Театра“, стипендии и студии во странство“, додава основачката.