За Милко Нестороски јавноста знае дека е млад академски уметник со неколку успешно реализирани изложби и перформанси зад себе. Но она што јавноста не го знае за Милко е дека е ретка и исклучително, ама исклучително интересна личност и уметник во секаква смисла на зборот. Кој го запознал знае на што мислам, а кој не го запознал – трк во Струга во неговото ателје каде со гаранција ќе имате супер разговор. Сигурна сум дека меѓу другото ќе ви раскаже и околу поврзаноста на физиономијата на човековото тело со карактерот на човекот. Ако не ви каже сам – прашаjте го : ) Милко… Good luck with that!
Милко ни одговори на неколку прашања. Тие подолгите одговори прочитајте ги повнимателно.
Портрети, природа, скулптури… Кажи ни нешто повеќе за различните уметности преку кои се изразуваш. Имаш посебен пристап кон секоја, или?
Општо, пристапот ми е ист во избирање на темите или како стигнувам до одлука која идеја да ја реализирам, а потоа зависно од мотивот или техниката со која се изразувам пристапот е различен, а па некои дела настанале сами или сум ги нашол. Често и секојдневни ситуации во коишто сум учествувал си ги сметам за уметничко дело со начинот на којшто сум интервенирал во нив.
Што те инспирира да твориш?
Па… Инспирацијата : D
Дали некогаш си вметнал скриена порака во твоите дела? : D
Скриените пораки барем во мојот случај секогаш се вметнуваат сами, првично се скриени и за мене, потоа постепено ми се откриваат, а штом се откријат секогаш имам чувство како сепак да сум ги вметнал со идеја.
Кога крајниот резултат не ти се допаѓа, го поправаш делото или почнуваш ново?
Секогаш работам на едно дело сè додека не ми изгледа дека не би правел ништо повеќе и тоа е крајниот резултат. Секако во процесот има и моменти кога не сум најзадоволен но кога и да сум почнал ново – на крај излегле две дела.
Твојот креативен процес би го опишал…
Досега секој креативен процес ми започнал во момент кога одредени размислувања со нивната емоционална обоеност спонтано се поврзале со нешто од мојата непосредна реалност во форма на чувство кое ги содржи сите информации или пораката што би сакал да ја пренесам во вид на дело. Бидејќи најчесто ми изгледа контрапродуктивно рационално да ја опфатам сета таа содржина, ја меморирам како чувство според кое потоа го избирам мотивот и започнува процесот на создавање во кој содржината почнува да излегува, а конкретното значење на делото речиси секогаш го дознавам откако ќе го завршам. А некогаш само наоѓам предмети или природни материјали што од моментот стануваат дело.
Која е улогата на уметниците во светот?
Според мене улогата на уметниците во светот, покрај тоа да ја рефлектираат реалноста е и да дадат свои идеи, видувања и решенија, пренесени преку визуелниот јазик. Да отворат простори кои нудат некакво доживување и да ги нахранат сетилата на останатите. Да придонесат за развивање на смислата за естетика и перцепцијата како човечка способност и да потсетуваат на соновниот свет што е нивна привилегија, а е дел од нашата реалност и е секому потребен.
Прашање кое би му го поставил на некој светски уметник?
Па од денешните не знам, ама би го прашал Ботичели како ги правел рељефните површини за неговите слики.
Кога би можел да промениш еден аспект во општеството, кој би бил тој?
Изгубената способност за благодарение и непосредна и конструктивна комуникација со другите луѓе и природата.
Која е пораката што би сакал твоите дела да ја пренесат?
Пораки поврзани со одговорот на претходното прашање, однос кон суптилните нежни нешта и појави надвор и во нас, разбирање на фантазијата како нераскинлив дел од реалноста што отвара можност за изнаоѓање на креативни решенија за проблемите со кои се соочува една индивидуа и општество.