Направете чизкејк без да ја вклучите рерната. Нов рецепт од @kokarche.
Според оригиналниот рецепт, чизкејк (cheesecake) или торта со сирење се прави со јајца и се пече.
Но, за летна сезона како нашата, секое избегнување да се вклучи рерната може да биде само бонус.
Варијантата во која најмногу се користи замрзнувачот е секако омилена на многумина во текот на целата година, па затоа овој рецепт ќе понуди лесен освежителен десерт чија подготовка е едноставна и не вклучува печење. Чизкејк може да направи секој и e одличен избор за роденденска торта.
Се состои од три слоја: основа (кора), кремаст млечен дел и завршен овошен слој.
Специфична опрема која е потребна: миксер, блендер, цедалка, тавче со ѕидови кои се отстрануваат (дијаметар 22 см), хартија за печење.
Потребни состојки:
ОСНОВА (КОРА) – дебелина 1см:
- 250 гр бисквити
- 125 гр растопен путер
- 50 мл млеко
- Прстофат сол
КРЕМАСТ ДЕЛ:
- 300 мл крем павлака (35% масленост, whipping cream) поделена на 210 мл и 90 мл
- 1+1/2 лажичка (6-7 гр) желатин во прав
- 320 гр крем сирење
- 90 гр шеќер
- 1 лажичка ванила
- Прстофат сол
ОВОШЕН СЛОЈ:
- 330 – 350 гр шумско овошје (свежо или замрзнато) – дел се остава за декорација
- 50 гр шеќер
- Прстофат сол
Подготовка:
- Прво се прави смесата за овошниот слој. Додека се подготвуваат другите делови, таа ќе се олади и ќе биде спремна да се стави на тортата.
- Овошјето се мие, се става заедно со шеќерот и солта во тенџере на среден оган и се меша додека шеќерот не се растопи. Повремено се притискаат поголемите парчиња од ѕидовите на садот за да се разгмечат.
- Смесата се става во блендер, се блендира убаво, а потоа се враќа во тенџерето (кое се мие во меѓувреме) поминувајќи ја низ цедалка за да се отстранат пулпата и семките.
- Процедената смеса се загрева на среден оган и се меша додека не се згусне. Кога ќе се добие посакуваната густина се трга на страна и се остава да се олади на собна температура додека се спремаат останатите слоеви.
- Се подготвува основата. Се мелат бисквитите и се соединуваат со растопениот путер, млекото и шеќерот. За потенка кора, количината на состојките се редуцира соодветно. Може да се користи блендер или состојките да се измешаат во длабок сад со вилушка. Смесата треба да има конзистенција на влажен песок. Се натапкува со рамно дно од чаша на обложено тавче со хартија за печење (се обложува само дното) и се става во замрзнувач за да се стегне.
- 90 мл од крем павлаката се меша на тивок оган со желатинот додека не се растопи и се остава на страна да се олади.
- Останатите 210мл павлака се матат со миксер додека не се добијат меки врвови при вадење на маталките и се префрла во друг сад.
- Во истиот сад (не мора да се мие) се матат крем сирењето и шеќерот додека не се соединат. Се додаваат ванилата и солта и се продолжува со матење. На крај се додава и смесата со желатин и се соединува со остатокот.
- Добиената смеса се меша со силиконска шпатула или лажица со зачуваната изматена крем павлака и се истура врз кората. Тавчето се удира неколку пати од работната маса за да испливаат на површина воздушните меурчиња. Се става во замрзнувач 10 до 15 минути за да се стегне.
- На крај врз кремастиот дел се истура овошната смеса. По желба се декорира со парчиња овошје.
- Пред да се послужи, тортата треба да отстои 3 до 4 часа во замрзнувач. Се сече со нож кој се чисти помеѓу две сечења со врела вода за да не се извалка белиот крем.
На здравје.