Постојано се ужасувам и згрозувам од суровата реалност дека сè уште во 21 век се врши злоупотреба на млади девојки и жени преку експлицитни фотографии и клипови кои се споделувани на порнографски сајтови и групи и дека одредена група на мажи се насладува на овој грозен чин и го поздравува згора на сè. Фактот дека живееме во време на социјални мрежи, споделувања на сите аспекти од животот со секого и можност да се живее живот отворено и без предрасуди, во никој случај не го дава правото некој да си игра со интимните, приватни моменти на споделените фотографии и видеа.„Јавна соба“, „Гевгелијаhub“, скандалот на Економски факултет со сексуални уценувања за оцени и уште којзнае колку други постојат… И ќе постојат додека не се преземат мерки, правни, психолошки и образовни.
Девојките и жените се жртви на злоупотреба, а никој не размислува за последиците врз нив од овие постапки. Третирани како сексуални објекти, нивните тела без нивна согласност се јавно достапни за насладување на машките очи, без трошка морал и етика, ниту пак почитување кон жените. Да овде, се работи токму за тоа, дека жените и денес не се почитувани од дел од машката популација, па уште и стануваат двојни жртви дека ако испратиле видео или фотографија тогаш „сами си го барале“ да бидат споделувани јавно. Несомнено дека како општество се враќаме наназад, иако можноста да учиме и да напредуваме, особено со технолошкиот напредок, е поголема од било кога. Се чини дека тешко ни е да прифатиме дека сексуалноста не смее да биде предмет на виктимизација ниту на жената, ниту на мажот, и не смее да биде искористена против истите. Разговорите за сексуалноста се уште сè табу или се срамота, и се избегнуваат како тоа да не е дел од нормалниот живот на секое човечко битие.
Како да се стигне до коренот на овој проблем кој очигледно зачестено се појавува? Од каде потребата да се објавуваат вакви содржини без согласност на девојките и жените и притоа да се омаловажуваат истите и уценуваат? Зарем до толку преовладува себичноста, потребата за ваков вид на забава, како и немањето емпатија ниту емоциoнална интелигенција?
Правни мерки не видовме за „Јавна соба“, случајот се заташка иако поттикна огромна медиумска и институционална фама. Сега се води случај за „Гевгелијаhub“ и ќе видиме до каде ќе се тера и дали одговорните лица ќе одговаарат пред правните органи. Но дури и да се добие правдата, дали тоа ќе значи крај? Чисто се сомневам бидејќи очигледно е малку доцна да се интервенира и веќе се добива впечаток во општеството дека ова е сосема толерантно и нормално да се случува.
Девојките и жените се изложени на јавноста, предмет на исмејување, напади и виктимизација што на долг рок може да предизвика тешки психолошки последици, проблеми со доверба и интимност итн… Не сум психолог за да го разгледувам ова прашање за психолошките последици но е нешто што треба да се разговара јавно и да се понуди психолошка помош на жртвите (некои од нив и малолетни) поради овие случувања.
Да се потсетиме и дека образованието е тоа што исто така треба да игра главна улога во превенција на ваквите појави. Можеби е подобро унапредувањето на образовните програми примарно да оди во насока на сексуалното образование, како младите да се заштитат од злоупотреба и булинг на интернет, што значи праќање на nudes за да не се подлегне на нечија провокација или уцена, да се биде внимателен на кого се праќа и на кого се верува, но и да се научат младите дека споделувањето јавно на вакви содржини не само што е понижувачко, нечесно и штетно, туку е и криминално дело.