„Со секоја донација сме на чекор поблиску до општество еднакво за сите“
Борче Стаменов и неговиот алтруизам се навистина реткост во нашата држава. Тој е најубав пример дека со несебична помош можеме да ги подобриме животите на многу луѓе околу нас. Од секој негов збор се гледа неизмерната љубов за својата работа и решеноста секое дете, секој човек да имаат поубав живот и непречен пристап до компјутер како главна алатка за подобрување на своето образование.
„Донирај компјутер“ е една од најдобрите иницијативи што и се случиле на нашата земја. Како започнавте, што беше инспирација за вашата хуманост?
„Донирај Компјутер“ започна сосема случајно. Може да се каже дека започна како директен одговор на целава ситуација во која Македонија се наоѓа од своето основање. Големата сиромаштија во која живеат голем број наши сограѓани беше еден од предизвиците на кои решив на некој начин да одговорам на мој начин. И се покажа не само како потребна туку и доста успешна иницијатива. Првиот компјутер кој го донирав беше на самохрана мајка која од нас тоа го побара. Во компанијата каде сум вработен веќе 20 години, честопати наши клиенти оставаат за нив дотраани машини, но за некој ете машина со која може да си го олесни образованието. Првите 20 компјутери се раздадоа по социјално загрозени семејства од Кавадарци. Потоа дојде креирањето на ФБ страната на „Донирај компјутер“ која е главна комуникациска алатка како со тие што сакаат да донираат, така и со оние кои сакаат да се пријават да добијат компјутер. Подесена е така да сите најчесто поставувани прашање сама ги одговара, јас се вклучувам по потреба. Од тука може да се каже дека инспрацијата ни се еднакви можности за квалитетно и современо образование за секое дете. Самата иницијатива е “испеглана” до последен детал. Секоја донација која пристигнува кај нас веднаш подлежи на детална дијагноза. Веднаш се знае што може да се искористи, а што не. Потоа следува процес на инсталација на потребен софтвер и по потреба, надоградба. Речиси 90% од донациите кои ги добиваме се со лиценциран оперативен систем. Се она друго што се инсталира е слободен/бесплатен софтер. Сите компјутери на крај се тестираат и со платформата Микрософт Тимс и така приготвени се праќаат. Нашите донации се испорачуваат исто така бесплатно до крајните корисници преку мрежата на карго службата „Еко Логистик Сервис“. Она што не се користи преку мрежата на „Нула отпад“ се испраќа на прописно уништување како не би се загадувала околината со елетронски отпад.
Како се одвива самиот процес на конкурирање за донација. Кои услови треба да се исполнети, за едно семејство да добие компјутер?
Процесот можам да кажам дека е доста едноставен. Секој кој сака да се пријави должен е да ја потврди социјалната состојба на семејството со некој документ или потврда издадена од соодветна институција. Такви потврди може да бидат потврда за ниски примања, самохрани родители, невработеност и слично. Тие потврди се за наша интерна употреба и не одат на друго место. Така е од самиот почеток на иницијативата, така и ќе остане во иднина. Затоа „Донирај компјутер“ ужива огромна доверба како кај физичките, така и кај правните лица кои планираат да ја донираат својата опрема кај нас. Секој од нив знае дека нивната донација ќе замине на вистинско место. Доказ за тоа се бројните соработки со огромни имиња на нашиот пазар кои без сомнеж ја донираат нивната опрема.
Досега имате склопено и донирано околу 900 компјутери, бројка што бара голем труд и посветеност. Имате ли помош од други поединци или организации?
Јас до пред седум-осум месеци работев сам. До тогаш имав средено 600 компјутери кои беа пратени низ цела држава. 500 од нив беа поделени за само девет месеци кога и се воведе онлајн образованието како последица на ковид-19 пандемијата. Сега како придружник и колега го имам Дејан Милачески кој исто како мене е вработен во една компанија, но секој свој момент го користи за да ми помогне и заедно да средиме уште повеќе донации. Мрежата на соработка на „Донирај компјутер“ е голема. Кога зборуваме за помош или соработка со други организации тука ќе ги спомнам „Проект среќа“ од Скопје, „Кај Каневче донира“ од Охрид, „Терно вас“ од Берово, „Умиление“ од Виница, хуманитарното здружение на граѓани и лица со хендикеп „Илинден“ од Скопје, Вистински дела на љубезност“ и „Подари насмевка“ од Ресен. Со сите споменати имам одлична соработка. Воглавно тие ми обезбедуваат документи и потврди за социјално загрозени семејства, а ние ги снабдуваме со компјутери. Голем е кругот на пријатели кои „Донирај компјутер“ ги стекна за овие пет години постоење. Голема поддршка имав и имам од компаниите како што се „Триглав осигурување“, „Ендава“, „Алокејт софтвер“, „Оне инсајд“, „3хфх“, „Кипи“, „Клими Мк“, „Симфони солушнс“, „Публикум инвест“ и нормално најголемите поддржувачи и донатори „Канцеларијата на Европската делегација“ во Скопје.
Веќе имате постигнато импозантни бројки и статистики, но уште поважно сте усреќиле многу деца и семејства. Што ви е најголема сатисфакција од досегашната ваша работа?
Позитивниот фидбек, најискреното благодарам од најмладите. Тоа е она што не „храни“ и не ни дава да застанеме ни една секунда. Да се најдат, средат и донираат над 900 компјутери воопшто не е мала и едноставна работа. Тоа бара време, труд и посветеност. Бара добра организација и логистика. Гледано од страна по малку изгледа и смешно како еден човек успеа да постигне резултати кои ни некое минстерство со стотици платени вработени не може да ги постигне и тоа без ниту еден потрошен денар. На тоа сме посебно горди! Најгорди сме кога после работа си одиме дома и ги жнееме благодарниците во облик на видеа, сликички нацртани од дечиња, срценца во чат, благодариме чичко „Донирај компјутер“. Едноставно тие моменти не се опишуваат со зборови и не полнат со енегрија да запнеме уште повеќе.
Важен дел од вашата работа се семејствата, поединците што ги донираат своите стари комјутери. Што е важно да знаат семејствата што се двоумаат, за да се одлучат за донација на својот комјутер?
Семејствата не треба воопшто да се двоумат дали да донираат ако имаат компјутер кој веќе не го користат. Со нивната донација помагаат да го направиме општеството навистина еднакво за сите. Со нивната донација исто како да дале стипендија на некое детенце што ете, поради одредени услови не може да добие компјутер. Со самата донација, па макар таа била и комплетно неупотреблива, на некој начин го решаваат и прашањето за почиста, позелена и поздрава животна околина и нејзино незагадување со електронски отпад. Како што кажав и погоре „Нула отпад“ се грижат цел тој отпад да заврши таму каде што му е местото, а не по улици. Чисто информативно ќе спомнам дека минимална конфигурација според нас би била минимум двојадрен процесор, минимум 3ГБ рам меморија, минимум 320ГБ хард диск. Тоа се конфигурации кои ги исполнуваат и барањата на платформата која ја користат учениците. Голем дел од нашите донации се високо над овие претходно споменати карактерстики, но ете тоа е некој минимум кој ние го препорачуваме.
Неодамна Делегација на ЕУ, ви ја додели наградата „Европјанин на годината“. Што за вас лично претставува оваа награда?
Како прво тоа беше комплетно изненадување за мене. По претходен разговор со пријател со кој контактирам за донациите кажано ми беше дека треба да се појавам и да се запознаеме со Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир. Веќе знаев за номинацијата „Европјанин на годината“ и се радував што воопшто ќе ги запознаам номинираните Денис Космонаутко, позитивата на веков, и Александар Матовски – Цако и дека ќе бидам во иста соба со нив. Наградите си го имаа својот тек и искрено се мрднав кога на крај го прочитаа моето име и името на мојата иницијатива. Јас и „Донирај компјутер“ добивме посебна награда за солиданост. Но без разлика колку признанија и награди имам добиено или ќе добијам, сепак најголема награда ќе ми биде детската насмевка и среќа. Наградите ми служат само како поттик да не застанам и како потврда дека она што го работиме луѓето го приметуваат, ценат и вреднуваат.
Што е за вас највиок чин на алтрузизам и хуманост?
Честопати ме прашуваат што имаш ти од цело ова што го работиш? Обично немам одговор. Цело ова што го работам во ниеден момент кај мене не придизвикало чувство дека јас треба да добијам нешто назад. Ова го работам од чиста желба и љубов да помогнам на оние на кои им треба помош. Јас тоа пробувам на луѓето да им го објаснам и доближам преку моите пишувања на социјалните мрежи. И ќе успеам!
На што работите моментално, кои се вашите идни планови и цели?
Во постојано барање сме на нови донации како би можеле да усреќиме уште повеќе семејства. Во процес на оформување е и здружението на граѓани „Донирај компјутер“. Со тој чекор се надеваме на олеснување на преземањето донации од уште повеќе институции и компании кои поради законот мора да имаат документ/потврда за својата донација. Сепак, ние во „Донирај компјутер“ плановите ги кроиме во движење и до сега тоа ни оди од рака.