Со Андријана Папиќ Манчева од Иницијативата за забрана на пластични кеси, поразговаравме за новиот закон во ЕУ околу забраната за употреба на еднократна пластика и начини како може и кај нас да почне да се живее поодржливо и со поголема еколошка свест за околината и загадувањето од пластика.
На 3 јули стапи на сила забраната за употреба на 10 видови на еднократна пластика во ЕУ. Колку далеку сме ние како земја од оваа забрана?
Доста далеку – со оглед на тоа што речиси човек да не може да си замисли ден без пластика, а рециклирањето на пластика речиси и да не постои. Имено, според податоците од ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за ефикасно третирање и справување со пластичниот отпад, направена за периодот 2017-2019 година, во Македонија се рециклира помалку од 1%, а истовремено не се преземаат какви било иницијативи и активности за повторна употреба на пластичниот отпад. А би можеле да бидеме барем чекор поблиску дококолку надлежните го донесат новиот Закон за справување со пакување и отпад од пакување кој со месеци е заглавен во Собранието, а со кој се предвидува забрана на пластичните кеси. Иронично, истата оваа забрана е предвидена и со дополнувањата на постојниот закон, направени уште во 2012 година, но постои правилник кој го поткопува самиот закон, па така кесите и натаму се дел од нашето секојдневно функционирање и неделив дел од ужасниот природен пејзаж.
Колку сметате дека е потребна едукација за загадувањето од пластика и какви можности треба да има едно општество за граѓаните да почнат да практикуваат рециклирање?
Колку што се важни добро осмислени и ефективно спроведени законски решенија, толку е важна и едукацијата на граѓаните бидејќи без еколошки освестени граѓани, законите ќе си важат само на картија, а суштинска промена ќе нема – и обратно. Едукацијата мора да биде системска, континуирана и да почнува уште од најмали нозе, но не смее да ги заобиколи ниту оние кои имаат потрошувачка моќ ниту производителите и креаторите и носителите на одлуки. Кога е пластиката во прашање, едукацијата несомнено треба да се гледа низ призмата на пластиката за една употреба, но и да не се занемари фактот дека пластиката ја загадува средината уште при самото производство. Како Иницијатива сметаме дека рециклирањето е само еден мал дел од решението за справување со отпадот, но дека никако не смее да биде промовирано како единствено решение како што тоа се прави кај нас – особено кога сме свесни дека во пракса не функционира како што се мисли. Впрочем, светската статистика покажува дека во светот се рециклира помалку од 10% од целокупниот отпад. Згора на тоа, рециклирањето не е пример за вистинско справување со проблемот, туку со последиците од линеарната економија и производство кои функционираат според принципот „исцрпи ресурси, произведи и фрли“. Сѐ додека не ги преосмислиме начините на производство, односно линеарната економија не ја замениме со циркуларна – каде што ќе се дизајнира и произведува така да нема ѓубре – и сѐ додека не сфатиме дека природните ресурси не се неограничени како што нѐ учеа во училиште и не почнеме да се однесуваме соодветно, ќе се давиме во отпад и ќе се лажеме дека граѓаните се главните виновници за климатската криза, а вендинг-машините чаре за ѓубрето. Примарната цел на вашата иницијатива е забрана за пластични кеси кои се едни од најголемите загадувачи.
Колку вашите заложби се слушнати од одговорните лица?
Ако јас се прашувам, воопшто не се слушнати. Како и за тукуречи сѐ кај нас, заложбите постојат на хартија, загриженоста е наводна и перформативна, акција на терен нема – освен кога треба да се гради и да се сечат дрвја. На крајот на краиштата, да беше поинаку, ќе имаше ли фајде од постоењето на иницијативи како нашата? А забраната на пластичните кеси е буквално најмалку што можеме да направиме.
Низ светот на големо се забранува пластика за една употреба, има примери за земји кои прават сериозни напори за драстично да ја намалат емисијата на штетни гасови што покажува дека квалитетот на живот многу зависи од приоритетите и освестеноста на лидерите.
Што е најважно да се знае за еднократната пластика и со што може соодветно да се замени?
Најважно е да се знае дека без еднократна пластика може да се живее. Не само што може, туку и мора. Како потрошувачи не сме свесни дека кесата што по автоматизам ни ја нудат во продавница или на пазар и што без размислување ја прифаќаме – дури и кога купуваме само еден продукт што може да го носиме и в рака или да го ставиме во торба – чини многу повеќе од 2 денари. За да се произведе една кеса – која во најдобар случај ќе заврши како кеса за ѓубре ако претходно не ни се скине – се црпи нафта, се уништуваат природни живеалишта, се експлоатираат работници чие здравје е постојано во опасност… А зошто? Затоа што вака ни е најлесно, нам, на потрошувачите, и затоа што колку повеќе кеси и друга еднократна пластика се произведува, толку повеќе некој профитира. И ова важи буквално за секоја пластика за една употреба – од кесите и пластичните сламки и лажички за кафе до полистиренските чаши во кои купуваме кафе, неретко несвесни дека при допир со топол напиток, пластиката испушта штетни материи што ние директно ги внесуваме. Еднократната пластика е неделив дел од комфорот на денешниот потрошувач, ама цената за ваквото однесување допрва ќе ја плаќаме и ние овде.
А не така одамна, и кај нас се пазарело со платнени торби. Млекото било достапно во стаклени шишиња, за шишињата се плаќало кауција. Решенија има, ама за да се воочат и применат потребна е свесност и волја навистина да се живее во здрава животна средина.
Најчесто граѓаните ја употребуваат еднократната пластика бидејќи е најевтина и најдостапна, дали сметате дека со соодветна замена која би била подостапна би можеле да се сменат навиките во едно општество?
Еднократната пластика е најдостапна, но не е најевтина ако се земе предвид еколошкиот отпечаток што го има. Рециклирањето – дури и навистина да важеше за сите видови на (еднократна) пластика – исто така чини ресурси. Па, природно се поставува прашањето зошто толку многу да се троши на производство и рециклирање на пластичен отпад што од старт би можело драстично да се намали или избегне? Како? Првенствено преку реупотреба на она со што располагаме (на пример, метални лажички за кафе наместо пластични или термос наместо стиропорна чашка за кафе) и преку стимулирање да се пазарат рефус производи со сопствени садови и торби, макар тоа значело пазарење со кесите што дома ги имаме во изобилие. Еден ефективен начин да се забрза менувањето на навиките дефинитивно е зголемувањето на цената на пластичните и хартиените кеси што се надеваме дека наскоро ќе биде законски регулирано и кај нас.