Актерот Бојан Кирковски неколку години е дел од Театарот за деца и младинци и дел од екипата на независниот театар „Артопиа“. Тој се има остварено преку голем број улоги, претстави и проекти, негува искрена љубов за својата професија и вели дека актерството со себе носи социјална одговорност.
Театарот за деца и млади како институција има големо влијание врз воспитувањето, создавање на критичкото мислење и јакнењето на културните вредности уште од најрана детска возраст. Што значи работа во ваков вид на културна институција за вас?
Театарот треба да има големо влијание, иако многу тешко му оди да го изведе тоа во овие услови. Се восхитувам на имагинацијата што ја поседуваат децата да веруваат во цели измислени светови на толку мала сцена. Инаку, за мене, мојата професија значи социјална одговорност и платформа преку која имам можност директно да влијаам во обликување на младите умови. Одлична можност да им промовираме на младите позитивни вредности и да им ја разбудиме имагинацијата. Возбудува фактот дека имаме привилегија да играме за некој толку чист и искрен.
Вие сте дел од многу претстави што се адаптации на светски дела, како „Том Соер“, „Сонот на Вилијам“, „Петар Пан“, „Пепелашка“ и др. Како се гради еден лик кој треба да биде приспособен на соодветна детска возраст?
Не постои некоја конкретна формула или техника преку која градам лик во претставите. Секако дека карактерите што ги играм во Театарот за деца и младинци се разликуваат од карактерите за возрасни, но внимавам да не ги потценам децата и да создадам нешто што не би верувале. Децата имаат потреба да гледаат вистина, без разлика дали е тоа волшебник, некое животно, предмет или вистинско дете. Постојано пробуваме да бидеме актуелни и сме во трка со сè што е ново и модерно, се надевам успеваме.
Годинава имавте неколку стендап-настани на кои велите дека ќе зборувате за себе. Кога сфативте дека со хумор сакате да се борите против стереотипите и неправдите од нашето општество?
Зборував за себе и планирам да продолжам да зборувам за себе и во иднина, бидејќи таа тема добро ја знам. Идејата да се занимавам со стендап постои отсекогаш, само го чекав вистинскиот момент доволно да созреам за да не кажувам вицови на сцена. Обожавам да зборувам за сите небулози што се случуваат околу нас, за сите лажни луѓе, безобразни политичари, продадени другари итн.
Вие сте дел од екипата на независниот театар „Артопиа“, со кој имате голем број гостувања и изведби. Што ќе се случува ова лето, кои се вашите работни предизвици?
Ова беше и ќе продолжи да биде мошне активно лето за „Артопиа“. Почнавме со една мини-турнеја низ Македонија со наградената претстава „Глумици“ на Младиот отворен театар (МОТ). Бевме дел од два фестивала – „TESZT“ во Темишвар и Интернационалниот фестивал на нов театар во Арад, Романија. Потоа следуваше „Битеф театар“ и „Квака 22“ во Белград. Со следна турнеја продолжуваме во јули на фестивалот „Град театар“ во Будва, исто така со претставата „Глумици“, каде ќе продолжиме сè уште точно не знаеме. За крајот на летото нè чека почеток на нов проект во копродукција со МОТ.
Во секое општество, независната културна сцена е многу важна и се развива со труд, љубов и ентузијазам. Во какви услови и според кои начела работи културниот колектив „Артопиа“?
Секогаш имаме поволни услови да создадеме претстава со оглед на тоа што се случува околу нас. Доколку ме прашувате за материјалните услови, нив ги нема. Независната сцена кај нас е навикната да функционира во лоши услови. Но, можеби затоа е најголемиот критичар на сè што се случува. Жално е што министерствата, градските управи, судовите, социјалните служби и многу други институции ни даваат толку материјал за работа. Но, се надевам дека еден ден ќе имаме идеални услови и ќе правиме претстави само за љубов и другарство.
Кога ќе погледнете зад себе, за кој дел од личниот развој сте најмногу горд?
Репликата на Славко Штимац: „Секој ден на секаков начин сè повеќе и повеќе напредувам“, лошо преведена, ама добра девиза. Горд сум на себе што сè уште имам искрени луѓе околу мене кои знам дека ме сакаат. Привилегиран сум што сум во брак со личноста во која сум вљубен, не го имаат тоа сите. Благодарен сум што имам професија во која секоја вечер можам да бидам во различни чевли. Ова е и повеќе од доволно за да бидам задоволен и горд на себе.