Викендов Скопје ќе биде домаќин на спектакуларен настан ,,Skopje Tattoo show 2023” кој ќе се одржи на 26-ти и 27-ми август во хотел „Парк“ кој ќе биде прослава на уметноста, културата и тетовирањето како личен израз и слобода. Во пресрет на овој светски настан поразговараме со нашиот најуспешен тату артист Горан Миќиќ од MG Tattoo I Piercing Studio.
Како се роди идејата за организација на настанот ,,Skopje Tatto Show 2023” и што очекувате од оваа интернационална конвенција?
По долги години работа и посета на различни конвенции и настани од ваков вид, премногу се радувам што дојде време и кај нас да се создадат услови, за организирање и реализирање на еден ваков настан што слободно можам да кажам дека е светски настан. Наша цел е да покажеме дека нашата земја има квалитетни артисти, а воедно и да ја подигнеме целата тату култура на Балканот.
Настанот ќе нуди многу аспекти на славење и промовирање на тетовирањето како телесна уметност. Што внимававте при креирање на програмата?
Кога работевме на програмата внимавме да понудиме програма со која ќе го задржиме вниманието на посетителите, програма со која ќе ка доближиме оваа уметност до посетителите а истовремено тоа да биде програма што ќе ги забавува сите учесници. Тетовирањето еволуираше од ниска форма на самоизразување до глобално призната форма на уметност која ги надминува границите. На оваа интернационална конвенција за тетовирање ќе гостуваат многу познати домашни и странски тату артисти. Посетителите ќе можат да видат како работат овие мајстори и доколку имаат желба да се тетовираат. Настанот е од компетитивен карактер. Двата дена ќе бидат преполни со натпревари и на самиот крај од деновите ќе се доделат награди за најдобрите тетоважи во повеќе различни категории. „Skopje Tattoo Show“ нема да биде празник само за очите туку и за ушите. Покрај тетовирање, на конвенцијата ќе настапат бендот Shugarfree, DJ Goce и DJ Strajk и танцов перформанс. Своја изложба ќе има и познатиот македонски уметник Михаел Корубин, додека пак м-р Ивана Хаџиванова ќе има свое предавање на темата: „Под површината – Психологијата и подлабокото значење на телесната уметност”, како и многу други придружни настани и работилници.
Овој настан ќе биде одлична можност за вмрежување на тату артистите, градење трајни врски и промовирање млади таленти. Како ја гледате иднината на тетовирањето како уметност и на што сте фокусуран како тату артист?
Токму така, тоа е нашата примарна цел, да градиме млади и талентирани артисти, да им дадеме можност што е можно повеќе луѓе да ја видат нивната работа. Овие луѓе во иднина би требало да се промотери на нашата земја и нивниот уметнички израз треба да е дел од голем број настани и проекти.
Тетоважите се интимен и личен печат на секој поединец, што означуваат уникатен начин на самоизразување. Постојат ли некои основни начела што треба да се применуваат или избегнуваат при изборот на тетоважа?
Тетоважите се интимен, личен избор и сопствен начин на изразување и затоа постои само едно начело, а тоа е никој на никого да не му се меша, односно за туѓ вкус, стил и избор не се дискутира. Ве чекаме викендов во хотел „Парк“, да ја изберете вашата идна, најдобра тетоважа.