Младиот Јане Ѓорѓиевски ги сервисира и обновува целосно старите велосипеди и им дава нов, втор живот. Како превозно средство, но и средство за спорт и релаксација, велосипедите сè повеќе се користат низ градските улици, но и оф-роуд патеките во нашата земја. Во светски рамки проценува има една милијарда велосипеди, а Холандија е земјата каде се користат најмногу. Јане почнал со реставрација за време на карантинот пред три години, поради Ковид 19, и намалениот број на автобуси.
„На почетокот на 2020 година, кога се намали бројот на автобуси за јавен транспорт барав алтернатива при што сфатив дека велосипед е најдобриот избор. А тогаш се одлучив за мојот прв ‘Пежо винтиџ’ велосипед со што започна мојата пасија кон обновување и сервисирање на стари велосипеди. Сервисот на еден велосипед кој поминува низ мои раце секогаш претставува целосно расклопување до рамката и почнување од почеток. Целосно чистење и инспекција на деловите и рамката, а потоа и полирање за „нов живот“. Овој процес најчесто се одвива во текот на два дена. Секој велосипед си носи своја приказна и е од најразлично потекло, но во моментов јас ги одбирам велосипедите кои ги работам. Во Скопје и пошироко низ Македонија има публика и побарувачка на секакви велосипеди што се пресликува во тоа што го работам, но може да се истакнат друмските велосипеди од седумдесеттите до деведесеттите како највпечатливи за македонскиот пазар“, обајснува Јане.
Од сите градови во Македонија, тој смета дека Скопје има најдобра инфраструктура, но и многу простор за подобрување.
„Најпрво сметам дека треба да се подобри постојаното одржување, а потоа поврзаноста на постоечката вело-инфраструктура од центарот со периферните делови на градот, овозможувајќи пристап на сите граѓани. Откога тоа ќе се реализира сметам дека природно ќе се зголеми бројот на луѓе кои го користат велосипедот како превозно средство и ќе може да се направи уште подобар план за модерна вело-инфраструктура по барање на граѓаните. Како резултат на минималната подобрување на условите за возење во градовите низ Македонија сметам дека може да се забележи зголемен број на граѓани кои го користат велосипедот како средство за транспорт“, вели Јане.
Постои извесен предизвик на сервисирање винтиџ велосипеди според неговото искуство и комуникација со пријатели со иста пасија кои работат надвор од државата. Но, како што вели тој, по одредено време и запознавање со вистинските канали на делови не е ништо посложено од работа на модерни велосипеди.
„Цената ја оформувам според брендот, моделот, деловите и состојбата во која се тие, но тука за жал, (или пак од гледна точка на купувачите за среќа) цените на обновените велосипеди се доста пониски во споредба со оние надвор од регионот. Има најразлични работилници и специјализирани сервиси со кои што сум во контакт кои се наоѓаат насекаде низ светот. Највпечатливи за мене се Studio Rook од Ротердам, Love Velo Vintage од Париз и повеќе помали работилници лоцирани во Нов Зеланд и Австралија“, додава Јане.
Тој користи повеќе велосипеди како планински, друмски, ендуро…
„Велосипедот кој најмногу го користам низ град е розев Scott МТБ од деведесеттите пренаменет како карго велосипед. МТБ или планинските велосипеди, како и градските повеќе се бараат и често работам на модерни и винтиџ модели“, додава тој.
Во однос на планинските велосипеди, Јане вели дека за почеток доволни се високо волуменски гуми и добро сервисиран велосипед со особено внимание посветено на сопирачките, а за понапредно ниво на возење поголеми тркала, амортизери и хидраулични сопирачки.