Кога пред неколку броја на „Портрет“ имавме интервју со основачите на Амок радио, веднаш забележавме дека нивната успешна приказна ниту малку не е случајна. Во нив препознавме исклучително силен колектив многу важен за македонската музичка и културна сцена, кој изобилува со членови и соработници со светски квалитет. Изборот на Бојан Јанев (Dj Soul Case) беше логичен избор за насловна страница и како основач и дел од овој колектив, но и како исклучително квалитетен поединец, кој со своите диџејски сетови и со својата посветена работа изгради свој препознатлив правец и внесе нова свежина и квалитет на нашата музичка сцена.
Во едно интервју истакнавте дека филмот „Scratch“ ви бил најголема инспирација и иницијална искра за посериозно да се занимавате со музика. Какви се вашите емоции, кога од денешен аспект помислувате на почетоците?
Ако не се лажам, веќе повеќе од 12 години се поминати оттогаш, односно откако ја купив првата опрема, иако навистина не ми изгледаат како толку. Можеби затоа што низ процесот имам направено еден „рестарт“, пред околу пет години, кога почна мојот малку поеклектичен и широк пристап кон истражувачкиот дел на музиката.
Почнав како „клинец“ со искрена љубов кон хип-хоп културата, бев навлезен и во графитите, пишував рими. Но, искра ми разбуди токму филмот што тогаш беше емитуван на „хип-хоп теза“ – гледајќи и чудејќи се на мајсториите на диџеи како Qbert, на пример.
Многу работи се сменети оттогаш и од оваа гледна точка до некаде прогресот е фасцинантен. Од криење дома како после полноќ гледам телевизија, до вежбање скришно на слушалки, до пуштање музика во Јапонија, на пример. Но, сè уште сум тоа искрено дете со страст и љубов за работата, сè уште сметам дека имам многу за учење и секојдневно се трудам да бидам подобар од вчера. И далеку од тоа дека сум постигнал којзнае што, само се трудам да пуштам добра музика и да го подобрам секојдневието во Скопје. Но, имам уште долг пат за одење.
Почетоците ми будат многу позитивни спомени на едно релативно безгрижно време, ме потсетуваат на годините поминати над грамофони вежбајќи, ме враќаат во детската соба на 14 години. Ме потсетуваат на соништата што сум ги имал тогаш и како тие низ текот на годините се модифицирале, но суштината останала иста. На песните што сум ги замислувал како ги пуштам во некој добар клуб. Претпоставувам, тоа е веќе несфатливо во денешно време каде што сме научени на „сега и одма“ – како и за новите бранови на диџеи кои почнуваат и после два дена вежбање веќе мислат дека треба да настапат во клуб и се разочарани ако не се случи тоа. Сè си бара работа и трпение. Секако, доколку човек навистина сака да го владее занаетот. А ако е нешто друго причината, нешто моментално – тогаш во ред.
„Амок“ како колектив внесе вистинска свежина, но и силна поддршка на македонската, локална културна сцена. Колку сте задоволен од вашата досегашна работа како дел од тој колектив?
Навистина сум горд на тоа што досега го постигнавме со Амок. Сметам дека успеавме да ја продлабочиме и до некаде и поттикнеме заедничката соработка помеѓу различни фракции и генерации. Нешто што според мене беше навистина потребно. Кога сум со секојдневни обврски и на некој начин сум во шпицот на случувањата, можеби и не забележувам што, како и колку е сменето, но повремено, гледајќи од дистанца за Амок, почнав да го препознавам и да го ценам влијанието што го имаме на локалната креативно-културна сцена. Па, дури и сме стигнати подалеку од само локално. За тоа што денес е Амок, покрај нас, заслужни се и сите резиденти, гости, поддржувачи и слушатели!
Амок уште од почетокот беше основан со идеја да излезе надвор од границите на државава. Да презентира, поддржува и помага локални артисти, но да гледа, работи и дејствува интернационално. За нешто повеќе од една година успеавме да станеме едно од најпочитуваните и можеби најсвежо онлајн-радио на Балканот, сме имале супер квалитетни гости од шест континенти, сме стримале над 900 часа различна музика. На месечно ниво имаме над 70 изведувачи од секој ќош на планетава и запознавме многу нови пријатели, кои, сигурен сум, ќе останат.
Но, и покрај тоа, константно се стремам кон подобро. Тоа го преточувам и врз Амок и сметам дека сè уште сме на почетокот од патот кон нашиот максимален потенцијал. Крајната цел е да се извезува квалитетен и креативен македонски производ на глобалниот пазар, а тоа може да се постигне само со работа и упорност. Опкружувањето во коешто работиме налага на одредена проблематика што, можеби, некое радио во Германија или Холандија го нема. Затоа треба да вложиме минимум 30 проценти повеќе работа од нашите колеги во високоразвиени земји ако сакаме да излеземе глобално.
Во моментов сите звучни диџејски имиња во својот тим имаат ПР-машинерии што играат огромна улога во нивните кариери. Кои светски стандарди карактеристични за твојата професија се стремиш да ги оствариш?
Искрено, се стремам токму тоа да не го остварам. Целиот инстаграм хајп околу диџеи за мене е по малку комичен, бидејќи музиката не е во преден план, туку бројот на следбеници и лајкови. Општо, тоа промовирање и живеење на и во социјални мрежи не е нешто што ме привлекува, ниту, пак, некогаш ме привлекувало. Правењето модерни херои на денешницата од диџеи, според мене, е малку претерано, бидејќи колку и да си ја сакам и ценам професијата и колку и да знам дека може да биде исцрпувачка и тешка, на крајот на денот, не сме хирурзи или пилоти. Во ред, можеби во некои ситуации е полесно човек да лета „боинг 747“ отколку да размрда публика, но сепак не е нешто без коешто, условно речено, не би се можело.
Целта ми е на свој начин да си поставам стандарди што ќе бидат карактеристични и прифатливи за мене, а не нешто што се наметнува како „обврска“ за некоја професија. Пред сè, со квалитет и искрена намера – иако ми е повеќе од јасно како во денешно време функционираат работите – да стигнам до ниво каде што прво јас од себеси би бил задоволен, а потоа верувам дека и другите би го препознале тоа. Сам на себе сум си најголем критичар и не знам дали некогаш ќе престанам да бидам. Знам од каде доаѓам и до детаљ го памтам патот што сум го изгазил за да се развијам во човекот кој сум денес.
Реално, сè уште сум многу далеку од звучно диџејско име и не се ни оптоварувам, ниту, пак, работам или се стремам да станам. Не се препознавам таму, тоа не е мој свет. Работам во насока на станување квалитетен диџеј, разликата, верувајте, е огромна. Но, што и да се случи, на крајот на денот пак ќе бидам истиот „клинец“ од детската соба во Скопје, кој во музиката нашол излез и алтернативен начин на справување со секојдневието. Не би си ја продал душата и намерата, туку би продолжил да го правам тоа што сметам дека е исправно и за мене прифатливо.
Вашите настапи се посетени од отворена и едуцирана публика, желна за добар звук. Како се одвива подготовката за еден диџеј-сет, што ви е најважно на сетот и колку време се подготвувате?
Работата не почнува и не завршува со тие три-четири часа пуштање музика во клуб, туку си бара и опширна претходна подготовка, анализа, како и константно барање, слушање и проучување музика. Барем за мене, бидејќи имам прилично широк спектар на музика и постојано се трудам да го проширам. Секој слободен момент гледам да го искористам за барање на нови песни, прелистување на „Дискогс“, купување, нарачување, дигитализирање и организирање. Сè со цел за кога би дошол денот за еден настап, јас горе-долу веќе да сум спремен. Секогаш гледам со себе да понесам поголема колекција на музика, бидејќи во текот на вечерта не може да се знае во кој правец ќе се придвижат работите, а покрај тоа што не сум љубител на еден ист звук цела вечер, не сум ни тип кој слепо би се држел до тоа што го спремил, бидејќи сметам дека е есенцијално да се оцени атмосферата во една просторија и на тоа да се приспособиме ние како диџеи. Секако, со нашите внимателно градени колекции музика, а не во џубокс фазон. Но, пред што било, правам кратко истражување за местото каде што би пуштал за да знам што да очекувам. Други прашања на коишто внимавам е дали настапувам сам цела вечер, од колку до толку ќе трае настапот, дали има некој пред или после мене и слично.
Музиката ја организирам по некој свој систем што ми одговара, односно по жанрови, енергија и расположение. Така секогаш ми е полесно да навигирам меѓу илјадници песни и подготовките за еден настап, како и моментот на одбирање на песните на настапот ми се поедноставни и побрзи.
Без размислување, најважна ми е атмосферата и тоа како ќе си поминат луѓето. Со добар фидбек од публиката, „магично“ станувам подобар и пробувам да ја вратам енергијата и довербата што ми ја дала публиката. Кога гледам дека на други луѓе кои дошле да ме слушаат им е убаво, не може да не ми е убаво и мене.
Постојано соработувате со други успешни артисти и тоа е навистина инспиративно. Какви луѓе ве инспирираат професионално и на што мислите дека се должи вашиот личен прогрес?
Можеби една од најблагородните работи што ми ја донела овој тип работа е можноста да запознавам и соработувам со други сродни души низ целиот свет. Без разлика дали има старосна или јазична бариера, досега секогаш сме наоѓале заеднички јазик низ музиката. Една од намерите на постоењето и работењето на Амок радио е токму продлабочување на соработката со луѓе со слично гледиште и пасија како мене. Затоа се стремам да работам и во сферата на промоторството, односно доведување на квалитетни, странски артисти во Македонија за меѓусебна размена.
Ме инспирираат работливи и храбри луѓе со свој став. Луѓе кои не се плашат од ризик, тие што си ја следат пасијата и работат на нешто што ги исполнува, тие што се издвојуваат од масата. Фасциниран сум од луѓе кои сакаат да направат промена, од тие што се отворени да научат и да слушнат нешто ново и луѓе кои се спремни да го прошират нивниот хоризонт. Слично и во смисла на диџејството. Ме инспирираат луѓе кои не се плашат да ризикуваат зад миксетата и, на пример, отворени се да смиксаат техно со итало-диско. Тие кај кои го препознавам тој „А-ХА“ момент. Токму на тие артисти се угледувам и нив ги проучувам, бидејќи од стартот на моето работење сум сакал да експериментирам. Тие што ме знаат, можат да потврдат.
Мојот личен прогрес, пред сè, сметам дека се должи на тоа што константно се стремам кон повеќе и подобро. Речиси никогаш не сум задоволен од себеси и од сработеното, не запирам, верувам во промена и работам искрено и со пасија. Покрај тоа, верувам дека голема улога игра и шетањето и изложеноста кон други култури, запознавањето и комуникацијата со луѓе од разни краишта на светов, како и отвореноста кон тоа да впијам колку што е можно повеќе знаење. За жал, живееме во општество со ограничени можности, каде што луѓе со нови и свежи идеи, уште пред да почнат да ги реализираат, често наидуваат на еден куп пречки од секаква природа, поради кои во голем дел од случаите тие и се откажуваат од нив. Затоа сметам дека мора да се фрли поглед кон светот и да се размислува интернационално, иако можеби се дејствува локално.
Секоја креативна работа носи и поттикнува слобода. Што за вас лично претставува слободата на духот и дали ја негувате вашата личност во оваа насока?
Слобода на духот е нешто кон коешто секоја индивидуа треба да се стреми. Според мене, тоа е многу битна алка за ултимативна среќа, за наоѓање на својата нирвана. Оттргнување од стегите на монотоното секојдневие, следење на сопствените убедувања, пасии и интереси во животот и работење кон тоа да се стане најдобар во своето поле. Полето што сам ќе си го избере човек, а не системот, блиските или комшијата од трети. Едноставно, дигање среден прст кон наметнатите општествени норми и стандарди за живот на една личност и следење на сопствените убедувања – секако, сè додека не се наштетува на другите околу вас.
Себеси се сметам како слободен дух, бидејќи со години го правам тоа од коешто сум убеден, тоа што ме прави среќен, држам широк поглед и ќе продолжам да работам во тој правец. Имам јасна визија, знам што сакам и сум во многу добра врска со себеси. Како што напоменав и погоре, негувам почит за луѓе кои сами ги земаат работите во свои раце и сами создаваат нешто. Воедно, тие луѓе ме инспирираат и ме поттикнуваат за понатаму.
Професиите што будат емоции кај други луѓе се многу благородни, но и исцрпувачки. Каде вие го наоѓате својот животен баланс?
Веројатно, како и други, секојдневно го барам животниот баланс и кога го наоѓам, најчесто го наоѓам во мојата глава, во кујната и, општо, во добра храна, до звучник и до луѓе кои ми се драги. Уживам и во времето поминато сам, дури би рекол и дека ми е неопходно за да можам да функционирам. Убаво ми е кога возам велосипед, кога сум во природа, но и кога „уличарам“ наоколу и јадам некој оброк на хауба. Тоа што го правам е дефинитивно исцрпувачки, пред сè, поради притисокот да им се угоди на други, но и поради работното време и темпото на живеење. Но, поисцрпувачки на долг рок би ми била „регуларна“ работа, без слобода и услови за креативност.
Во време што е особено нестабилно и непредвидливо за сите нас, мораме да се трудиме да си го слушаме телото, душата и да си го гледаме сопственото здравје – како физичкото, така и психичкото.
Кој е вашиот моментален фокус, на што ќе сте најпосветен во блиска иднина?
Пред сè, мојот моментален фокус е на моето здравје и личната среќа, бидејќи сè уште сум во тежок период, каде што, поради одредени причини за коишто не би сакал да дискутирам, бидејќи се на многу сензитивна тема, многу сум далеку од 100% од мојот капацитет, моите можности и моето старо ниво на енергија. Но, секоја негативна случка ја земам како лекција за понатаму, да се откаже човек може секој. Покрај тоа, мојот главен фокус е на моето дете, Амок радио, односно подигнување на нивото на работење, подобрување на секое поле за да можеме во догледно време да им конкурираме на најдобрите низ Европа, презентирање на квалитетна и свежа програма за слушателите, како и носење на интересни имиња во Скопје и во Македонија. Паралелно се работи и на реотворање на Амок бар, како и на уште неколку проекти за коишто, за жал, сè уште не би можел ништо да споделам, но ветуваат.
На личен план, фокусиран сум на подлабоко копање музика, зголемување и подобрување на мојата колекција, прикачување нова музика на јутјуб-каналот „50eurogigs“ кој го работиме на малку саркастичен начин со мојот најдобар другар Алек, како и неколку настапи што веќе ги имам договорено надвор од државава. Повторно реактивирање на мојата продукција и преточување на знаењето во готов продукт за издавање. Колку што е можно повеќе готвење и јадење добра храна. Колку што е можно повеќе смеење, добар хумор и продуктивен муабет со луѓе. Колку што е можно повеќе соработки и дружби со истомисленици и, едноставно, уживање во секој момент.
Креативна директорка: Бојана Максимовска