Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „ТрансФормА“, во рамките на кампањата за одбележување на 31 Март – Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица, организира марш за видливост на трансродовите лица и како што најавија од таму, тој ќе се одржи в четврток, 31 март, во 12 часот, со почеток пред Владата на Република Северна Македонија.
„TрансФормА“ заедно со трансродовите лица, активистите и нивните поддржувачи се приклучува четврти пат кон глобалната акција за солидарност со трансродовите лица со цел намалување на насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува оваа маргинализирана група, додаваат од таму.
„Оваа година повторно ги потсетуваме носителите на одлуки дека ТУКА СМЕ И БЕЗ ЗАКОН и бараме од Владата и од Собранието веднаш да го вратат назад Законот за правното признавање на родот и да го изгласаат. Очекуваме поддршка од пратениците со кои соработуваме и кои ја разбираат значајноста од донесувањето на овој закон, но и од сите други што досега не успееја да ја увидат нужната и итна потреба од подобрување на нашата легислатива во насока на подобрување на нашите секојдневни животи. ТУКА СМЕ И БЕЗ ЗАКОН и продолжуваме да даваме отпор кон сите шпекулации што нема да го стишат гласот на трансродовата заедница. Заслужуваме безбедност, рамноправност и почит кон нашиот идентитет како и сите други граѓани! ТУКА СМЕ И БЕЗ ЗАКОН, но не се откажуваме од негово донесување!“, стои во писмената информација од оваа организација.