Лични предмети и играчки на децата кои ги преживеале војните во Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, како и моменталната војна во Украина, за прв пат се изложени во Белград во галеријата „Енџио“.
Дел од колекцијата од Музејот на воено детство во Сараево, кој содржи лични работи на децата кои поминале низ војна на бившите југословенски простори е изложена во галеријата до 10 април. Основачот на музејот Јасминко Халиловиќ кажа дека во контекст на руската инвазија на Украина е важно да се покажат во Белград неколку приказни документирани во земјата.
Изложбата е организирана од белградската Младинска иницијатива за човекови права, чија програмска директорка Софија Тодоровиќ изјави на отварањето дека „додека читаме извештаи за воената состојба во Украина, скоро секој ден, важно е да се размисли дека не станува збор само за информации и гео-политика туку и за луѓе, од кои многумина се деца“.