Почетоци со музика
Уште од рана возраст, благодарение на мајка ми, бев изложен на доста soul od 80-тите како и RnB од 90-тите/раните 2000-ти години. Како што растев, во основно училиште ме фати хип-хоп бранот и сериозно бев навлезен во хип хоп од 90-тите, златната ера. Меѓутоа интересот за диџејство ми се роди нешто подоцна, околу 2009-тата година. Секоја недела, за во тие времиња некој рискантен термин за гледање телевизија како 14 годишен клинец (криење од родители, телевизорот на волумен меѓу 2 и 5), ја гледав легендарната „Хип-хоп теза“ со Гоце и Мите од САФ – вистински амбасадори на државава – на тогашната А1 телевизија. Како да беше вчера, памтам го емитуваа филмот „Scratch“ и по завршување на истиот знаев дека тоа е тоа, дека и јас сакам да го правам истото. Утредента веќе почнав да читам и истражувам по интернет и после неколку месеци ја купив мојата прва, аматерска опрема.
Животот на еден диџеј
Подочници и проблеми со кичма. Шала на страна, можеби на прва звучи спектакуларно бидејќи сме сведоци на еден тренд во којшто диџеите се новите рок ѕвезди, во голема мера поради социјалните мрежи и ПР машинеријата. Но секој води различен живот и има различни мотиви, замисли и распоред, така што не би можел да генерализирам, но барем во мојот случај, особено во последниве неколку месеци, не е ништо спектакуларно. Преку ден работам друга, релативно „нормална“ работа а вечерите (пред пандемијата) беа резервирани за настапи. Се трудам што е можно повеќе време да одвојам за пребарување и купување нова музика, подготвување за настапи, вежбање како и продуцирање во студио. Ова се разбира не е заедничко за сите, зборувам за себе.
За музиката која ја пуштам
Сакам да допре до луѓето и да ги зближи. Да разбуди некакви емоции во нив, да ги расположи па и да ги расплаче. Да ги пратам барем за момент на некое друго место надвор од секојдневието. Сакам да придонесам да ги остават сите мисли надвор од клубот и безрезервно да се впуштат во музиката. И сакам спомените од музиката да им останат во глава. Лично, повеќе слушам стара музика, претежно од 80-тите и 90-тите. Музиката, без разлика дали е стара или нова, има моќ да разбуди емоции кај луѓето. Да те извади од тешки моменти, да ти влијае врз расположението. Па и да те води во животот. Не би сакал да замислам живот без музика. Инспирација добивам од самата музика. Од луѓето, публиката, подиумот. Од нови плочи коишто сум ги нашол. Од добар саундсистем. Од секојдневието, шаренилото и сивилото. Од посети на клубови, фестивали и други градови. Од слушање и дружење со други артисти. Од пријатели и добра храна. Омилен дел од работата ми се неколкуте саати од самите настапи во интимен, полн и топол клуб со добра, искрена и отворена публика. Конекцијата со подиумот. Покрај тоа, вистински уживам и во ноќите затворен сам во студио, со вино, пребарувајќи и преслушувајќи нова музика до сабајле. Тоа ми е батерија во животот.
Најдобри забави
Забавите без претенциозност и его, со публика што сака да слуша музика, да излезе од комфортот и да си помине убаво. Како што веќе споменав, фан сум на интимни, темни, топли и задимени клубови со добра акустика. И големи клубови/фестивали си имаат своја убавина но да би морал да бирам секогаш би ја одбрал првата опција. Според мене, формулата за добра забава е многу едноставна – отворена и едуцирана публика, квалитетна музика и добро озвучување. Немав намера да ги опишам Oubli забавите 🙂 Сатисфакцијата што се добива после успешна вечер – гледајќи како позитивно си влијаел врз луѓе барем за момент, е неопислива, и не би ја сменил за ништо на светот. Затоа и ќе продолжам да го правам тоа што највеќе го сакам. А, сакам да соработувам со секој кој што е влезен со искрени намери во целата „игра“ и вистински го сака тоа што го прави.
Моментална преокупација
Водење, работење и константно подобрување на „Амок Радио“, единственото онлајн радио од таков карактер во Македонија кое што неодамна почна со работа. Ќе функционираме како културно – музички хаб, простор во кој што секој е добредојден да се социјализира, да слушне и да продискутира за музика. Меѓутоа со моменталната ситуација работиме со скратено работно време и под строги мерки за хигиена (работно време подолу во прилог).
Ќе емитуваме емисии од домашни, регионални и интернационални артисти и се гледаме како база за македонски музичари. Покрај тоа сакаме и да ја зацврстиме и придвижиме напред локалната сцена, како и да ја промовираме истата надвор од границите.
Во склоп на самиот простор функционира и веќе реномираната продавница за плочи „Wax revival store“ и секој кој што е љубител на винил може да нè посети во паркот СФ, спроти соборниот храм, од среда до петок помеѓу 15 и 18 часот. Плаќањето оди исклучиво онлајн како и досега но секој може да си ги види и слушне плочите на лице место.