За младите архитекти Ирена Милојеска, Натали Мицевска и Елена Андонова наградата второ место за идејно решение за плоштад во Подгорица, Црна Гора е плод на нивната успешна соработка почнувајќи од студентските денови, потврда за нивниот квалитет и придонесува за нивно понатамошно професионално надградување.
„Со оглед на отежнатите услови поради моменталната состојба како и огромната конкуренција, горди сме што го прифативме овој предизвик и се надеваме дека покажавме дека треба да им се даде место под светлото или предаде место на младите архитекти на македонската сцена за да го покажат својот квалитет, кој е рамо до рамо со оној на светски признатите“, велат архитектките.
Со нив поразговаравме за проектот, како и за Скопје и за нивните размислувања околу македонската архитектура.
Што ве поттикна да учествувате на конкурсот за плоштадот во Подгорица и како се развиваше идејата?
Конкурсни задачи за идејни решенија како алатка за прибирање идеи се секогаш добар начин за предизвикување на креативноста ослободена од стегите на секојдневието. Тие се шанса за експериментирање со нови концепти и создавање на простор за отпочнување на дискусија и подигање на свест за одредена тема.
Можноста за креативно изразување без голем број на ограничувања е она што ни е најважно во процесот на избирање на кој конкурс ќе го работиме. Во првата фаза нафрламе идеи и оние кои ни се допаѓаат ги забележуваме дека имаат потенцијал да се развијат во нешто интересно. Најтежок дел од процесот на развивање на било кој проект е моментот кога треба да се прејде од креативното, неограничено размислување во оној дел од архитектурата на правила и стандарди. Тука голем дел од идеите може да пропаднат. Така беше и со овој конкурс, каде на почетокот имавме лавина на идеи и концепти, но на крај некои мораше да отпаднат.
Ќе може ли накратко да ни го опишете идејното решение и што ви беше најголем предизвик при изработката?
Нашата цел беше да дадеме ново читање на типологијата плоштад.
Плоштадот на Независноста со својот статичен и неартикулиран урбан пејзаж полека се губи од колективната меморија на Подгорица како место на случувања. Долгиот процес на општествена транзиција, како и просторната поделба заради бројни неврзани зафати и интервенции на просторот оставиле белег на околните зданија и самиот плоштад. Плоштадот на Независноста е простор – помеѓу во просторна, функционална и временска смисла. Како автори ја препознаваме и почитуваме големината и значајноста на плоштадот и заради тоа пристапот е воздржан, минималистички во однос на архитектонска интервенција, но сепак присутен како архитектонски гест. Идејата е преку минимална интервенција да се создаде мрежа на можни идни настани и активности.
Најголем предизвик ни беше како да направиме плоштадот во исто време да е функционален, но и скулптурален, односно да има своја силуета преку која лесно ќе биде препознатлив за сите. Затоа воведовме трета димензија со цел да се предизвика динамично читање на просторот. Тоа што било унифициран, замрен простор сега е спој на неколку закосени плочи, секоја од нив продолжувајќи го времето на посетителот и овозможувајќи различни погледи од неколку денивелации. Ова решение нуди скулптурална експресија која се повикува на локалниот црногорски релјеф.
Какво искуство стекнавте со овој проект и дали сметате дека со ваквите проекти се отвораат можности за младите македонски архитекти?
Градските плоштади се едни од главните маркери т.е. препознатливи точки на еден град. Укажаната можност преку распишување на меѓународен конкурс, како и доделената награда, да се учествува во креирањето на новата слика, новиот наратив на главниот град на Црна Гора на самиот почеток на нашите професионални кариери е одличен поттик и ветар в грб за нашето понатамошно работење и покажување и докажување на квалитетите на младите македонски архитекти.
Колку сметате дека Македонија нуди можности за младите архитекти да добијат доволно простор за да стекнуваат искуство?
Професијата архитект е блиско врзана и зависна од повеќе гранки на едно државно уредување. Административните и бирократски лавиринти заради често нејасната регулатива се голем предизвик за младите архитекти, но сè повеќе се трудиме да се истуркаме на површина и докажеме дека квалитетот на нашето размислување е надополнување за недостигот на искуство.
Кое архтектонско дело ви е омилено во Скопје, на што особено се восхитувате?
Не дело, туку урбанистички гест. Градскиот ѕид, кој физички и симболично го обвиткува централното градско јадро како вид бедем. Идејата настанала со цел да се избегне „заспивањето“ на центарот по 17 часот т.е. со заминувањето на последниот работник од канцеларијата, преку позиционирање на објекти со намена домување во најстрогиот центар на градот (простор кој е обично „резервиран“ за комерцијални и деловни намени). Пасарелата која ја формираат зградите од блокот на едната страна и неколкудецениското зеленило од другата е една од нашите омилени рути, посебно во летните месеци во Скопје.
Што би смениле во главниот град доколку имате можност, што му фали? Дали сметате дека треба повеќе внимание да се обрне на запуштените објекти за да се пренаменат во урбанистички решенија и места за промоција на култура?
Скопје е еден од ретките, ако не и единствените, градови што во својата понова историја (1963 г.) доби прилика,за жал под трагични околности (кога изгуби 80 проценти од својот градежен фонд и голем број човечки животи) да биде третиран како tabula rasa, blank slate за голем број светски планери и архитекти да ги тестираат најновите трендови во архитектурата и урбанизмот (Кензо Танге, Адолф Циборовски се само дел од нив). Но со смените во политичките системи и долгата транзиција сите овие искрени надежи и ентузијазам полека, но сигурно стивнуваа сè додека комплетно не исчезнаа во последние 20 години.
На Скопје, поточно на македонската архитектура и урбанизам потребна им е коренита измена во правната регулатива, како и конечно давање предност на колективното добро, наместо на сегашните лични интереси, пред воопшто да почне да се говори за изолирани интервенции на одредени точки во градот.
Праксата старите и напуштени објекти да се трансформираат во објекти со нови атрактивни содржини е честа во големите светски градови, каде се почитува архитектурата и мислењето на архитектите. Не само што е добро за зачувување и заживување на архитектонските обележја во градот, туку е и поеколошки и економски поисплатливо. Се надеваме дека во иднина овој начин на адаптивна реупотреба на старите објекти низ градот ќе почне да се применува и кај нас, а за програмата тоа е лесно, тие имаат потенцијал да бидат сè – од резиденцијални до места за промоција на култура.
Што ве привлече вас кон студии по архитектурата? Како се одвиваше заемната соработка помеѓу вас трите и дали и во иднина би продолжила на други проекти?
Па за сите три е различно, не се сеќаваме на некој конкретен момент кога сме решиле дека тоа е професијата за нас. Веројатно тоа што архитектурата е наука со свои правила и норми, а во исто време дозволува голема слобода во изразување, креативност, ги подобрува животите на луѓето и може да биде предизвик во секојдневната работа е она за кое трите можеме да кажеме дека ни се допаѓа.
Нашата заедничка работа започна после студиите, кога работевме на конкурс за КАЛЕ – Културна Тврдина организиран од Музеј на современа уметност во 2019 година. Во 2020 Елена и Натали освоија прво место на конкурс за изработка на идејно решение за станбен комплекс во Скопје. Сите овие награди и учества, домашни и меѓународни, ни се потврда дека сме добар тим и секако дека сакаме да продолжиме да соработуваме заедно. Наредна цел ни е прво место на меѓународен архитектонски конкурс.
Колку влијаеше пандемијата на вашиот тек на работа, како успевавте да најдете мотив и инспирација за работа, а во исто време да најдете и начини на опуштање?
Беше тешко, но добрата страна е што секогаш имаше една која ги турка останатите две да работат. Имаме целосна доверба една во друга, па кога некоја немаше да биде во можност да работи можеше да се потпре на останатите. Работењето на конкурсот не го гледавме како обврска туку како можност за креативен израз, па затоа лесно се наоѓаше инспирација и мотив. Првпат се соочивме со ваква динамика на работа, каде што во првата фаза на работење на проектот се состанувавме онлајн, при што и така го развивме најголемиот дел од концептот. Но како навлегувавме подлабоко во проектот доаѓавме до моменти кои моравме да ги дискутираме во живо и да ги решиме заедно. Инаку, трите сме со полно работно време, па работењето на конкурсот ни беше примарниот начин за опуштање после работа.