Ангела-Александра Ивановиќ на Инстаграм е Annie’s Food Feed, преку ден менаџер на проекти во адвертајзинг агенција, навечер лингвист, љубител на добра храна и фотограф. Во тоа малку слободно време што останува се занимава и со voice acting, најчесто на англиски.
Ни подготви прекрасен пудинг од мандарини, а од денеска ќе можете да ја читате и кај нас.
Покрај тоа што се неверојатно вкусни, сигурно веќе знаете дека мандарините се и многу здрави! Ако и вие сте љубители на мандарини како мене, најверојатно сте ги пробале во еден куп различни комбинации. Јас најчесто ги консумирам во овошни салати, но често ги комбинирам и со житарки и грчки јогурт. Овој пат решив да пробам мааалку покомплициран десерт со нив кој можеби ќе ви звучи чудно, но верувам дека ќе ви се допадне. 😊
Знаеме дека пудингот е десерт сам по себе, но голем плус кај рецептот за овој пудинг е што може да го искористите и како фил за торта! Може и да бидете креативни и да ги премачкате омилените палачинки и вафли со него за да добиете необичен и вкусен појадок! Подготовката на овој пудинг не бара речиси никакви кулинарски вештини, но ако вложите малку труд во интересна декорација и презентација, со сигурност ќе ги воодушевите оние на кои ќе им го сервирате.
Совет: кога ги бирате мандарините, побарајте ги оние потврдите со изразена портокалова боја! 😊
Состојки (за 3 порции):
- 250 мл цеден сок од мандарини (од 4-5 поголеми мандарини)
- 2 јајца (М големина)
- 30 г путер
- 2 лажичиња нишесте
- 40 г шеќер
- прстофат сол
- 1 лажиче сок од лимон
- 1 лажиче екстракт од ванила
- 2 мандарини за послужување
- шлаг за декорација
Во длабоко тавче на средна температура измешајте го добро сокот од мандарини со шеќерот, солта и нишестето. Со нож за лупење отстранете половина од кората на една мандарина и додајте ја кората во тавчето. Гответе со повремено мешање додека зоврие смесата. Кога ќе се појават меурчиња, мешајте постојано и гответе уште малку додека се згусне, а потоа тргнете го тавчето од оган.
Во длабока чинија изматете ги јајцата. Потоа следи клучниот момент каде што треба да почнете со готвење на јајцата, без да добиете кајгана во процесот! 😊 Додавајте по една лажица од зовриената смеса со мандарини во чинијата со јајцата и веднаш мешајте после секое додавање. Кога речиси целата течност од мандарини ќе биде префрлена во чинијата со јајцата, претурете ја смесата во тавчето и вратете ја на оган. Гответе на средна температура со постојано мешање околу 2-3 минути или додека убаво се згусне смесата. Потоа префрлете ја смесата во длабок сад и извадете ја кората од мандарина. Додајте го лимоновиот сок, путерот и ванилата и мешајте додека се стопи путерот. На крај добро покријте го садот со најлонска фолија и оставете го пудингот во фрижидер околу 2 часа.
Сервирајте го пудингот во чаши од 250 мл на следниов начин: прво додајте 2-3 лажичиња од пудингот во чашата, потоа направете слој од неколку резанки мандарина и врз нив додајте уште неколку лажичиња од пудингот. Декорирајте со шлаг, резанки мандарина, бело чоколадо или нешто друго по ваш избор.
Уживајте! 😊