Последниве неколку години бохо, скандинавски и индустриски стил за уредување и декорација, се меѓу најпопуларните во дизајнот на ентериери. Гледајќи ги насекаде околу нас може да станат здодевни и неинвентивни. Ако ви е потребна промена на амбиентот во домот, од Ателје Проектинг ни претставија три нови стилови за да добиете простор со свежи идеи.
Бохо заменете го со номад стил
Бохо стилот почесто користен во декорацијата станува веќе клише во денешниот начин на живеење. Одредени декоративни елементи репетитивно користени во ентериерите ја губат смислата на значењето да се биде „боем“. Вљубениците во нови искуства, уживање во животот и патувања може домот да го уредат во стилот- номад. Неговото име јасно укажува на – некој што постојано го менува местото на живење, па така домот уредете го со предмети и влијанија од патувањата на кои сте биле. Како концепт овој стил е многу индивидуален и возбудлив. По мерка и вкус на корисникот кој од патувањата во домот ги внесува различните искуства што го инспирирале или го промениле животот. Уредувањето во номад стил нема правила, единствено треба да биде инспириран од патувањата на кои сте биле и предметите кои сте ги донеле дома. Користете парчиња мебел и декорација кои се автентични, уникатни или рачно изработени. Како што се теписи, вазни, скулптури, уметнички дела и слични предмети и мебел.
Скандинавскиот заменете го со јапанди стил
Скандинавскиот стил кој е еден од најпрепознатиливите се карактеризира со многу дневно светло, ѕидови во бела боја, дрвен под, светли нијанси на дрво, едноставен и функционален мебел, неутрални бои, прекривки со текстура, минимум декор. Овој стил за уредување на домот кој скоро една деценија е ултрапопуларен низ целиот свет, неодамна доби трендовска фузија – јапанди стил. Овој стил е совршен спој на функција и форма, чисти линии, светол простор и светли бои. Го спојува најдоброто од јапонскиот минимализам и скандинавската едноставност. Естетиката се фокусира на чисти линии, природни елементи и комфор. Со користење на натур дрво, пастелни неутрални бои со акценти во светло зелена и внесување на растенија во домот за да се постигне „outdoor“ амбиент. Исто така деталите од плетена трска и ратан, светилки со дизајн кој асоцира на јапонски лустери и употреба на потопла палета на бои ќе го постигнат дизајнот на јапанди.
Индустрискиот заменете го со рустичен стил
Индустрискиот стил настанал како резултат на пренамената на стари магацини, складишта, индустриски објкети во простори за живеење или работа. Како последица на тоа во ентериерот има стари цигли, натур бетон, патинирано дрво и често инсталациите се видливи. Заради големата популарност и честата примена во ентериери полека станува клише, освен во ретки случаи каде произлегува „природно/логично“ од просторот. Време е индустрискиот стил во домот да го замените со друг стил кој е пооргански. Рустичниот стил лесно се вклопува во многу домови, нуди широка палета на различни варијации во уредувањето. Во рустичниот стил, наместо на формата главен акцент се става на материјалите кои се применуваат во просторот. Тоа се честопати пренаменети природни материјали како натур дрво, памук, камен, јута и сл. Палетата на бои е неутрална, најзастапени се бела, беж, сива и кафени нијанси. Дизајнот во целина треба да изгледа пријатно и релаксирано. Без јаки бои и впечатливи принтови. Дизајнот на мебел да биде едноставен овозможувајќи материјалите и боите да дојдат до израз.