Пролетта е во полн цут, ги уредуваме дворовите и терасите за во претстојните месеци да бидат мала оаза за уживање во домот. Без разлика дали се работи за мали промени во просторот или поголеми зафати, интересни идеи за инспирација секогаш се добредојдени. Комплетното уредување опфаќа избор на: зеленило, поплочување, простор за седење, засенување, осветлување и декорација. Како најинтересни теми за инспирација Ателје Проектинг би ги издвоиле: медитерански стил, тропски амбиент и зен.
Медитерански стил
Карактеристичен за приморските делови на Грција, Хрватска, Италија и Франција еден од најпосакуваните стилови е медитеранскиот. Секогаш нѐ асоцира на одмор, на убави спомени и со својот лежерен шарм се вклопува во различен амбиент. Специфични бои за овој стил кои ја рефлектираат природата на регионот се: тиркизно сина, богати земјани тонови на теракота и кафена, зелена и светло жолта. Растенија кои може да ги засадите и ќе постигнете не само визуелен туку и ароматичен амбиент на медитеран се: лаванда, рузмарин, босилек, жалфија, олеандер, лимон и маслинка. Како материјал за поплочување може да се користи камен или теракота плочки. Дрвена пергола со платно е убав избор за засенување на просторот за седење. Мебелот за седење треба да биде од дрво, со текстил во светли и природни материјали. Комплетниот впечаток може да се надополни со глинени ќупови, саксии или вазни. Осветлувањето може да биде низа од повеќе мали сијалички поставени во повеќе редови над масата.
Тропски амбиент
Тропскиот стил секогаш се поврзува со егзотични дестинации и бујна вегетација која ‘‘вирее‘‘ во вечно лето. Главен мотив во принтовите се јаките флорални дезени, а палетата на бои се состои од многу различни нијанси на зелено, и јаки бои инспирирани од цветовите како розова, циклама, виолетова, портокалова и жолта. Сите видови на палми кои се адаптирани на нашето поднебје може да ги засадите за да се постигне тропски амбиент во дворот или на терасата. Густината на растенијата и варијацијата во бои и висина е тоа што ќе ја направи тропската градина автентична. За поплочување може да се употреби камен или дрво. Мебел од дрво или ратан е најдобар избор, а седењето може да се надоплни и со лулашка или клацкалка од истиот материјал. Доколку има доволно простор соодветен избор би биле и лежалки со чадор за поголема удобност. За амбиентот да се надополни со осветлување може да се избере модел за на ѕид кој асоцира на факел.
Зен амбиент
Јапонските градини пленат со својата едноставност, смиреност и рамнотежа, најпознати од овој тип се зен градините. Тие се состојат од неколку елементи за да се постигне карактеристичниот минималистички изглед: растенија, патеки, песок, камења, скулптури и водени површини. Растенија кои се најсоодветни да се употребат се: бамбус, папрат, бонсаи, јапонски јавор, и мов. Треба да се направи баланс помеѓу површините со зеленило, песок и патеките и да се надополнат со поголеми камења како акценти во просторот. Мебелот најдобро е да биде изработен од бамбус, доколку е поголем просторот може да се постави и минималистичка дрвена клупа на одредено место. За осветлување навечер поставете хартиени лантерни или свеќници налик на фенер. Во уредувањето главен мотив треба да биде едноставноста, со примена на чисти линии и хармонија, за да создадете простор за медитација и релаксација.