По завршувањето на секоја година ги сумираме впечатоците за годината што изминала. Инстаграм е практична алатка за инспирација и следење на трендови во дизајнот на ентериер. Хаштаговите ги откриваат клучните зборови кои биле користени при постирање и ги откриваат интересите на корисниците. Од Ателје Проектинг направија мало истражување и ги издвоија следните хаштагови поврзани со ентериерите како најпопуларни за 2021 година.
#homeoffice 8.3M
Не само 2020 година, туку и изминатата година ја одбележа работата од дома. Оваа голема промена не само што влијае на секојдневието на вработените туку има влијание и во светот на дизајнот. Дизајнерите и прозводителите на мебел исто така се насочени сè повеќе на канцелариски мебел за дома. Бидејќи условите за работа и потребите од дома се различни, предизвик е да се дизајнираат ваков тип на простори каде што работата и живеењето се испреплетуваат.
#scandinaviandesign 4.9M
Скандинавскиот дизајн повеќе од една деценија го држи врвот меѓу најомилените стилови за уредување. Заради неговата едноставност, употреба на природни материјали, филизофија и естетика кои ги носи со себе сè уште е меѓу најпосакуваните. Лесно се вклопува и надополнува со други стилови во зависност од трендовите или потребите. Покрај Икеа и останатите производители на мебел нудат голем избор на парчиња во овој стил, па уредувањето на домот е едноставно. Изминатата година исто така беше актуелен и како јапанди- фузија на јапонски и скандинавски стил.
#rusticdecor 3.6M
Сè повеќе се популарни рустичните ентериери, почнувајќи од кујните и комодите, до деталите и декорацијата. Луѓето имаат некоја инстинктивна потреба за рустични елементи во домот. Тие даваат топлина и чувство на припадност, повраност со минатото и природата. Рустичните детали лесно е да се вклопат во различни ентериери доколку се внимава на бојата и дизајнот, најважно е да бидат од природни материјали кои се автентични.
#cozyhome 2.9М
Домовите што наликуваат на „музеј“ се минато, се избегнуваат ладните материјали како стакло или инокс со сјајни рефлектирачки површини. Предност се дава на топли материјали и бои, посебно ткаенини кои дават чувство на топлина. Дрвото и природните ткаенини како памук, лен и волна создаваат чуство на топлина. Исто така се става акцент на удобноста на мебелот, дизајнот и естетиката повеќе не се единствен критериум.
#whiteinterior 1.4M
Белата боја иако често пати се смета за „сигурен избор“ или здодевна, сепак е меѓу најкористените во ентериерите. Таа рефлектира најмногу светлина од сите бои во спектарот. Ненаметлива и неутрална, со што се вклопува во различни комбинации и стилови. За љубителите на минимализам, чисти и едноставни простори, таа е “рај за очи”. Целосно белите ентериери или просторите во кои доминира белата боја, не значи дека се монотони. Може да бидат естетски интересни долколу се користи бела боја во различни материјали, текстури и завршници.