Отсекогаш сум била пречувствителна и некогаш премногу избувлива со најблиските, па потоа сум имала голема фаза на каење и веднаш сум сакала се смирам со личноста со која сум скарана. Нешто слично на тоа кога ќерка ми ќе ја искарам и таа бара веднаш да ја гушнам, само возрасна варијанта. Не е нешто на што сум горда и се обидувам и успевам да ги контролирам емоциите, но последнава година не влијаеше позитивно на мене. После долг период на ниска самодоверба, немање мотивација, желба за работа и подобрување како и константно себеобвинување дека ништо не правам правилно почнав да забележувам дека станувам уште почувствителна на ситуациите околу мене, разговорите со моите блиски, а со тоа и поизбувлива. Не дозволував никој ништо да ми каже или пререче дури ни да ми даде совет. Се изолирав, не излегував, дури и договорите за излегување и гледање со колегите и пријателите на кои многу се радував порано, сега сакав да се откажат за случајно да не се изнервирам за нешто и да се испокарам и со нив. Таман кога мислев дека празничниот период ќе ми помогне да се почувствувам пак убаво всушност само ми ја засили анксиозноста и нервозата, а згора на сè и дома сите се разболевме па сите планови за малку да излезам од домот и да бидам малку среќна пропаднаа во вода. Така безнадежно вртејќи се во круг, скарана по неколку пати со мајка ми, сестра ми, маж ми, одлучив да седнам и да напишам како се чувствувам, нешто што често го правев како тинејџерка, по совет од баба ми. Чувствата беа следни: нервоза, паника, страв, недоверба, вина, помала вредност, потреба за правдање од една страна, а од друга бес и лутина зашто се чувствувам така, а немам реална причина. Помислував дури и да се јавам повторно на психологот и да го најдам коренот на проблемот, но ни тоа не го направив затоа што едноставно не сакав да зборувам за тоа. Менталното здравје ужасно ми се влошуваше, а немав како да излезам од демонскиот круг на анксиозност, панични напади и депресија.
Почнав сама да се обидувам да ставам крај на ова и сфатив дека 2021 всушност ми била година на многу силни емоции и чувства и многу безнадежни ситуации, многу полоша од злогласната 2020. Прво имав надеж дека повторно ќе ги видам сите пријатели и роднини кои не живеат тука, дека ќе шетам повторно во други земји, дека ќе можам пак како порано да се дружам и гледам со сите со исто темпо, па потоа имав надеж дека ќерка ми ќе оди почесто во градинка (читај нема да е толку често болна), дека ќе имам мотивација и инспирација за повеќе работа, дека никој од моите блиски нема да се разболи и дека конечно ќе ставам ред и рутина на вежбањето и јадењето. Наместо тоа се соочив со смрт на баба ми, која ми беше огромна потпора и поддршка буквално целиот живот, потоа морав да ја гледам мајка ми како се бори со милион предизвици секојдневно, ќерка ми упорно се разболуваше секој месец и морав повторно да балансирам помеѓу работата и нејзиното чување дома, а секако следеше и разочарувањето дека на ковид му нема крај и нема пак да ги видам сите луѓе што ги сакам. Згора на сè, дознав дека и ендометриозата ми се вратила, а со тоа и сите лоши симптоми и затоа не можам да останам бремена повторно иако сè уште силно посакувам.
Ситуациите беа тие што беа, за жал во животот секогаш тешките работи преовладуваат, а нешто што можеше да се смени е мојот однос кон нив. Се прашував во целава ситуација како да почнам да реагирам на работите помалку емотивно, да не бидам толку чувствителна и несреќна и да не дозволам секоја ситуација да ме вади од такт? Можеби за некого претерувам, да, има многу полоши судбини и ситуации од мојата, но дали тоа ми го одзема правото да се чувствувам лошо и да не бидам тажна? Дали не треба да се жалам и треба да издржам? Кој всушност е тој што одредува правила дали некој треба да биде поиздржлив во својата тага, да биде силен бидејќи секогаш има полошо?
На крај, во некоја моја метафора често се прашувам како може да бидам оперирана од чувства, а не преплавена од нив?
Можеби и нема да најдам никогаш одговор на овие прашања, можеби засекогаш ќе останам ваква каква што сум сега, со измешани емоции, за некого премногу и прегласна, можеби и таа што многу се жали, но засега ќе навивам за тоа дека оваа година можеби ќе донесе трошка надеж и за мене, пречувствителната и таа која постојано се правда за сè. Особено кога текстов го пишувам од одмор и зимска идила, во моето сигурно место и за себе, за јас да се почувствувам подобро, малку оддалечена од реалните и навидум безнадежни ситуации. Сепак, и покрај сè и сите „правила“ за искажување на сопствените емоции, пишувањето за тоа е единственото нешто што ќе остане мое и не може да ми биде осудувано или скратено.
Илустрација: Вања Штркова