Моника и Славчо Мирчевски, првата дрвена фигура ја направиле за својата ќерка и оттаму се развил малиот бизнис за автентични дрвени изработки, Monkdolls.
Идејата за Monkdolls потекнува од… украс кој го направивме за во детската соба, пред да се роди нашата ќерка. Тоа беше првата рамка со фигури, со порака: Убаво е кога сме заедно.
Инспирација за изработките добиваме… од секој човек, секое семејство, пријателство, колеги… секој носи свој лик. Посебен и единствен.
Начинот на изработа на дрвените кукли би го опишале… Дрвото со неговата можност да менува форма и боја, е прекрасна основа за создавање уметност. Така станува вечно. Безвременско. Чест ни е што ја продолжуваме традицијата на изработка на овој вид на кукли, стари скоро 2 века.
Најкреативниот дел од нашата работа е… изработка на нови форми од дрво.
Најголем предизвик ни претставува.. тоа што само преку краток разговор или споделена фотографија, треба да оформиме слика за некое семејство и потоа да ја пренесеме во рамка. Тоа некогаш е навистина тешко.
Омилена дрвена фигура од детството… логичка игра од 6 идентични парчиња дрво, кои доколку добро се постават, формираат нова фигура. Подарок ми е од еден архитект, кој од дете ја храни мојата љубов кон уметноста, многу ми е драга и сè уште ја чувам на работното биро.
А од Monkdolls…голема кукла која ја направивме за нашата ќерка.
Креативната енергија ја задржуваме преку…работа…Секоја нова рамка, создава нови идеи.
Себе би се опишале како… јас и Славчо сме два збора. Идеа и реализација 🙂
Уживаме во… насмевката на лицето што им ја даваме на нашите клиенти.
Мал бизнис во нашата држава значи… многу работа и труд, кој луѓето го препознаваат и добро го вреднуваат. Среќни сме поради тоа.