Актерките од „Сестри“, Миа Жиро и Антонија Белазелкоска, нè освоија со својата глума во филмот што отвора многу сензитивни прашања за врсничкото насилство, бележи успеси на многу фестивали и е национален кандидат за „Оскар“, а исто така е и првиот македонски филм што се прикажува на „Нетфликс“. Поразговаравме со Миа и Антонија, кои ги глумат Маја и Јана, двете неразделни другарки кои се соочуваат со огромни предизвици по цена на пријателството.
Со оглед на успехот на филмот „Сестри“, каде што ги толкувате главните улоги на другарките Маја и Јана, ќе можете ли да раскажете нешто повеќе за процесот на снимање и за вашите карактери?
Антонија: Целиот проект траеше многу долго време, само кастингот се одвиваше шест месеци. Следуваа подготовки за снимање од четири месеци, во овој период интензивно се дружевме со режисерката Дина, Миа и секојдневно имавме часови по пливање. Пред снимањето, сценариото го прочитавме само еднаш, бидејќи на Дина ѝ беше важно сами да ги изградиме ликовите на Маја и Јана и во вистинска слика да ги прикажеме нивните карактери, секако со нејзини инструкции. Успеав да ја пронајдам Маја во себе и на тој начин да ја прикажам потребната емоција во секоја сцена.
Миа: Пред да почнеме со снимањето на „Сестри“, имавме актерски проби и разговори со Дина и со тоа ни помогна да се пронајдеме во улогите и нè упати во целиот процес. Нешто што мене лично многу ми помогна да се пронајдам во ликот на Јана беше тоа што Дина од почетокот на пробите нè прашуваше како ние би се однесувале во одредена ситуација во контекст на ликовите, како би се чувствувале, што би направиле и слично. Така и Дина навистина добро нè запозна и тоа го олесни и целиот процес на снимање подоцна.
Што мислите вие за однесувањето и ситуациите со кои се соочуваат двете најдобри другарки?
Антонија: Во филмот, на почетокот се среќаваме едно навидум вистинско пријателство – две неразделни другарки кои буквално си ги знаат и најмрачните тајни и токму поради тие тајни другарството се развива во токсично, проследено со социјално, исклучување. За жал, ова претставува пресликување од реалниот живот.
Миа: Тоа што го гледаме во ситуацијата помеѓу Јана и Маја не е невообичаено во реалниот живот. Всушност, такви работи се случуваат секојдневно. Реално, сите знаеме некој што поминал низ нешто слично, некој што бил малтретиран или манипулиран. Но, за жал, не е доволно подигната свеста за на тоа му се стави крај. Поентата на „Сестри“ е да го направи тоа.
Какво искуство собравте во текот на снимањето, што особено паметите, како беше да се работи со Дума?
Антонија: Дина Дума е прекрасна личност и многу беше лесно да се соработува со неа. Особено ми помогна тоа што се постави како наша другарка, точно знае што сака, па оттука дава и јасни насоки. Времето поминато на сетот со сите прекрасни луѓе беше незаборавно, а дел од другарствата сè уште ги одржувам. Би ги издвоила и студените денови, кога снимавме на Матка, беше потребна многу голема издржливост, но дефинитивно вредеше.
Миа: Играњето на ликот на Јана во „Сестри“ беше моето прво актерско искуство. Низ целото снимање научив многу работи за глумата, за снимањето филм, како и работата со многу голем број луѓе. Особено ќе паметам колку сложно и посветено работевме сите, дружбата на сет со другите актери и сите од екипата и преубавата атмосфера што владееше. Работењето со Дина беше многу добро, особено поради тоа што таа секогаш создаваше мирна средина, беше подготвена и нè вклучи во целиот процес. Многу беше трпелива со нас и нè водеше низ сè и така имавме одлична соработка.
Сметате ли дека денешните предизвици на младите содејствуваат со пораката во филмот „Сестри“ и, според вас, дали се соочуваат младите со слични ситуации и последици од однесувањето?
Антонија: Социјалните мрежи имаат огромно (негативно) влијание врз нашите животи, без разлика дали го признаваме тоа или не. Денес, тоа е коренот на токсичните пријателства. Голем број мои врсници биле во слична ситуација, доживеале големо чувство срам. Општеството и институциите потребно е да го третираат овој проблем. Ние, младите, меѓусебно треба да покажуваме поголема емпатија, со цел да не дозволуваме појава на вакви ситуации, а родителите секако треба да знаат што се случува.
Миа: Како што кажав и претходно, она што го гледаме во „Сестри“ не е невообичаено, дури за жал речиси е нормализирано. Јас, лично, познавам најмалку три девојки кои биле во слична ситуација и точно знам дека такви работи се случуваат секојдневно и насекаде. Последиците не се ништо поразлични од она што е прикажано во филмот. Девојката завршува засрамена, исмевана и малтретирана, а момчето станува фраер. И мислам дека тука доаѓа моментот кога девојката мисли дека треба да премолчи и да не преземе ништо. Сметам дека сите можеме да се согласиме дека е време да се смени ова. Сакаме пораката во „Сестри“ да помогне да се подигне свеста за овој проблем.
Антонија Белазелкоска
Годинава успеси наредивте и со двата филма „Северен Пол“ и „Сестри“. Дали се надевавте на ваков успех и што значи ова за вас и за вашето искуство како актерка?
Се разбира, се надевав на голем успех, но ова што се случи ги надмина моите очекувања. Да се биде дел од два проекта со толкав размер е сон на секој актер кој е на почетокот од својата кариера. Не само што се здобив со нови искуства пред камерата туку и ми се отворија многу врати за во иднина. Секако, ова беше само вовед во успехот на филмовите и многу сум благодарна што режисерките ме одбраа токму мене да бидам дел од нивните проекти.
Со оглед на тоа што се млада, што научивте од работата на овие два филма и што особено ви се допаѓа во карактерите што ги глумите во „Сестри“ и „Северен Пол“?
Со искуствата од снимањата стекнав нови знаења од областа на филмот и филмската индустрија, со што уште повеќе ми се зголеми желбата за учење и напредок. Земајќи предвид дека темите во двата филма се проблеми што се среќаваат секојдневно меѓу младите, бев дополнително предизвикана да ги доловам на вистински начин. Во „Сестри“ е опфатено врсничкото насилство и јасно покажува колку еден клик на социјалните мрежи може да уништи еден живот. Во ликот на Маја e отсликана внатрешната борба, предизвикана од токсично другарство, премолчена неправда, мислењето на околината. На крајот, Маја сепак успева да се избори за вистинскиот пат.
Во ликот на Марго во „Северен Пол“ е опфатена изолацијата кај тинејџерите, критериумите што се наметнуваат од другите со цел да се почувствува припадност во нивниот свет. Но, Марго останува своја без разлика на притисокот од околината и успева да го пронајде вистинското јас што всушност цело време било присутно.
Зошто глума и кое беше вашето прво актерско искуство?
Пред првпат да застанам пред камера, глумата не ми беше прв избор. Тоа се промени со мојата улога во „Амби“ на Марија Апчевска-Петровска, која ме откри како „талент“ на мои 12 години. Можам да кажам дека тоа не само што ми ја разгоре желбата за актерство туку и ме нурна во тие води.
Со оглед на тоа што сте четврта година средно училиште, како ја гледате вашата иднина, дали би продолжиле на ФДУ или се гледате себеси во некоја друга земја?
Мојата идна професија во филмската индустрија е дефинитивна, а досегашниот успех само ми го осветли патот по кој сакам да чекорам. Сега сум матурант и го чувствувам притисокот за запишување на факултет, но сè уште не сум одлучила каде точно ќе студирам. До пред извесен период бев сигурна дека сакам да студирам во земја каде што филмот е поразвиен, но како се приближува рокот за уписи мојата желба сепак е да останам дома.
Миа Жиро
Што особено ви се допадна и ви беше лесно во улогата во „Сестри“, а што ви беше најголем предизвик при глумењето?
Она што најмногу ми се допадна во целина беше тоа што добив шанса да работам со многу прекрасни луѓе, а во однос на мојата улога ми се допадна тоа што играв забавна и откачена девојка. Покрај тоа, Јана е и злобна и манипулативна и можам да кажам дека тоа ми претставуваше предизвик, особено снимањето на заканите каде што ја гледаме нејзината најподмолна страна. Но, Дина беше секогаш тука да ми помогне и да ме насочи и така успевав да го дадам најдоброто од себе.
На какви проекти имате досега работено, дали повеќе сакате театарска сцена или филмско платно?
Освен „Сестри“, немам работено на други проекти, ниту сум глумела на театарска сцена. Но, мислам дека, и покрај тоа, можам да кажам дека повеќе сакам да глумам пред камера.
Како се гледате себеси за неколку години со оглед на тоа што сте студентка, на што сте особено посветена, какви се вашите планови?
Студирам француски јазик и книжевност на Филолошки факултет и моментално сум особено посветена на тоа. Кога ќе го завршам факултетот сакам да бидам преведувач и, секако, покрај тоа да продолжам со глумата.
Облека: MNML by Nana