Режисерката Марија Апчевска, актерката Наталија Теодосиевa и режисерот и актер Ханис Багашов оваа година се избрани да учествуваат во програмата на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал, „Берлинале таленти“ што годинава ќе се одржува дигитално од 12 до 17 февруари.
Апчевска е режисерка на краткиот филм „Северен Пол“ кој освои бројни меѓународни награди и чија премиера беше на минатогодишниот Кански филмски фестивал. За „Портрет“, Апчевска изјави дека е чест да се биде дел од избраните режисери на јубилејното, 20-то издание на „Берлинале Таленти“.
„Многу сум среќна што повторно сум дел од фестивалот, после „Бардо“, кој имаше премиера нa Berlinale Generation и што по инзворедната 2021 година, и оваа година започнува убаво и успешно со ваква вест“, ни кажа Апчевска.
Багашов е трет пат на Берлинале, прв пат на премиерата на филмот „Кога денот немаше име“ на Теона Митевска во кој игра една од главните улоги, а вториот пак како учесник во „Берлинале Таленти“ во 2020 година.
„Јас сум меѓу 10-те селектирани од целиот свет за лабораторијата за развој на сценарио за долгометражен филм, како дел од „Берлинале Таленти“. Поточно избран е проектот за мојот прв долгометражен игран филм. Тоа значи дека ние 10-те избрани ќе имаме интензивна работа со ментори пред почетокот на фестивалот и во текот на фестивалот, со завршна презентација. Се надевам дека наскоро ќе се снима и филмот, а со оваа селекција – Берлинале стои зад проектот, а тоа е огромна ‘гаранција’, вели Багашов за „Портрет“.
Наталија Теодосиева ја знаеме по театарските и филмските улоги, дел од кои се и „Врба“ и „Исцелител“, а ја има и главната улога во најновиот филм „Мими“ на Даријан Пејовски, кој е во пост-продукција.
„Возбудена сум за настаните и работилниците на кои ќе учествувам на овогодинешниот талент кампус. Навистина е тешко да станеш дел од берлинските таленти, конкуренцијата е голема, годинава се пријавиле преку 2.000 млади филмски уметници а се избрани само 200, од кои 12 се актери и актерки. Оваа уникатна можност за мене е важна од повеќе аспекти. Ќе имам прилика да запознам млади филмаџии од целиот свет, ќе имам и прилика да ги споделувам моите искуства со нив, а што е уште поважно ќе можам и јас да „украдам“ нешто од нивните досегашни искуства. Работилницата под име Acting Studio за која сум најмногу возбудена, ќе биде водена од ментори кои досега работеле со познати европски и холивудски ѕвезди“, изјави Теодосиева.
Берлинале таленти“ е развојна програма во склоп на престижниот филмски фестивал чија главна цел е да избере учесници кои со својата креативна визија прават промени во општеството. Оваа година е 20-то издание на програмата во кое има 200 избрани учесници од повеќе од 70 различни држави. Досега низ „Берлинале таленти“ поминале 10.000 учесници, а преку 100 учесници учествувале со филмови на Фестивалот.