Главен фокус во фотографиите на Андријана Тилиќ се ентериерите и објектите од современата архитектура. Образованието во областа на архитектурата допринесува за силно изразено чувство за композиција и детал во нејзините фотографии. Соработува со голем број проектантски бироа во Македонија, а нејзините фотографии се објавувани во повеќе магазини за архитектура и дизајн. Направивме интересно интервју за нејзините почетоци и фотографски афинитети.
За фотографирање се заинтересирав… многу одамна, но за архитектонска фотографија се заинтетесирав при крајот на студиите по архитектура, тоа некако многу природно и спонтано се наметна како тема во моите фотографии.
Прва фотографија ми беше… Не можам да се сетам која беше мојата прва фотографија, најверојатно некој пејсаж, цвет или шатка на езерце во парк J Но една од првите архитектонски фотографии за која паметам е фотографија на која е претставен специфичен детаљ од фасадата на Македонската Опера и Балет.
Инспирација добивам од… самата архитектурата, особено онаа чистата, модерна, минималистичка архитектура. Изборот на архитектурата ми е од примарно значење. Првенствено, мојот интерес е насочен кон фотографирање на модерната архитектура, а особено објекти изградени во времето во кое живеам. Токму она личното доживување со објектот, за мене е од примарно значење. Тука се креира идејата за кадарот и фотографијата воопшто.
Неостварена желба ми е да фотографирам со… еден од најголемите архитектонски фотографи на сите времиња, Јулиус Шулман, човекот кој низ своите дела ја покажа модерната архитектура на остатокот од светот и ги направи култните фотографии во историјата на современата архитектонска фотографија.
Преку Инстаграм фотографијата и мојата работа воопшто… го претставувам мојот начин на гледање на архитектурата, мојата точка на гледање. Посебно ме привлекуваат фронталните композиции, во кои се апстрахира контурата на објектот, и се открива еден нов поглед, кој сметам дека многу добро го илустрира архитектонскиот јазик. Мојата крајна цел секогаш е создавање на чиста, ликовна, уметничка фотографија, каде што архитектурата е мотив.
Омилени места за фотографирање во Скопје… имам повеќе. Тоа се пред сè објектите од модерната архитектура, а особено ме привлекуваат бетонските бруталистички градби кои со својата скулптуралност и уникатност му даваат посебна архитектонска специфика на градот.
Фотографи кои редовно ги следам и ја почитувам нивната работа… Iwan Baan (@iwanbaan), Jeanette Hägglund (@etna_11), Sebastian Weiss (@le_blanc), Maria Svarbova (@maria.svarbova), Tobias Hagg (@airpixels), Dirk Baker (@macenzo).
Градови што обожувам да ги фотографирам… се големите метрополи, градови во кои е најнормално да сретнете објект од значајните светски архитекти како Заха Хадид, Рензо Пиано, Френк Лојд Рајт, Френк Гери. Голем дел од моите патувања се организирани околу фотографирањето. Понекогаш претходно се подготвувам кои објекти да ги посетам и да ги фотографирам, а понекогаш случајно наидувам на објекти што ме фасцинираат.
Фотографирањето архитектонски објекти за мене претставува… пасија и љубов, но истовремено и извор на егзистенција. Како архитектонски фотограф, соработувам со голем број архитектонски бироа во Македонија, ги фотографирам нивните изведени проекти без разлика дали станува збор за ентериери или архитектонски објекти. На тој начин имам направено спој од две прекрасни професии, архитектурата и фотографијата, што ми дава можност да уживам во ненадминливата архитектонска естетика.