Поради нивниот изглед албинистите често се мета на дискриминација, социјална изолираност и нееднаква третираност. Следниве светски модели преку својата работа во модниот, музичкиот како и светот на убавината, но и со својот активизам ги рушат стереотипите и ја отвораат вратата кон прифаќање на различностите.
Jeffrey Jewell
Француски модел од конголско потекло, кој случајно бил забележан на улиците на Париз од еден фотограф и бил повикан на аудиција. Животот не го поштедил Џефри од непријатни погледи и маргинализација, но неговата самоувереност му помогналa да го оствари тоа што го сака. Паралелно со својата кариера како модел, станал и диџеј на кваито музика, мешавина од хаус, афро поп и гараж жанрови. Успешната приказна на Џефри останува позитивен пример за дискриминираните заедници кои се соочуваат со пречки да го остварат својот сон во светот на убавината.
Nastya Zhidkova
Настја е руски албино модел која стана славна преку нејзиниот професионален алијас Kiker Chan. Таа е најпозната по нејзината необична и деликатна работа на едиторијали и досега има над 137.000 следбеници на Инстаграм. Настја почнала да работи како модел преку имитиција на јапонски аниме карактери, а потоа набрзо го освои светот на високата мода.
Connie Chiu
Родена во Хонг Конг, Кони е четвртото дете во нејзиното семејство и единствена со албинизам. Поради опасноста од сонцето за нејзината кожа, таа се преселила со нејзиното семејство во Шведска каде на 24 години почнала со кариера како модел со францускиот дизајнер Жан Пол-Готје. Таа е првиот модел со албинизам во светот, а покрај тоа е и позната џез музичарка со настапи во многу клубови низ светот.
Diandra Forrest
Диандра е афро-американски модел која стана првата личност со албинизам ангажирана од агенцијата Elite Models од Њујорк. Диандра е исто така првиот албино модел кој се појави во козметичката кампања на светски познат бренд за убавина, брендот Wet’n’Wild. Диандра работи во танзаниската организација Assisting Childen in Need што им помага на луѓето со албинизам кои се често напаѓани и киднапирани.
Shaun Ross
Шон е првиот професионален машки модел со албинизам. Сликан е за многу кампањи и едиторијали за магазините GQ, Vogue, i-D, Paper, Another Man, а учествувал и на модни ревии за Александар Меквин и Живанши. Шон бил многу дискриминиран од неговите соученици додека растел во Њујорк и често го нарекувале „пудра“ или „Каспер“. Со моделска кариера започнал на 16 години во 2008 година откако пет години претходно учел танц во училиште во Њујорк.
Thando Hopa
Адвокатката од Јужна Африка била случајно забележана од скаутот Герт-Јохан Коетце и влегла во модниот свет. Во 2019 година таа испиша историја како првата личност со албинизам која се појавила на насловната страница на познатиот магазин Voguе. Таа е и активист со силен глас за инклузија и позитивен поглед кон албинистите, често говорејќи на разни форуми и настани како овогодишниот економски форум во Давос на тема „Убавината на инклузијата“.