Време е за џез! Меѓународниот ден на џез-музиката, во четврток ќе биде одбележан преку онлајн видео-стриминг. Здружението на џез-музичари на Македонија ќе приреди концерт кој ќе биде прикажен на нивната Фејсбук страница. Стримингот ќе се одвива и на Фејсбук страницата на Град Скопје, како и на Фејсбук страницата на Младинскиот културен центар. Во текот на целиот ден, ќе имаме можност да проследиме неколку концерти на врвни македонски музичари и групи: соло настап на Антоние Весковски, концерти на „Кабадајас“ и на „Зулу 3.4“, концерт на групата „Светлост“, како и на бендот на Михаил Парушев и на групата „3ject“.
Перкусионистот Антоние Весковски ќе се претстави со својот проект насловен „AVP Project“, со песни од неговиот албум „Wonderland“ кој набрзо треба да излезе, додека на концертната изведба на „Зулу 3.4.“ ќе слушнеме композиции од нивните два студиски албуми „FM to AM“ и „Expandability“. Концертот на бендот „Светлост“, ќе претстави дел од нивниот композиторски и изведувачки опус, како и нови композиции, но и музика која спонтано ќе произлезе од нивните креативни мигови.
„3јеct“ е најновото возило за сонично истражување на тројца музичари со разгорени умови и нескротлива побуда за трасирање на музички автопати со нагласен дефицит на знаци и ленти. Поробени од најголемата слобода на „свирење од нула“, поткрепени од вградени параметри, создаваат ненадејна музичка емпатија која потекнува од незабиколниот индивидуализам на тројцата музичари. „HOMEVERSE“ го документира нивниот иницијален поход кон непознатото и е своевидна ода на Мајката Вселена и нејзиниот modus operandi.
Освен нив, ќе имаме можност да слушнеме и настап на ЗЏМ Колектив – комбо ансамбл составен од изведувачи кои се членови на Здружението на џез-музичари и кои и се веќе добро познати на македонската џез-публика. Како специјални гости на овој концерт ќе се појават Џијан Емин на пијано и Ѓорѓи Шарески на гитара.