Дуа Липа годинава ја „доминира“ музичката сцена со новиот албум, а вие прочитајте ја рецензијата за Future Nostalgia од нашата соработничка Миа Милошеска (@wilmaflintstone_).
Во 2019 со менувањето на претпознатливата фризура, Дуа Липа смени многу повеќе од само нејзиниот имиџ.
Кога Дуа стана плавуша, ги избриша сите слики од Инстаграм и ја најави новата диско-ера, сите мислевме дека 2020 е годината кога ќе се роди новата Kylie Minogue. Јас, лично, добив многу повеќе од тоа.
Првиот албум на Дуа Липа беше розево-лилав, самовилски, носталгичен, без јасен концепт, идеја и насока. Новиот албум на Дуа Липа е свежо постмодернистичко дело, истовремено футуристичко и носталгично – во него може да се најдат сите возможни возбудливи комбинации на бои, истовремено несмасно и испланирано фрлени на платно. Изборот на продуценти, од другa страна, е дефинитивно неочекуван, но со добар исход. Таа не соработува со луѓето кои стојат позади поп хитовите на Мајли Сајрус, Селена Гомез, Ариана Гранде, туку со тие кои стојат позади веќе познати евергрини (да, доволно време е поминато) како We are young, Locked Out of heaven, Uptown Funk.
Tака, додека сите поп изведувачи кои веќе се наоѓаат во десеттата година од нивната музичка кариера, делат исти соработници, Дуа Липа наоѓа свои. А, сепак е таму каде што е. Меѓу нив, а сепак не една од нив.
FUTURE NOSTALGIA
Уште од првите 30 секунди од албумот може да се забележи значајна промена во досега познатиот тон. Поп трака изградена врз база на техно елементи во која доминираат сајзерите и дроповите, Future Nostalgia е микс на новото и старото. Новото ни е веќе познато – класичната и претпознатлива шема која доминира на радио станиците може да се препознае и овде. Сепак, интересен е охрабрувачкиот ефект кој го има „старото“, соничното, фанковското врз нас и нашата самодоверба. Дуа Липа има за цел да ги потсети „старите“, а младите да ги научи што во суштина претставува поп музиката. Песната не е исклучително добра, но токму елементите од 80-тите ја прават интересна. Додека рефренот е тотално разочарувачки и целосно го уништува моќниот почеток на песната, тоа што следи по рефренот е причината поради која јас, а верувам и вие, ја пуштивте песната барем пет пати.
DON’T START NOW
AKA NEW RULES 2.0. Уште една химна за раскинување. Моќниот дроп во New Rules (зборувам за тој на тапанот и перкусиите пред Дуа Липа да ја каже водечката идеја на песната) овде е заменет со бас линијата и електричните виолини. Почетокот на рефенот нè става во исчекување, а мелодијата која за возврат ја добиваме е тотално задоволителна. New Rules беше слатка и симпатична, Don’t Start Now е дрска и секси. Сепак, истиот ефект е постигнат – пораката е успешно пренесена
COOL
Гласот на Дуа Липа овде e совршено сензуален и рапав, дури и повеќе од oбично! Вообичаено за песните на Дуа Липа, и овде рефренот се базира врз ритмичноста на електричниот тапан. Кардинален е тој извик/придружен вокал на Michael Jackson во рефренот. Можеби личи на ситница и ви се чини банално што воопшто го споменувам, но штом го забележите, нема бегање. А, има и причина зошто MJ го користи како неговa главна карактеристика – затоа што е елемент што воспоставува енергична атмосфера. Совршен додаток, а можеби и game-changer на една тотално uneventful праволиниска песна со досаден сајзер.
LЕVITATING
Прво, Дуа Липа е единствениот човек кој може да каже „my sugar boo“ без да превртам очи. Рефренот го има тој Марк Ронсон шмек, а останатиот дел од времето може да слушнеме класична британска поп нумера. Хорот во позадина, тоа клучно ye ye ye, и вокалниот аранжман – да!
BREAK MY HEART
Третиот сингл од албумот, промовиран со неверојатно добар спот (можеби и најдобар од нејзиниот досегашен каталог). Без семпл-oт од INXS – Need You Tonight (некој би рекол и Αnother One Bites the Dust од Queen) песнава би била… едно големо ништо. Сепак, земајќи предвид дека е 2020, можеме да се договориме дека не е до тоа ШТО имаш земено, туку КАКО си го зел и склопил. Рефренот ме потсетува на Ηow Long од Charlie Puth, што само докажува дека песната е шематски градена. Контрадикторно на тоа што го кажав погоре, но секоја теорија има исклучок.
PRETTY PLEASE е мојата омилена песна од овој албум. Продукциски гледано – ремек дело; басот и тапанот повторно прават beat drop кој и те како е на страната на Дуа. Гледана како целина, ова е за мене можеби единствената песна чиј тек е целосно природен и непрекинат.
Во Ηallucinate веќе може да се препознае и влијанието од Κylie Minogue, особено во вокалниот аранжман. Love Again е најблиското нешто до балада што ќе го слушнеме на овој албум. На атмосферата која ја креира виолината целосно и се менува правецот кога истата ја прекинува семплот од Your Woman на White Town.
Good in Bed е успешен обид на Дуа Липа да се карактеризира како Βad Girl (успешен само поради акцентираниот британски акцент). Како што сугерира и самиот наслов, во песната доминираат експлицитни фрази и слики, а музички гледано, низ Дуа Липа дишат сите можни британски поп пејачки од последниве 20 години (Duffy, Lilly Allen, Jessie J…)
На крај, на овој британски шок му се враќа со американизирана феминистичка химна (со ова не алудирам на тоа дека овие две доаѓаат во пакет, ниту дека се надополнуваат), Βoys will be Boys – според мене класична продуцентска грешка во чекори. Ова е веќе песна која би ја пеела и некоја радиска Селена Гомез, и е дефинитивно еден површен, погрешен завршеток на еден 7/10 албум.
Фотографија: Stefan Rajhl