Ива Христовска, позната под уметничкото име Ámika веќе извесно време твори и прави музика од Холандија. Нејзината најнова песна Ayde е интересен спој на различни музички жанрови и елементи со доминација на електронски звук.
Со оглед на тоа што творите и живеете во Амстердам, како би го опишале изминатиов период во поглед на инспирација и желба за музика?
Во последниов период се чувствувам доста инспиративно и мотивирана да завршам некои песни кои ми се веќе почнати пред година дена. Мојата желба за музика никогаш не била посилна, конечно го имам тоа чувство на контрола врз она што сакам да го искажам на музички план. А како тоа публиката ќе го прими е во рацете на универзумот.
Ayde е последното ваше музичко остварување, каква приказна крие инструменталната песна со мешавина од електронски звуци и единствениот збор Ayde?
Идејата песната да се вика Ayde ми дојде на самиот крај. Првоначално ја почнав во 2015 година, се викаше „Ноќе или Дење“ и имаше текст на македонски, меѓутоа не беше доработена, имаше само една строфа и не знаев што точно сакав да кажам. Потоа ги снимив гитарите и на крај си реков „Ајде веќе да ја завршам и да ја издадам!“ Како да си дадов абер сама на себе, така некако. И понекогаш со еден збор можеме да кажеме многу. Не треба да го комплицираме животот.
Која е разликата помеѓу творењето и создавањето електронска музика во Македонија и во Холандија? Каде се чувствувате повеќе своја?
Во моментов се чувствувам своја каде и да сум. Амстердам ми влијаеше со електронската музика 100 процентно. Македонската публика на мое задоволство доста позитивно го прифати овој правец кој е експериментален и без никакви жанровски ограничувања, што по којзнае кој пат докажува дека ние сме нација со доста „изострено уво“.
Дали имате некоја неостварена желба да работите на некој музички проект или да настапите на некој музички фестивал и со кого?
За фестивал уште не сум размислувала, бидејќи целта ми е да издадам околу 10-15 траки за да имам материјал со кој би можела да настапувам. Неостварена желба ми е преку камера и анимација да ја искажам својата музика. За жал, тоа е скоро невозможно како независен артист да се реализира во моментов од финансиски аспект. Етно или world музиката ме фасцинира и ми е предизвик да ја плетам со тој модерен електронски звук. Звук на времеплов и вселенско чувство со чувство на приземјеност, таа е таа атмосфера која сакам да ја доловам. Меѓутоа, ништо не стои вечно, не сакам да давам тврди ставови, си дозволувам да се менувам стилски со секое ново издание.
Какви беа вашите почетоци во музичкиот свет, што ви претставува особен предизвик?
Уште од рана возраст почнав да свирам виолина во нижо музичко, меѓутоа се откажав после неколку години бидејќи мразев да „вежбам музика“. Потоа кога навлегував во тинејџерските води почнав да свирам акустична гитара, свиревме Nirvana и Guns N` Roses во мал бенд во Куманово во подрумот на дедо ми со братучед ми Давид. Во истото време во Скопје во „11ти Октомври“ каде завршив основно образование свирев гитара во училишниот оркестар на Звонимир Атанасов. При крај на основното образование веќе бев во сериозен бенд Etaoin Shrdlu каде што за прв пат свирев електрична гитара и музика која беше тажна, гласна, возбудлива, експериментална и потресно интересна. Потоа ја „баталив“ гитарата неколку години и бев дел од бендот P.I.G. B.C. каде што се посветив на пеењето и пишувањето песни. Со двата бенда имавме огромен успех на РокФест во период од 2007-2009. Потоа заминав на студии во Бугарија каде ја запознав Сара Мејс која ми беше цимерка и имавме успех на талент шоуто во Белград „Ја имам таленат“.
Предизвик ми е да не се откажувам. Толку многу научив од сите овие искуства кои ги набројав и не велам дека е лесно. Сметам дека патот до успехот е непредвидлив, со многу кривини, никогаш права линија. Меѓутоа, секоја одлука е правилна одлука. Како ќе го изиграте следниот чекор без стравот и анксиозноста да ве победи е предизвик за сите нас. Сметам дека човек треба прво да ја изгуби, а потоа пак да ја пронајде вербата во себе со тоа што вториот пат врската е посилна од било кога. Доколку ја воспоставиме таа врска меѓу нас и она што е надвор од нас, тоа е таа енергија која ни дава храброст и сила и нè тера да веруваме во магични нешта.
На што работите во моментов?
Во моментов работам на неколку песни кои сакам да ги завршам поскоро и да ги споделам со вас.
Што најмногу ви се допаѓа во Амстердам?
Удобниот велосипедски систем за транспорт, архитектурата, уметноста, маленкоста на градот, што за 35 минути на велосипед си во сите можни крајни насоки на градот. Автомобилите во центар се сведени на минимум, паркинг местото е прескапо. До 2030 година сите дизел и бензин превозни средства ќе бидат забранети. А во моментов сите дизел возила постари од 15 години се веќе забранети да се движат во градот.
Artwork: Maggie Popova