Со Александар Сандревски – Марсо, Министер за шпалти во „Канал 103“ поразговаравме за Стотројка и нејзиниот опстанок низ сите овие 30 години со постојано испраќање на моќна порака дека независната културна сцена нема да згасне!
„Канал 103“, беше и остана независен културен медиум низ сите овие децении, медиум кој со своите програми на некој начин ја изгради и ја негуваше андерграунд и алтернативната култура и македонска музичка сцена. Како започна вашата приказна со „Канал 103“, кои ви се најдрагите спомени од првите денови?
Љубовта кон радиото, родена во деведесеттите, се разбира најпрво како слушател, па и посетител на настаните ораганизирани од Стотројка, ме донесе еден ден внатре, во самото радио. Иницијацијата ми ја направи Васко Атанасоски, зборам за влезот, преминот на прагот низ мрачните лавиринти, за првите обиди нешто да се каже, да се сподели. Пред тоа, бев фантомот во „Сурово будење“ на Синиша Цветковски, се јавував и му пуштав музика преку телефон, без зборење. Чисто да се најавам пред да се појавам. На 23 мај 1996, на 12 години се качив во 12ка и тргнав накај МКЦ. Не знаев каде да се симнам точно, забележав еден дечко што изгледаше поинаку и тропкаше на столчето. Си реков овој сигурно иде на прославата на првата петолетка на 103ка. Таму ги гледав сите македонски бендови кои претходно ги слушав на радио. Радиото постои 30 години, јас во него 15. Безброј пријателства и искуства низ годините, благодарен сум им на сите што биле дел од приказната.
Во однос на вашата емисија, како се подготвувате, како го осмислувате концептот и како е да се биде дел од „Канал 103“ и од култните имиња низ годините кои поминаа низ радио станицата?
Понекогаш се подготвувам, обично оставам текот на свеста да ме води, ја имам евентуално првата песна, потоа си се развива емисијата. Тоа кога правам емисии. Примарна задача ми е уредување на музичките плеј-листи, таканаречени шпалти. Колегите ме назначија за Министер за шпалти, одговорна и благотворна функција.
Семејството „стотројкаши“ остана на своето и не го смени независниот правец и покрај многубројните исклучувања низ годините. Што според вас го симболизира и претставува „Канал 103“?
Стотројка е феномен од радио, кое може да се гледа и како широко шарено поле на современи културни дејци, органски расадник на природно третирани, ретки билки кои утре нема да се плашат и да се двоумат да и се спротистават на секоја општествена неправда, нема да потклекнат пред секојдневните предизвици и борбата за подобар живот и свет, солидарни и сочуствителни луѓе кои веруваат во моќта на музиката и пораката која ја носи таа. И сакаат да танцуваат на истата. За радиото се снимале филмови (103 Гето, Љубовно писмо до алтернативната култура), пишувале книги (103 документ), спремале контроверзни радио драми, компонирале и пееле песни. Покрај сите закани, сопки и нечесни обиди да се замолчи, покрај тоа што е третирано како диво месо, непризнаена и омаловажена, тоа опстојува и после 30 години. Можеби треба да нагласам дека ова независно радио е постаро од независна Македонија. И дека момците и девојките, музичките соработници на „Канал 103“ не земаат финансиски надоместок за својата работа.
Имаше најави дека конечно ќе се легализира Стотројка пред две години, но ништо не се промени. До каде е процесот на легализирањето на радио станицата и конечно враќање во македонскиот етер?
Моментално постоиме само дигитално, зрачиме преку интернет мрежата. „Канал 103“ е фм радио избркано од фм скалата. Се работи на случајот да се вратиме дома, во својот природен хабитат, сега е вистинскиот момент тоа да се случи, а истото би значело и конечно легализирање и признавање од страна на матицата. Време е да ја прифати највредната пчела, онаа која го прави највкусниот и најчистиот мед.
Имавте 24 часовен молк, по повод 30 годишнината на 1 мај годинава. Што значеше молкот и дали ја добивте потребната поддршка од културните уметници и музичари од земјава?
Молкот беше став/протест, радиска тишина, во момент кога сè е загушено од шумови. Земање длабок здив и подолго задржување на истиот пред да се продолжи понатаму, по својот пат. Поддршка добивме, огромна би додал, сепак постои критична маса на која оваа слободарско радио им значи, им го прави животот поубав. Музичарите снимаат и ни испраќаат џинглови за поддршка, новинарите ја запознаваат пошироката читателска публика со ситуацијата, слушателите ни се обраќаат преку пораки или лично секој ден. Им благодариме, нека се стрпат уште малку, ќе ја добиеме и оваа партија.
Би рекла дека Канал 103 е јадрото на квалитетната радиска и музичка програма во Македонија, нема кој не го знае или не го слушал, барем оние кои навистина ценат и почитуваат квалитетна музика и изведувачи. Кои славни македонски и странски имиња поминаа низ студиото на „Канал 103“?
Галеријата на ликови кои ја започнале својата одисеја токму во ова студио, а потоа продолжиле да се развиваат и да ја градат сцената, но и тие што отишле во разни други правци е навистина огромна. Каде да почнам, а каде да ставам три точки? Прашајте било кој што го сметате за битен, а се занимава со овие дејности, ќе ви ја каже својата приказна за радиото, сеедно дали бил инволвиран директно или бил гостин. Кога станува збор за гостите, тоа се музичари, диск џокеи, уметници од сите бранши, огранизатори на концерти, издавачи, режисери, писатели, активисти… Но чекај, такви се и бившите и сегашни членови на радиото. Последен гостин и прв политичар што сме го поканиле во радиото е актуелниот претседател на Република Македонија, Стево Пендаровски. Даде јавна поддршка. Дали тоа ќе смени нешто во целата ситуација, што мислите, драги читатели?
Какви се условите за работа сега, ќе сакате ли да ни раскажете нешто повеќе за сегашната ситуација во радиото?
Се грижиме, го чуваме и оддржуваме во живот, моментално поради целата ситуација нема простор за гости и за концертите во живо, уште еден заштитен знак на ова радио (серијалот Ако никој не свири). Ново е тоа што на својата програма, „Канал 103“ има радио емисии од Лондон, Порто, Палермо, Остин (Тексас), Софија и Брисел, а вмрежено е и во две меѓународни радио платформи. Има и нови деца, тоа е најважно, приказната продолжува да се испишува. И секогаш сме отворени и спремни за нови предизници. Оваа година би требало да прославиме јубилеј, обично ги одбележуваме со богати концертни содржини, изложби, гостувања внатре во радиото… Во меѓувреме почнавме и една, ајде да ја наречеме виртуелна галерија на социјалните мрежи, со прикажување фотографии (по една на ден) директно поврзани со радиото, од сегашни и бивши нејзини соработници, настани/концерти во студиото и надвор од него, летоци, артефакти, рачно напишани листи, можеби страници од нечиј дневник…
Што ви е најважно во работата во „Канал 103“, што претставува за вас радиото?
Чиста љубов. Инспирација. Место каде што се негува слободната мисла, каде што не постои страв да се искаже она што се мисли и чувствува. Радиото има независна уредувачка политика, функционира без лажни и наметнати авторитети.
Што сметате дека треба да се промени во ставот на надлежните институции во однос на поддршката на непрофитните, независни станици кои со свои сили се борат за опстанок на етерот?
Да си ја завршат домашната работа. Зборорам конкретно за „Канал 103“. Фреквенција веднаш!