Со Наташа Доковска од Новинари за човекови права кои се залагаат за подобро менструално здравје преку кампањи и истражувања, поразговаравме на темата за менструална хигиена и за тоа колку е важна правилната едукација и достапноста на соодветни производи за менструација.
Зошто е важна правилната едукација кога се работи за менструалниот циклус?
Недостаток на образование за менструацијата е една од многуте бариери за постигнување соодветна менструална хигиена. Не е ни чудо што менструацијата е табу, луѓето едноставно се плашат да зборуваат за телото! Немањето соодветно образование за менструалниот циклус влијае на нашиот однос со нашето тело, со односот кон менструацијата. Сведоци сме дека оваа појава најчесто се поистоветува со нешто нечисто, смрдливо, непријатно… Неопходно е во училиштата, но и родителите да имаат отворени, јасни разговори за тоа како функционира репродуктивниот систем.
Неопходно е воведување на сеопфатно менструално и сексуално образование на младите, но и тоа нема да ги реши сите проблеми поврзани со менструацијата.
На пример, нема да се решат прашања како што се недостиг на пристап до санитарни производи заради финансиски тешкотии. Сепак, тоа е добро место за почеток. Недостатокот на менструално образование и поддршка дури и не ги зема предвид дополнителните информации потребни за менструацијата, бидејќи се однесуваат на луѓе кои се трансродови, интерсексуалци или небинарни. Еден од начините да се биде поинклузивен во разговорите за менструацијата е да се вклучи не-родов јазик. На пример, да зборуваме за „производи за менструација“ наместо „производи за женска хигиена“.
Кои се најголемите табуа во Македонија поврзани со менструацијата?
Речиси сè е табу на оваа тема кај нас! Кај нас 80% од девојчињата за менструалниот циклус прво дознаваат од другарка или постара сестра, а многу ретко од мајката, додека на училиште речиси воопшто. Употребата на нови алтернативи за управување со менструалното здравје е исто така табу тема… Кај нас жените не се осмелуваат, на пример, да купат менструална чашка…
Имате правено истражувања во врска со менструалната сиромаштија кај нас. Какви се резултатите од истражувањата, колку девојките во Македонија се соочуваат со тешкотии за време на менструалниот циклус?
Кај нас податоците покажуваат дека во 74 училишта тоалетите не биле реновирани 15 години, а во останатите 10 години, што доволно говори за пристапот до санитација. Жените сè почесто се соочуваат нсо проблемот до пристап на производи за управување со менструалното здравје, а работничките кои работат на отворено немаат никаков пристап до санитација. Скопје, сè уште нема јавни тоалети! Податоците од истражувањето за менструалната сиромаштија во Северна Македонија покажуваат дека 29,5% од жените кај нас не можат да си дозволат никаков пристап до менструални производи за управување со менструалното здравје (УМЗ), па место стандардните производи користат весници, хартија или самонаправени влошки од текстил. Од од 1.290 испитанички , 380 жени или 29,5 одговориле дека немаат пристап до производите, а 75,6 отсто од нив одговориле дека причина за тоа е високата цена на производите.
Од резултатите добиени од истражувањето може да се заклучи дека имаме проблем со управувањето со менструалната хигиена (УМХ), што се рефлектира во податоците дека 90% од учениците во руралните средини во Македонија се отсутни од училиште за 4 до 5 дена во текот на месецот кога имаат месечен циклус, додека 75% од учениците во урбаните средини недостасуваат од 2 до 3 дена во текот на месецот. Причината за ова се: несоодветни услови за управување со менструалната хигиена на училиште/ работното место и високата цена на производите за менструална заштита.
Како да се разбијат стереотипите околу срамот на менструалниот циклус?
Гледањето на менструацијата како на здрав, позитивен дел од женскиот животен циклус е навистина важно. Иако стигмата во менструацијата е „само еден од многуте системски фактори што ја одржуваат родовата нееднаквост“, сепак тоа често го игнорираме. Неопходно е сеопфатна едукација и создавање дијалог околу менструалното здравје и удобност, така што жените и девојките ќе можат да започнат да го поседуваат наративот за своето тело. Говорењето за едно прашање е единствениот начин да се избориме против неговата тишина, а дијалогот е единствениот начин да се појават иновативни решенија.
Кои земји досега имаат воведено нула данок на менструалните производи? Каква е состојбата кај нас, дали претставува голем трошок да се купуваат овие неопходни производи секој месец?
На повеќето земји од Европската Унија им е забрането да создаваат нула номинален данок на додадена вредност, но исклучок е Ирска, таму нема ДДВ на менструалните производи. Земјите на ЕУ планираат да ја отстранат минималната стапка на данок од 5% до 2022 година. Од оваа година и Велика Британија нема ДДВ на призводите за менструална хигиена, додека во Германија, износот на данок на санитарни производи беше намален од 19% (основната стапка) на 7% (намалената стапка) од 1 јануари 2020 година. Другите европски земји Франција, Шпанија, Португалија и Холандија или планираат или веќе ги намалија даноците во последнава година.
Кај нас жените/девојките месечно просечно трошат 250 денари по лице за купување на производи за лична хигиена за време на периодот, и плус уште 150 денари минимум за лекови за намалување/ублажување на стомачни болки. Доколку некоја од жените остане дома, користи боледување, тогаш цената на месечно ниво се искачува и до 1.000 денари. Ако во семејството има повеќе жени во сексуално репродуктивен период за толку се зголемува сумата што едно семејство треба да ја издвои за УМХ. Во зависнот од бројот на жени во семејството и бројот на плати и нивната висина, кај социјално загрозените семејства имаме процент меѓу 15 -17 % од примањата што треба да одат за УМЗ на женските членови од семејството.
Од друга страна, пак, жените кај нас се во можност да одделуваат до 100 денари месечно за УМЗ, што е незамисливо ако се има предвид дека цената на производите кои најмногу се користат и се најквалитетни чинат 150 денари, не вклучувајќи ја цената на лекови кои се консумираат тие денови, како и евентуалното отсуство од работа.
А што е со училиштата, колку тие се приспособени да пружат соодветно достапна хигиена за ученичките?
Училиштата се најголемиот извор на зараза, прво поради лош пристап до санитација, а потоа и до основни средства за управување со личното, па потоа и со менструалното здравје. Имаме училишта во руралните средини во кои тоалетите се неосветлени, надвор од главната зграда, без врата и пристап до вода! Во ретко кое училиште во државава има средства за управување со менструалното здравје – нема тоалет, хартија, вода во таолетната кабина. Ако ученичките не си носат до дома, не можат ни во тоалет да појдат!
Со помош на донатори ние успеавме да адаптираме 5 женски тоалетни кабини според стандадрдите за менструално здравје, но тоа е ништо во споредба со бројот на ученици и тоалети.
Кои се вашите залагања и каков е одзивот досега од институциите и соодветните власти во врска со оваа тема?
НЧП во своите настојувања за елиминирање на менструалната сиромаштија бара од владата на Република Северна Македонија:
- субвенционирање на цената на производите за менструално здравје и намалување или укинување на ДДВ на менструалните производи.
- обезбедување на бесплатни пакети со менструални производи за ученичките вклучени во образовниот процес.
- компаниите во тоалетите покрај тоалетната хартија, во женските кабини, да имаат и менструални производи кои ќе им бидат оставени бесплатно на располагање на жените.
- Во моловите во женските тоалети да има бесплатен пристап до менструални производи.
- Во хотелските соби да има бесплатен пристап до менструални производи.
Ние ја започнавме кампањата Инвестирање во менструалното здравје е инвестирање во здрави поколенија. За таа цел изработивме значка FREE PERIOD, а секој кој сака да ја поддржи нашата иницијатива и да ја добие оваа значка треба да донесе пакет менструални производи кои потоа ќе бидат поделени низ училиштата, а се со цел секое девојче да добие бесплатен пакет менструални производи!!!
Одзив на граѓаните има, но на институциите не!