Денес се одбележуваат 58 години од скопскиот земјотрес во 1963 година. Во чест на годишнината од земјотресот поразговаравме со тројца млади архитекти за тоа како земјотресот влијаеше на развојот на Скопје, но и за чувствата што ги буди кај нив овој град, што им значи, кои места им се омилени, каде најмногу се свои…
Мартина Штериова
„Празнината со која бил „исполнет“ градот по земјотресот буди особени емоции пренесени низ генерациите“
Мартина магистрира на Архитектонскиот факултет во Скопје на тема „Контекстуално читање на индустриското наследство“. Како архитект со работно искуство се стекнува уште во текот на студиите, денес има повеќегодишно искуство во сферата на архитектурата, како и искуства со работа на меѓународни и домашни конкурси. После студиите се стекнува и со искуство како соработник на Архитектонскиот факултет во Скопје. Дел од тимот на МАРХ е веќе 5 години. Покрај посветеноста во МАРХ, останатото време го посветува на повеќе области во полето на дизајнирањето и творештвото.
Која ви е првата помисла кога ќе се спомене катастрофалниот земјотрес во Скопје од 1963 година?
Катастрофалниот земјотрес во Скопје од 1963 година остави трајни траги и недоместлива загуба, празнината со која бил „исполнет“ градот буди особени емоции пренесени низ генерациите. Пред земјотресот несомнено е дека во Скопје се живеел модерен и среќен живот и за тоа ни сведочат градбите кои денес се симболи на старо Скопје и не се урнати во земјотресот: Собрание на Р. Македонија, Градска болница, Архитектонски и Градежен факултет, Министерство за култура, Хотел „Холидеј Ин“, Метропол, Кино „Култура“, Ристиќева палата, Палата Рубен, Арапска куќа /Хотел „Јадран“, Дом „Ибни Пајко“ и др. И како што кажал дописник од Скопје за дневен весник, утрото после земјотресот: „Скопје се буди, на улиците на срушениот град, денес се забележани првите знаци на живот. Да, да… знаци на живот“ – Се создава нишка на нова надеж, дека Скопје може одново, дека со сплотеност и посветеност Скопје може одново да стане модерен град.
Што претставува за вас главниот град, кое место ве врзува најмногу за Скопје?
Скопје како град зазема посебно и уникатно место. Различни локации ме врзуваат на различен, засебен начин за Скопје и според мене тоа е поентата и убавината на еден град. Најголем впечаток ми оставаат градбите од старо Скопје кои зборуваат за духот на едно поинакво време, преку кои ние помладите генерации можеме полесно да го воспримиме.
Која градба од постземјотресно Скопје најмногу ви се допаѓа и сметате дека е архитектонски добро решение?
Најпрво треба да се спомене градот како целина, планирањето и развојот на градот интегрирано, Мал и Голем ринг, реонот на Скопско кале и Стара скопска чаршија како заштитени подрачја, оските исток-запад и поврзувањето со централното подрачје, поврзувањето на двата брега на реката Вардар. Во деценијата после земјотресот биле направени низа скулптурални објекти кои се главните симболи на модерно Скопје, како монументалните градби на Македонската Опера и Балет, Поштата, Универзитетот, Музејот на Современа Уметност, Градскиот Трговски Центар и низа други.
Што мислите за планот за развој на градот денес и после земјотресот?
Со самата опсервација која била направена после земјотресот било констатирано дека за да се направи нов план, треба аргументирано да се надогради стариот во контекст на времето во кое живееме. Со генералниот план од 1965 година се планирало Скопје да се развива интегрирано како целина, елементите на планот претставуваат основа за современите размислувања на паметен, еко град и моменти на иновативност. Неконтинуираниот развој и ненадоврзаноста врз генералниот план од 1963 година во голем дел се засноваат врз непостоењето на соодветен институт кој интегрално ќе го планира и развива градот, а не парцијално како што тоа се прави денес. Сведоци сме на многу работи кои не одат во посакуваната насока, се доведовме до степен на немање механизми за тоа да го корегираме. При секој урбанистички план најважна е целта на планот.
Натали Мицевска
„Градежниот опус кој се појавил во градот не може да се рамни со ниеден друг град“
Натали е магистер инженер архитект, учесник на голем број домашни и меѓународни изложби со авторски трудови. Во март 2020, трудот на кој работи е победник на конкурс за изградба на станбен објект во централното подрачје на град Скопје. Во декември 2020, заедно со уште две млади архитектки, освојуваат второ место на меѓународниот конкурс за идејно решение на главниот плоштад на Подгорица, Црна Гора.
Која ви е првата помисла кога ќе се спомене катастрофалниот земјотрес во Скопје од 1963 година?
Не би можела да го коментирам земјотресот во Скопје само како архитектка пред сѐ заради емотивната димензија која ја содржи. Тоа што му се случило на Скопје утрото на 26 јули 1963 година остави вечна лузна врз градот, но ја покажа и солидарната страна на светот. Во тоа време на трагедија и неизвесност, брзата реакција и добрата организација се она кое спасило многу животи, а понатамошното планирање за раст и развој на градот и брзата изведба на објекти за домување како и јавни згради помогнало за побрзо нормализирање на животите на повеќе од 150.000 луѓе кои останале без своите домови.
Што претставува за вас главниот град, кое место ве врзува најмногу за Скопје?
За мене Скопје е мојот роден град, и со тоа засекогаш ќе остане незаменлив. Го сакам како целина, а моето омилено место можам да кажам дека варира во зависност од годишното време. Од оние големи, широки булевари како булеварот Партизански Одреди кога цутат липите во месец јуни, и можам да пешачам од Влае до Центар од утро до мрак, па сѐ до просторот кај Националниот Музеј на Македонија и Куршумли Ан во рана есен, кога целиот град трепери од културните случувања.
Која градба од постземјотресно Скопје најмногу ви се допаѓа и сметате дека е архитектонски добро решение?
Градежниот опус кој се појавил во градот не може да се рамни со ниеден друг град. Скопје бил табула раса, простор каде најдобрите архитекти и урбанисти од светот и Македонија го оставиле својот белег. Во себе има собрано рефлексии и парчиња од многу други големи светски градови. Во оваа експлозија на архитектонско творештво особено внимание ми привлекува објектот на Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ на архитектот Муличкоски – 1971 година, на кој моментално треба да се обрне посебно внимание бидејќи иако е од огромно значење за македонската архитектура, за жал е доведен до стадиум на распаѓање.
Што мислите за планот за развој на градот денес и после земјотресот?
Денес, она што можам да го кажам за Скопје е дека е загубен идеал за еден убав град. Целиот оној потенцијал кој го имал градот постземјотресно, во кој дел од својата генијалност пренеле голем дел од современите светски и македонски архитекти е трансформирано во капиталистичка борба за квадрат плус. Можам само да се надевам дека во скоро време ќе живееме во „вистинското“ Скопје, онака како што било планирано да израсне.
Марко Ицев
„Изградбата на Скопје по земјотресот се случува благодарение на една дотогаш невидена светска солидарност“
Марко е архитект, урбанист и историчар. Моментално е предавач и истражувач на Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес – УКЛА, каде што е и докторант на катедрата за критички студии по архитектура и урбан дизајн. Неговото истражување е за урбани реконструкции по раздорни катастрофи со фокус на постземјотресно Скопје од 1963.
Која ви е првата помисла кога ќе се спомене катастрофалниот земјотрес во Скопје од 1963 година?
Солидарност. Целиот процес на изградбата на Скопје по земјотресот се случува благодарение на една дотогаш невидена светска солидарност како во финансиската и материјална помош така и во трудова и интелектуална соработка. Пред скопскиот земјотрес, помошта за разурнатите места била скромна и воглавно се донирале храна и облека, и некоја минимална финансиска или материјална помош. По скопскиот земјотрес гледаме исклучителна организација на труд, експертиза, како и градителска помош истовремено од организации како Обединетите Нации, Интернационалната Трудова Организација, Југословенските републики како и огромен број на поединци. Погледнете ги само сите катастрофи што денес се случуваат низ светот, дали поради климатскиот колапс, или пак поради експлоатации на екосистемите, и запрашајте се каде е помошта од целиот свет, каде е солидарноста? Затоа сметам дека Скопје е многу важен пример не само за светската историја на архитектура туку и за солидарноста како концепт на општествена организација и работа.
Што претставува за вас главниот град, кое место ве врзува најмногу за Скопје?
Скопје за мене најмногу претставува место за слобода. Слобода на движење, на дејствување, на изразување и место за слободна размена на идеји, игра и фантазија. Тоа е многу поврзано со сите оние отворени простори кои беа тандемски дел од архитектурата на градот, и за жал во последните децении многу од нив се прегазија со криминални, шпекулативни и неквалитетни градби. Како омилено место би го одвоил кејот на Вардар, кој беше поврзан со еден поголем пешачки слој на градот и овозможува слобода на бидување надвор од капиталистичкиот притисок на купување или платена разонода. Покрај кејот секако би го издвоил и МКЦ како културно обележје од каде одекнува авангардната култура на Скопје од Февруарските Походи и маратонските техно журки во 90тите, па многубројните претстави и изложби, Прво Па Женско, киното Фросина и другите манифестации денес.
Која градба од постземјотресно Скопје најмногу ви се допаѓа и сметате дека е архитектонски добро решение?
Од постземјотресното Скопје имаме повеќе фантастични градби кои не се само одлични по мое мислење туку и се дел од светската архитектонска историја како што и сведочеше нивното вклучување во скорешната изложба за Југословенската архитектура во Музејот на Модерната Уметност во Њујорк. Тука би ги вброил првенствено Музејот на Македонија во Чаршијата, па потоа Комплексот Пошти, Музејот на Современа Уметност, Домот на АРМ, Градскиот Ѕид, поранешната ЦК, токму поради изобилството од јавни отворени простори кои ја поврзуваат архитектурата со пешаците. Покрај овие мислам дека зградата на Македонската Опера и Балет заедно со своето повеќеслоевито плато и комплексот на музичкото училиште е архитектонско ремек дело и предвесник на новите светски архитектонски движења. Тие комплексни концепти, геометрии и градителски способности се нешто ненадминливо дури и денес.
Што мислите за планот за развој на градот денес и после земјотресот?
Постземјотресниот план за развој на градот беше базиран врз можностите на екосистемот на скопската долина, на културата на луѓето во Скопје и околината, како и на принципите на хуманиот урбанизам. Еден омилен пример за ова ми се тротоарите на Партизанска кои покрај пешачката и велосипедската лента имаат и посебна лента за запрежни возила. Тоа е направено за олеснето вклучување на луѓето од околните села во пазарниот живот на градот, без кои нормално – жителите на градот не би можеле да се прехранат. Покрај тоа, концептот за хуман урбанизам кој е модерно толкување на системот на маалата, односно во близина на домувањето да бидат покриени сите потреби на жителите, кој беше реализиран со станбените единици е генијален пример за тоа како урбаниот простор може да се развива по потребите на луѓето и да овозможува квалитетен и хуман урбан живот.
Денес за жал ние немаме план за развој на градот. ГУПот и ДУПовите се носат по заташкани и криминални постапки каде политичарите се практично застапници на капиталот (или во некои случаи и црквата) против потребите на граѓаните. Градењето и архитектурата се оставени на т.н. „инвеститори“ кои поведени од најдолните и безобразни трки за пари како во 19-тиот век на дерегулираниот капитализам во Англија или Америка (колонијализмот), не водат никаква сметка за доброто на луѓето или пак можностите на самиот град. Па така имаме нови згради кои се реално супстандарни во однос на инфраструктурата и безбедноста на кои ќе им бидат потребни години на санации. И тие планови што постојат се забошотуваат и прегазуваат додека никој не пази ниту се грижи за урбанизмот, квалитетот на тие градби, квалитетот на животот на луѓето, ниту за нивните потреби: најмногу безбедноста од пожари, поплави, земјотреси, како и провев, приватност, слободен простор. Ова е очигледно не само во лошите станбени решенија (за лошите институционални градби од Ск2014 и да не зборувам) кои повеќе наликуваат на некои касарни или типолошки блокови од сталинистичкиот период на Советскиот Сојуз, туку и општото насилно самоволие во секое градење: визуелното загадување со билборди и реклами, статуи, фонтани, екрани, кладилници, како и реалното загадување и злоупотреба на сите природни ресурси на градот. Додека квалитетот на урбаното живеење не го мериме според застапеноста на зеленилото, сенката, отворениот простор, спроведливоста на водатата, воздухот, ѓубрето, лесната проодност за луѓе со колички и пешаци, и достапност на социјални услуги, не зборуваме за вистински развојни планови.