Изборот на бои е една од главните вештини на дизајнерите кога уредуваат некој простор. Според намената и идејата за просторот одредуваат какви бои ќе употребат, топли или ладни, јаки или пастелни, контрасни или хармонични. Во психологијата на бои има неколку генерални правила за употреба на боите и реакциите што ги предизвикуваат истите. Бидејќи значењето на бојата во сите визуелни уметности е голема, постојат консултанти за боја, и литература за значењето на боите. Покрај некои генерални карактеристики, значењето на боите е различно и во одредени култури и народи. Во текстот во продолжение од Ателје Проектинг ни пратија за значењето на боите и како да изберете боја за вашиот простор, со цел да го создадете посакуваниот амбиент.
Бојата е првото нешто што го забележуваме кога влегуваме во еден простор, таа веднаш предизвикува емоција кај нас. Емоцијата нè води дали просторот ни се допаѓа или не, дали сакаме подолго да останеме или побрзо да си одиме. Освен првата реакција што ја будат боите кај нас, тие делуваат и потсвесно на нашето расположение додека престојуваме во просторот. Боите може да ги анализираме и групираме на многу начини основниот е на примарни, секундарни, терцијарни, исто така според тонот- топли и ладни, и интензитетот- јаки и пастелни.
Црвената боја привлекува најмногу внимание, го зголемува пулсот, стимулира и го зголемува апетитот. Асоцира на опасност, внимание и страст. Треба да се користи дозирано и соодветно за да има позитивен ефект. Идеално се вклопува во неутрални комбинации на бои, како акцент во просторот, како и во цветни дезени. Заради нејзините карактеристики често се користи во ресторни за брза храна, како би предизвикала поголема потрошувачка. Во Кина сметаат дека црвената боја носи просперитет и среќа.
Портокаловата боја е вибрантна и енергична, асоцира на овошје поради тоа се поврзува со здравје и виталност. Лесно привлекува внимание и асоцира на топлина. Во комбинација со жолта и зелена боја изгледа свежо и егзотично, соодветен избор за разигран ентериер. Потемните теракота нијанси даваат топлина и се користат во простори за медитерански амбиент.
Жолтата боја е боја на сонцето, означува среќа и надеж. Светлите нијасни на жолто изгледаат освежително, а топлите потемни нијанси изгледаат богато и се користат во ентериери со историја. Жолтата боја, во зависност од интензитетот на нијансата може да се користи за големи површини во просторот, но и на детаљи како акцент. Бидејќи се смета за боја која ја поттикнува левата – логична страна на мозокот, соодветна е за примена во канцеларии и работни простории.
Зелената боја веднаш го привлекува погледот, можеби поради вродената љубов на човекот кон природата. Нè асоцира на свежина, раст и богатство. Бидејќи е боја на природата и растенијата поттикнува релаксација и смирува. Препорачливо е да се користи во простори во кои е потребна продуктивност и креативност. Светлите нијанси на зелено делуваат освежително во ентериерот, маслинестите нијанси смируваат, а темните богати тонови на зимзелено дрво даваат елеганција и сериозност на просторот.
Сината е статистички најомилена боја, можеби заради тоа што ја поврзуваме со море и небо. Два поими кои свесно и потсвесно се симболи за бескрајност и слобода. Таа има смирувачки ефект на телото и асоцира на одмор, смиреност и мудрост. Идеална е за примена во спална соба заради тоа што прави амбиент за добар сон. Пастелните тонови на сино изгледаат елегантно во ентериерите, додека појаките нијанси – богато и впечатливо.
Виолетовата боја, како секундарна боја се добива со мешање на сина и црвена, поради што претставува и баланс. Таа го смирува телото поттикнувајќи хармонија и мир. Виолетовата боја асоцира на богатство и во минатото ја сметале за боја на кралевите. Во ентериерот може да делува смирено ако се користат пастелни тонови, но и драматично ако се користат потемни или јаки нијанси. Виолетовата боја доколку се примени на ѕидовите ќе го збогати едноставниот ентериер.
Розовата боја веднаш привлекува внимание и асоцира на љубов и романса. Во ентериерите најчесто се употребува во детските соби за девојчиња. Големите ѕидни површини во оваа боја може да делуваат исцрпувачки кога престојуваме во просторијата. Розовата боја може да се користи и во друг тип на простории каде најмалку би се очекувала, како детал или на поголеми површини кога сакаме да предизвикаме внимание, ексцентричност или пркос.
Покрај овие генерални асоцијации за боите и нивното влијание на луѓето, боите имаат и субјективно значење за секој од нас. Затоа внимателно бирајте ги боите кои ќе ве опкружуваат за убава енергија и добросостојба. Како што рекол познатиот руски уметник и пионер на апстрактната уметност Василиј Кандински – „Бојата е дирка, окото е чекан, душата е клавир со многу жици“.