Во ерата на носталгија и референци со поп културата од минатото, патиките Газела сè уште отсликуваат трендови и ги враќаат културните и субкултурните влијанија од седумдесетите години.
Создадени во 1966, Adidas Gazelle Originals, омилената патика е прва Адидас патика направена од велур. Некои велат дека го смениле текот на историјата на Адидас патиките; белите линии врз превртената обоена кожа ги однесе патиките во нова повозбудлива насока од дотогашните кожни алтернативи. Но 56 години подоцна патиките повторно станаа центар на внимание.
Иако со декади циркулираат помеѓу верните купувачи, сепак денес уживаат во вниманието, полека транзиционирајќи од секојдневни спортски патики кон модно парче откако во 70-тите кога ги носеа голем број музички икони, потоа хип-хоп ѕвездите од 80-тите и инди рокерите и моделите од 90-тите години. Во 2022 соработката помеѓу Гучи и Адидас донесе поинаков изглед на новите линии во боите на Гучи, повторно актуелизирајќи ги патиките кои веќе се дел од уличниот стил, а Хари Стајлс неколку пати беше виден со нив откако брендот ја објави соработката.
Постои и свеж, холистички пристап кон Газелата, како и кон сите трендови помеѓу 70-тите и средината на 2000-тите. Различните културни и субкултурни маркери кои беа создадени од автентичните движења, далеку од интернетот и социјалните медиуми, сега го наоѓаат своето место преку ТикТок, Инстаграм и разни продавници за винтиџ облека. Газелата совршено се вклопува во овие модни движења.
Во 70-тите ги носеа Ролинг Стоунс, Мик Џегер и Кит Ричардс, како и Џексонс 5 и Мајкл Џексон. Во 80-тите, нивната популарност порасна благодарение на растечката хип-хоп сцена во САД и станаа сакрален предмет како припадност на тоа движење, односно патиката која мора да се има. Врвот го достигна во 90-тите. Во 1991 година, веќе излегоа нови варијанти и бои на Газелата, отворајќи нова ера за оваа патика која ги освои британските поп-ѕвезди како Оазис, Блур, Џамироквај и супер моделката Кристи Тарлингтон, а Кејт Мос скоро никогаш не беше видена без нив. Во САД, пак беа омилени на Леонардо Ди Каприо, а дури и зачекорија на црвениот тепих, носени од Гвинет Палтроу. Во ерата на враќање на трендови, некои веднаш поминуваат, а некои си го запечатуваат местото, но интересно е дека Газелата се менува според менувачката клима на јавниот интерес, па според тоа може да се каже дека секогаш ќе биде позната.