Наградата „ПЕН преводи“ што ја доделува англиски „ПЕН“ оваа година за првпат ја освои македонски автор, односно писателот Петар Андоновски за книгата „Лето кое те нема“.
„Од вкупно 21 наслови од 19 земји кои се пишувани на 18 различни јазици, ова е првата македонска ЛГБТИ наградена книга, ова е првпат англиски ПЕН да додели награда на автори од Северна Македонија и Гватемала и првпат да додели ваква награда на дело што е преведено од македонски и тајландски јазик“, пишува на официјалната страна на ПЕН наградите.
Делото е во превод на Кристина Е Крамер под насловот „Тhe Summer You Weren’t There“, а издадено е од „Партијан букс“.
Петар Андоновски во 2020 година во листата на своите успеси ја запиша и Европската награда за литература, за романот „Страв од варвари“ и во интервју за Портрет тогаш изјави: „Наградите пред се се убаво признание за тоа што го работиме, тие можат да бидат мотивација, но може и целосно да ве блокираат. Европската награда е виза која на „Страв од варвари“ ќе му ги отвори јазичните граници. А за еден автор нема поголем успех од тоа неговото дело да допре до што повеќе читатели“.