Вечерва, со почеток во 19:30 часот, во Паркот на поезијата во Струга започнува десеттото, јубилејно издание на фестивалот на краток филм „Дрим Шорт“. Во следните пет фестивалски денови Струга повторно ќе биде место за средба на автори, филмски професионалци и публика, со програма посветена на современиот краток филм од земјава, регионот и светот.
Годинешната селекција е распоредена во пет натпреварувачки програми – Меѓународна, Регионална, Национална, Студентска и специјалната програма „Соочување со минатото“, реализирана во соработка со „Про Пис Северна Македонија“.

За наградите ќе одлучува жирито во состав Масимилијано Нардули, сценарист, Верица Недеска, актерка, Цанко Василев, продуцент, и Гледис Бица, режисер.
Првата фестивалска вечер започнува во 19:30 часот со свечено отворање и проекции од неколку програмски селекции. Во рамки на Меѓународната програма ќе бидат прикажани A South Facing Window во режија на Lkhagvadulam Purev-Ochir и Wonderwall на Róisín Burns, додека Регионалната програма ќе го донесе Imaginary Numbers на Jelica Jerinić.
Во специјалната програма „Соочување со минатото“ ќе биде прикажан I Believe the Portrait Saved Me на Alban Muja, а вечерта ќе ја одбележи и премиерата на македонскиот краток филм „КЛУПА“ во режија на Трифун Ситниковски, во рамки на Националната програма.
По проекциите следува разговор со присутните автори, модериран од Златко Ѓелески, а првиот фестивалски ден ќе заврши со музика – од 22:30 часот е закажан концерт на Дина Јашари.
Јубилејното издание на „Дрим Шорт“ ќе трае пет дена, а влезот за сите фестивалски настани е бесплатен. Целосната програма и распоредот се достапни на социјалните мрежи и на веб-страницата на фестивалот.
Генерален покровител на фестивалот е Агенцијата за филм на Северна Македонија, а јубилејното издание се реализира со поддршка на бројни партнери, институции и соработници.





