Зад секој бренд што успева да опстои, да се развива и да остане релевантен низ времето стојат визија, вредности и луѓе кои умеат да ја препознаат иднината уште пред таа да стане очигледна за другите. Зејнеп Емурлаи Камил е една од тие личности. Архитектка по професија и претприемачка по убедување, таа припаѓа на новата генерација деловни лидери кои успешно ја спојуваат традицијата со современото размислување.
Како еден од двигателите на развојот на „Mebel Dizajn“, компанија која повеќе од две децении е синоним за квалитет, дизајн и прецизна изработка, Зејнеп активно учествува во нејзината трансформација од успешен семеен бизнис во современ бренд со јасен идентитет и меѓународна препознатливост. Потврда за таа визија е и престижното признание BIG SEE, кое ги препознава најдобрите достигнувања во архитектурата, дизајнот и креативните индустрии во регионот.
Но, она што нејзината приказна ја прави особено впечатлива е способноста истовремено да гради и професионален и личен интегритет. Покрај активната улога во развојот на „Mebel Dizajn“, таа успешно раководи и со „Valk Logistic“, додека паралелно ја живее и најважната животна улога, онаа на мајка. Во разговорот што следува, Зејнеп говори за наследството, претприемништвото, лидерството и одговорноста што доаѓа со создавањето вредности кои траат и се пренесуваат низ генерации.


„Mebel Dizajn“ е семејна приказна што трае повеќе од две децении. Како изгледаше вашето растење покрај компанијата и во кој момент одлучивте дека нема да бидете само наследник на една визија, туку и нејзин активен креатор?
Mebel Dizajn“ е дел од мојот живот уште од детството. Растев во средина каде што работата, креативноста и посветеноста беа секојдневие, а компанијата не беше само бизнис, туку дел од нашето семејство и нашите вредности.
Уште од најрана возраст имав можност да го следам патот што го трасираше мојот татко, кој со визија, труд и упорност ги постави темелите на компанијата. Токму преку тој пример научив дека успехот не се гради преку ноќ, туку преку доследност, одговорност и постојано вложување во квалитетот. Одлуката да не бидам само наследник, туку активен креатор на иднината на компанијата дојде сосема природно. Со текот на времето сфатив дека можам да придонесам со сопствена перспектива, современ пристап кон дизајнот и нови идеи кои ќе помогнат Mebel Dizajn да се развива и надвор од локалните рамки.
Денес гледам на оваа приказна како на процес на генерациска надградба. Мојата улога е да ја продолжам визијата што ја наследивме, но и да внесам нова енергија и нови стандарди.
Особено ме радува што во иднина и мојот брат ќе биде дел од оваа приказа на местото на мојот татко, што значи дека семејната традиција ќе продолжи да се развива низ новите генерации, секоја носејќи свои идеи и вредности.
Верувам дека токму спојот на искуството, семејните вредности и свежите перспективи е најголемата сила на еден семеен бизнис.


Вашето образование и професионална определба се поврзани со архитектурата. На кој начин архитектонскиот начин на размислување влијаеше врз трансформацијата на „Mebel Dizajn“ од семеен бизнис во бренд со јасен идентитет и меѓународна препознатливост?
Архитектурата ме научи да размислувам пошироко од самиот простор. Таа не е само создавање форма и естетика, туку процес на разбирање на потребите на луѓето, функционалноста, деталите и долгорочната вредност на секое решение. Токму тој начин на размислување значително влијаеше врз мојот пристап во развојот на Mebel Dizajn. Наместо да се фокусираме исклучиво на производство на мебел, почнавме да градиме целосно искуство-од идеја и концепт, преку дизајн и изведба, до финален простор кој има свој карактер и приказна. Верувам дека денес клиентите не бараат само производ, туку визија, доверба и партнер кој ќе ги разбере нивните потреби. Затоа работевме на создавање препознатлив идентитет кој се темели на квалитет, индивидуален пристап, иновации и бескомпромисна посветеност кон деталите.
Меѓународното признание од BIG SEE е потврда за квалитетот на една конкретна реализација, но и за конзистентноста на една поширока визија. Какво значење има ова признание за вас како автор, а какво за компанијата како колектив?
BIG SEE признанието за мене има посебно значење бидејќи претставува потврда дека визијата, трудот и посветеноста вложени во еден проект се препознаени и вреднувани на меѓународно ниво. Како автор, ова признание го доживувам како поттик да продолжам да создавам простори кои не се водат само од естетиката, туку и од функционалноста, емоцијата и приказната што ја носат.
Сепак, оваа награда никогаш не би ја гледала како личен успех. Таа е резултат на заедничката работа на цел тим луѓе кои секојдневно вложуваат знаење, енергија и страст во она што го создаваат. Затоа, за Mebel Dizajnова признание претставува потврда дека годините посветеност кон квалитетот, иновациите и бескомпромисниот пристап кон секој детал се препознаени и надвор од нашите граници. Особено сум горда што ова признание доаѓа во период кога компанијата продолжува да ја пишува својата приказна низ повеќе генерации.
Воедно, признанието носи и одговорност. Тоа е потсетник дека секој успех е нова почетна точка, а не крајна дестинација. За нас, BIG SEE не е само награда за она што сме го постигнале, туку и мотивација да продолжиме да ги поместуваме сопствените граници и да создаваме проекти кои ќе остават траен белег. Наградениот проект беше создаден во период кога активно раководевте со проекти, посетувавте градилишта и истовремено ја минувавте втората бременост, додека признанието пристигна за време на породилното отсуство. Како го доживувате денес спојот помеѓу професионалните достигнувања, мајчинството и лидерската улога во овој период од животот?
Наградениот проект беше создаден во време кога активно работев на терен, присуствував на состаноци , ја водев работата во компанијата, а истовремено ја минував втората бременост. Од таа перспектива, BIGSEE признанието не го доживувам само како награда за еден успешно реализиран проект, туку и како потврда дека посветеноста, визијата и истрајноста можат да дадат резултати и во периоди кога животот носи дополнителни предизвици и одговорности. Мајчинството, особено по вторпат, ми донесе поинаква перспектива за лидерството. Ме научи уште подобро да ги поставувам приоритетите, да верувам во тимот, да бидам поефикасна во носењето одлуки и да ја препознаам вредноста на времето. Истовремено, ме потсети дека вистинскиот успех не се мери само преку професионалните достигнувања, туку и преку способноста да изградите исполнет живот во кој семејството и кариерата не се спротивставени, туку се дел од истата приказна.
За мене оваа награда е доказ дека жената не мора да избира помеѓу личниот и професионалниот развој – иако патот не е секогаш лесен, можно е со посветеност, поддршка и јасна визија да се гради успех и на двата фронта.






Секој долгорочен успех се гради врз низа одлуки, ризици и лекции. Кои беа клучните пресвртници што ја обликуваа еволуцијата на „Mebel Dizajn“ и што научивте од предизвиците на тој пат?
Кога една компанија опстојува и се развива повеќе од две децении, нејзиниот успех никогаш не е резултат на една одлука или еден проект. Тој се гради низ многу години работа, постојано приспособување и подготвеност да се преземат храбри чекори во вистинскиот момент. Еден од најзначајните пресвртници беше самото основање на Mebel Dizajn од страна на мојот татко. Во време кога условите беа далеку поразлични од денешните, тој постави цврсти темели врз вредности како што се квалитетот, чесноста, посветеноста кон клиентите и вербата дека секоја работа треба да се заврши беспрекорно. Токму тие принципи останаа основа врз која компанијата се развива и денес.
Следниот важен чекор беше трансформацијата од класична фабрика за мебел по мерка во компанија која нуди целосни ентериерски решенија. Тоа бараше нов начин на размислување, инвестиции во кадар, технологија и дизајн, но и подготвеност да излеземе од рамките на веќе воспоставениот модел на работа.
Особено значаен момент беше и излегувањето на меѓународниот пазар. Вeќе 20-та година го носиме епитетот ‘’светско, а наше’’ континуирано реализираjќипроекти не само во Македонија, туку и во повеќе европски земји: Холандија, Франција,Белгија,Германија…, што ни овозможи да се соочиме со различни стандарди, култури и очекувања. Тоа искуство дополнително нè мотивираше постојано да се развиваме и да ги подигнуваме сопствените критериуми.
Во последните години, еден од клучните моменти беше и постепеното вклучување на новата генерација во развојот на компанијата. Верувам дека семејните бизниси се најуспешни кога знаат да ги зачуваат своите вредности, а истовремено да прифатат нови идеи, современи пристапи и различни перспективи
Најголемата лекција што ја научивме низ сите овие години е дека успехот не доаѓа од избегнување на предизвиците, туку од способноста да се учи од нив. Секој предизвик, секоја грешка и секоја тешка одлука беа можност за раст. Токму затоа денес гледаме на успехот не како на дестинација, туку како на континуиран процес на учење, развој и надградување.
По успешниот развој на „Mebel Dizajn“, ја основавте и „Valk Logistic“, компанија која денес ја водите самостојно. Што ве поттикна да излезете од рамките на веќе успешен бизнис и повторно да се впуштите во претприемачки ризик?
Претприемништвото за мене никогаш не било само професија, туку начин на размислување. Растејќи во семејство кое со децении гради и развива сопствен бизнис, научив дека секоја нова можност бара храброст, визија и подготвеност да се преземе одговорност.
Иако Mebel Dizajn беше успешно позиционирана компанија, чувствувавме потреба да создадеме нешто што ќе биде резултат на лична визија и претприемачка иницијатива. Така се роди Valk Logistic – компанија која ја основавме од нула, со јасна цел, сопствена стратегија и желба да изградиме систем кој ќе создава вредност на долг рок. Новосоздадената компанија започна да и служи на Мебелдизајн но и да го гради својот сопствен пат.
Одлуката не беше мотивирана од потребата да се оддалечам од семејниот бизнис, туку напротив – од желбата дополнително да се развивам како претприемач. Mebel Dizajn ми даде исклучително драгоцено искуство и знаење, но Valk Logistic ми овозможи да поминам низ сите фази на создавање и градење на една компанија од самиот почеток, носејќи ги самостојно сите одлуки и одговорности. Секако, секој нов бизнис носи и одреден ризик. Но верувам дека најголемиот ризик е да не се обидете. Во деловниот свет не постојат гаранции, но постојат визија, работа и подготвеност да учите и да се адаптирате. Токму тоа беше мојата мотивација.
Денес сум особено горда што паралелно учествувам во развојот на двете фирми, иако станува збор за различни индустрии.
На прв поглед, дизајнот и логистиката припаѓаат на различни светови. Но, кои се принципите што ги поврзуваат овие две компании и што научивте за лидерството преку управувањето со толку различни системи?
Mebel Dizajn и Valk Logistic ми покажаа дека без оглед на индустријата, најважниот ресурс се луѓето. Можете да имате одлична стратегија, современа технологија или амбициозни цели, но вистинските резултати доаѓаат само кога имате тим кој ја споделува истата визија и вредности.
Лидерството, исто така, доби поинакво значење за мене низ годините. Денес верувам дека добар лидер не е оној што ги има сите одговори, туку оној што знае да создаде средина во која луѓето можат да растат, да преземаат одговорност и да го дадат својот максимум. Научив дека довербата е подеднакво важна како и контролата, а способноста да слушате е исто толку важна како и способноста да носите одлуки.
Работејќи во две различни индустрии, сфатив и дека успешните компании не се дефинираат според производот или услугата што ја нудат, туку според културата што ја градат. Без разлика дали создавате ентериер или организирате логистички процес, клиентите најмногу ја препознаваат професионалноста, доследноста и посветеноста.
Верувам дека токму овие вредности се основата на секој одржлив успех.

Во современото општество често се зборува за балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот, но ретко за неговата реална комплексност. Како вие го дефинирате успехот во период кога истовремено сте мајка, претприемач и лидер на два бизниси?
Со текот на времето сфатив дека успехот не е статична категорија и не може да се мери само преку деловни резултати, признанија или реализирани проекти. Неговото значење се менува низ различните животни фази, а денес, како мајка, претприемач и лидер, го доживувам многу пошироко отколку порано.
Порано успехот најчесто го поврзував со професионалните достигнувања, растот на компанијата и остварувањето на амбициозните цели. Денес, иако тие аспекти и понатаму се важни, успехот за мене значи да создадам живот во кој семејството и кариерата не се во постојан конфликт, туку се надополнуваат и ме мотивираат да бидам подобра во секоја улога што ја има. Не верувам во совршен баланс, бидејќи реалноста е многу покомплексна. Постојат денови кога бизнисот бара повеќе внимание и денови кога семејството е апсолутен приоритет. За мене успехот не е во тоа секој ден да биде подеднакво распределен, туку во способноста свесно да ги препознаам вистинските приоритети во вистинскиот момент.
Денес се чувствувам најуспешно кога знам дека компаниите растат и се развиваат, дека клиентите имаат доверба во нашата работа, но и кога ќе се вратам дома и ќе ги видам насмевките на моите деца. Мајчинството особено ми помогна да развијам поинаков поглед кон времето, одговорноста и лидерството. Ме научи да бидам поефикасна, пофокусирана и уште посвесна за вредноста на секој момент
Какво наследство добивте од вашиот татко како основач на семејниот бизнис и како го надградувате тоа наследство преку сопствениот пристап кон иновациите, организациската култура и развојот на компаниите?
Најголемото наследство што го добив од мојот татко не е самата компанија, туку вредностите врз кои таа е изградена. Од него научив дека угледот се гради со години, а може да се изгуби за миг. Научив дека квалитетот никогаш не смее да биде компромис, дека дадениот збор има тежина и дека долгорочниот успех секогаш е резултат на чесна работа, посветеност и почит кон луѓето.
Како основач на Mebel Dizajn, тој создаде нешто многу повеќе од успешен бизнис – создаде култура на одговорност, истрајност и постојано стремење кон подобро. Тоа се вредности кои и денес се темел на секоја одлука што ја носиме како компанија. Мојата улога денес ја гледам како природно продолжение на таа приказна. Не сакам да го менувам она што е добро изградено, туку да го надградам и приспособам на современите потреби и предизвици. Токму затоа голем акцент ставаме на иновациите, дизајнот, дигитализацијата на процесите, меѓународната соработка и создавањето бренд кој е препознатлив не само по квалитетот на изработката, туку и по визијата што ја носи.
Секогаш се трудам да создадам средина во која секој член на тимот се чувствува вреднуван и мотивиран да придонесе со своето знаење и идеи, бидејќи најдобрите резултати секогаш се плод на заедничка работа. Она што особено ме радува е што приказната за MebelDizajn продолжува да се развива низ генерациите. Денес јас активно учествувам во нејзиниот раст и трансформација, а верувам дека во иднина и мојот брат ќе ја продолжи оваа визија и ќе внесе сопствена енергија и перспектива во развојот на компанијата. Тоа е една од најголемите предности на семејниот бизнис – можноста да се зачуваат вредностите, а истовремено секоја генерација да остави свој печат.
Вашата приказна ги обединува семејните вредности, креативноста, претприемништвото, меѓународните признанија и личниот раст. Кога би требало да издвоите една животна лекција што сакате да им ја пренесете на младите жени кои денес ги градат своите професионални и лични патишта, која би била таа?
Доколку треба да издвојам една животна лекција, тоа би било дека не треба да чекате „совршен момент“ за да ги следите своите цели. Често сме научени дека прво треба да завршиме нешто, да достигнеме одредена фаза во животот или да ги имаме сите одговори пред да направиме следен чекор. Но моето искуство ме научи дека животот не се одвива по однапред подготвен план. Најзначајните лични и професионални моменти често се случуваат истовремено, а токму тогаш растеме најмногу.
Верувам дека жената не мора да избира помеѓу семејството и кариерата, помеѓу амбицијата и нежноста, помеѓу лидерството и мајчинството. Можно е сите тие улоги да постојат заедно и токму во нивниот спој често се крие најголемата сила.
На крајот, она што навистина останува зад нас не се само признанијата, проектите или деловните успеси, туку луѓето што сме ги инспирирале, вредностите што сме ги пренеле и примерот што сме го оставиле за генерациите што доаѓаат.





