Недопрена природа, чист воздух, совршена надморска височина. Вистинско место за одмор и опуштање, прошетки во природа, кајакарење, планинарење или едноставно уживање на брегот на езерото. Преспа е место кадешто може да побегнете на неколку дена и да си приредите уживање за сите сетила. Будење со звуци од ретки птици и свеж воздух, уживање во вкусната храна од поднебјето, прошетки низ многуте села со различна архитектура и приказна, планинарење на планините што ја опкружуваат. Авантура што не смее да ја пропуштите е посета на единствениот остров во Македонија, островот Голем Град. Секако, опуштање на прекрасните, преспански, песочни плажи е задолжително.
Ние ви предлагаме неколку места што навистина вреди да се посетат, но секако доколку имате време истражете ја по должината на целиот брег и уживајте во природата и убавините што таа ги нуди.
1.Плажи
Разладување на преспанските плажи е првото нешто на што помилуваме во летниот период кога мислиме на Преспа. Несомнено најактуелни периодов се плажите во Сливница, големи песочни плажи со лежалки и чадори, но и многу простор за сами да се сместите. Можете да кајакарите, да играте одбојка на плажа или само да уживате во пливањето и сончањето. Освен плажите во Сливница, посетете ја и новата плажа во селото Наколец и секако плажата кај преминот Маркова нога (Дупени бич). Доколку се движите накај Стење и Коњско, во заливот Лиса се наоѓа уште една мала плажичка опружена со прекрасна природа.
2. Островот Голем Град
Единствениот остров во Македонија, островот Голем Град е место што мора да се посети барем еднаш во животот. Мистичен, живописен, со богата историја и раскошна природа. Богат е со ендемични растенија, меѓу кои најпозната е дивата фоја и ретки птици како кадроглавиот пеликан, како и голем број културно-историски споменици. Иако познат како Змиски остров, последниве години посетителите не регистрирале голем број на змии, но затоа тука се желките што се населиле на секој агол од островот.
3.Љубојно и Брајчино
Секое од селата во Преспа има посебна приказна и интересна историја. Најспецифични во Преспа, по својата камена архитектура се селата Љубојно и Брајчино. Сместени во подножјето на Баба планина, со живописна природа, постојат за да ве вратат назад во времето. Неизбежно е да ручате во некое од ресторанчињата што ќе ви понудат традиционална храна подготвена со многу љубов. Во Љубојно се наоѓа и првото училиште на македонски јазик во Преспа, а второ во слободна Македонија.
4. Планинарење и опуштени прошетки на Галичица и Пелистер
Сместена помеѓу два национални парка, Преспа е совршена дестинација за љубителите на планинарењето. Доколку сте навистина спремни предлагаме да се искачите на Пелистер по патеката што тргнува од Брајчино, или на Магаро и истовремено да ги видите Преспанското и Охридското езеро или на врвот Лако Сигној и исто така да уживате во попатните погледи кон двете езера. За оние што сакаат поопуштени прошетки, предлагаме да се искачите на врвот Воден Камен (Томорос ).
5. Sunset Club Restaurant – Претор
Под високите борови со поглед кон Преспанското езеро, во Претор се наоѓа Сансет, клуб ресторанче со исклучително вкусна храна, пријатна атмосфера и одлична услуга каде може да пробате риба, бургери, паста, салати со плодови набрани во Преспа или да уживате во вашиот појадок или пијалак на зајдисонце.
6.Ангелот од Курбиново
Црквата „Св. Ѓорѓи“ се наоѓа на околу три километри над селото Курбиново и во неа се наоѓа фреската од Архангел Гаврил, сместена на банкнотата од 50 денари.
Местото каде што е сместена црквата има прекрасен поглед кон Преспанското езеро.