Минатата година една од најуспешните општествено одговорни кампањи беше кампањата на „Макпетрол“ – „Крени глас против врсничкото насилство“. Оваа кампања ќе продолжи и оваа година во септември, со нови активности и нови учесници. Целта на кампањата е да се крене свеста кај најмладите, но и кај нивните родители, отворено, транспарентно и постојано да се разговара на оваа тема, да се поттикнат децата да внимаваат како се однесуваат меѓу себе, да се научат на почит, толеранција и разбирање. За сите предизвици со кои се сретнаа додека ја работеа оваа кампања, разговаравме со иницијаторката Марија Јосифовска-Спасовска, членка на Управниот одбор и директорка за човечки ресурси и внатрешна контрола во „Макпетрол“.
Минатата година кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“ на нафтениот гигант „Макпетрол“ ни покажа позитивен пример за општествена одговорност на голема компанија. Како се роди идејата за кампања за подигнување на свеста против врсничкото насилство?
Како општествено одговорна компанија, историски наназад сме придонесувале во општеството и во заедницата на најразлични начини, но во еден момент како менаџмент сметавме дека треба да ја промениме стратегијата. Преку силната желба за сериозен придонес, кој ќе вроди со успех, различен од она што сме го виделе досега кај нас, се роди идејата за кампања за кревање свест (public awareness campaign), нешто што е многу потребно на најразлични теми во секоја заедница. Темата ја избравме спонтано, согласно одредени потресни приказни на кои во тој период бевме сведоци, а никого не оставаат рамнодушен. Сфативме дека за да имаме општество во кое секој ќе има можност да живее слободно и среќно, ќе треба посуштински да се посвети внимание на растењето на децата. Имено, тоа е инвестиција за иднината. Овие деца за неколку години ќе бидат возрасни луѓе кои ќе ја креираат атмосферата во која живееме. За да имаме татковина која ќе биде убаво место за сите нас, потребно е од рана возраст да инвестираме во градење на личноста на децата и да им помогнеме да се идентификуваат со позитивни вредности и да се придвижат кон почитување и соработка со другите во околината.
Кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“ вклучи голем број учесници, образовни институции, експерти, психолози и беа организирани голем број активности и настани. Дали сте задоволни од кампањата и на какво ниво е свеста на јавноста за овој повеќеслоен, општествен проблем?
Врсничкото насилство е присутно насекаде. Не е важно дали земјата, како нашата, е мала и во развој. Или, пак, е поголема и поразвиена. Децата и младите се соочуваат со булинг и кај нас, но и надвор од нашите граници. Тоа што во Македонија најмногу недостига е искрена, отворена комуникација за врсничкото насилство. Тоа што најмногу нè исполнува и каде што најмногу го гледаме успехот е огромниот број лични обраќања на родители или деца со лични примери. Сите тие споделуваат како кампањата придонела децата да почнат да зборуваат на темата и да побараат помош за решавање на проблемот. Кога ја развивавме кампањата, јасно ни беше дека ова е проблем познат секому. Ова ни беше потврдено и од силната поддршка од десетици институции и илјадници граѓани. Сите, на одреден начин, можеби имале потреба да зборуваат на оваа тема, но за тоа не постоела соодветна платформа. Токму тоа и сакавме да го постигнеме. Да креираме услови за да се разговара за булингот, што е прв и можеби пресуден чекор во напорите да се дојде до долгорочни решенија за проблемот. Иницијално, треба да постои знаење случаите со врсничко насилство да се препознаат. Ова најдобро се постигнува со комуникација и со кревање на јавната свест, што верувам дека целосно го остваривме.
Веб-страницата kreniglas.mk, која наменски е креирана за потребите на оваа кампања, нуди навистина голем број информации, насоки и одговори за родители на деца жртви, но и за родители на сторители. Што ви беше најважно при креирањето на оваа платформа и што сѐ нуди таа?
Како и самиот проблем на кој се осврнува, „Крени глас против врсничкото насилство“ е повеќеслојна и обемна кампања. Примарно, таа изобилува со комуникациски материјали како видеа, сведоштва и најразлични содржини за социјалните мрежи. Преку овие елементи, целта ни беше јавноста што повеќе да се заинтересира за проблемот со булингот. Дополнително, ова е кампања што има цел и да едуцира. Интернет-страницата kreniglas.mk ги содржи сите образовни материјали што се креираат за кампањата, подготвени од страна на психолозите кои беа вклучени во неа. Достапни се и прирачници во кои има детални информации за тоа што е врсничко насилство и како засегнатите страни да се справат со него (родители, деца и наставен кадар), како да се препознае врсничкото насилство, пријавување и решавање на проблемот со врсничкото насилство. Целта на овие содржини е да пренесат знаење до сите што можат да помогнат во решавањето на проблемот со врсничкото насилство – децата, родителите и наставниците. Секој што сака, кога има можност, едноставно треба да ја посети оваа веб-страница и детално да се информира за врсничкото насилство. Клучно е, исто така, што ова е и платформа за споделување искуства. Анонимноста, притоа, е заштитена. Многумина што се соочуваат со булинг не сакаат јавно да зборуваат за тоа, а на веб-страницата можат да го направат тоа без да го откријат својот идентитет. Без разлика дали причината е пошироката јавност да ја слушне нивната приказна или, едноставно, да ги изразат емоциите, страницата го овозможува тоа. На едукативен план, на интернет-страницата има и интерактивни квизови, мошне интересни за децата, преку кои секој може да открие дали бил жртва, набљудувач или сторител на булинг.
Кон кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“ се приклучија повеќе од 20 општини кои потпишаа меморандум за соработка, со кои се спроведоа низа активности и работилници. Во што се состои улогата на општинските органи за третирање и превенирање на врсничкото насилство и какви системски решенија можат да понудат тие?
Без разлика во кој дел од Македонија се наоѓаат, на „Крени глас против врсничкото насилство“ се приклучија општини од сите делови на земјата. Ние сме особено горди и искрено благодарни за таа поддршка. Сето ова е клучен показател дека вредностите на кампањата се препознаени од различните чинители и сегменти во општеството. Тоа значи дека благодарение на кампањата, патот за соработка е отворен. Решавањето обемен проблем како булингот, бездруго, бара напорна работа и посветеност. Мошне значајно, ако не и пресудно, е притоа да се вклучени повеќе сегменти од заедницата и меѓу нив да има соработка. Кога се децата мали, семејствата ги градат вредностите кои подоцна се особено значајни во формирање на личноста. Но, кога тие деца ќе почнат да истражуваат вредности и надвор од семејните граници, пред сè, во училиштето и средината во која живеат, тогаш општината има голем удел. Почнувајќи од првиот круг и потоа движејќи се пошироко, проценивме дека на семејните вредности потребно е да се надградат и други позитивни примери кои ќе го продолжат мирољубивиот тренд во градење на личноста. Особено ме радува што општините го препознаа сопственото значење во растењето на децата и со тоа придонесуваат кон идна здрава, среќна и успешна популација. На одреден начин, нашата кампања успеа да обедини многу различни страни во борбата против една, заедничка цел – булингот. Во таа смисла, придонесот на општините може да биде огромен, а тоа се потврди и со нивното вклучување во активностите. Нам ни беше чест да овозможиме работилници на кои за врсничко насилство се едуцираа илјадници ученици и десетици психолози и педагози. Здобиените знаења тие сега ги применуваат во секојдневната настава и придонесуваат во подобрувањето на состојбата со булингот.
Овој дел од кампањата се ближи кон крај и сигурно веќе имате некои сознанија за промените што ги поттикнавте. Во неколку реченици, што би било резиме на досегашните случувања и работата на оваа битна кампања?
Кампањата постигна повеќе успеси, но убедливо најважното е тоа што поттикна да се зборува поотворено и погласно за врсничкото насилство. Конкретно, на „Крени глас против врсничкото насилство“ се приклучија повеќе од 20 општини од сите делови на Македонија. Само до крајот на 2023 година над 40 основни училишта со неколку илјади ученици учествуваа во работилници против булинг. Десетици образовни установи станаа дел од кампањата во 2024 и кај нив илјадници ученици или веќе ги завршија или во следниот период ќе ги комплетираат работилниците. Илјадници примероци едукативен материјал, наменет за ученици, наставници и за родители, беа испечатени и доставени до општините. Голем број луѓе секојдневно ја посетуваат веб-страницата kreniglas.mk и се информираат за булингот преку комуникациските содржини. Пристигнаа стотици анонимни лични приказни за искуства со врсничко насилство. На социјалните мрежи добивме огромен број коментари со поддршка. Тоа се само дел од успесите. За нас, ова се извонредни резултати на кои сме горди и благодарни за поддршката. Искрено веруваме дека сето ова е резултат и на нашата идеја и заложба, но и на соработката со индивидуи и институции кои ја препознаа вредноста и се вклучија во кампањата.
Вие сте мајка и сигурно често разговарате со Вашите деца на оваа тема и им давате правилни насоки и информации за да можат да препознаат психичко насилство, закани, потсмевање и сл. Кој е Вашиот совет за сите родители, на кој начин да пристапат до своите деца за да постигнат најдобри резултати?
Јас како родител многу разговарам на оваа тема со моите деца. Имајќи ги предвид нивните години, разговорите се приспособени соодветно на нивната возраст. Со ќерката ги гледаме видеата со Биби и Боби, за кои добив многу прашања кои наметнаа долги дискусии. Синот веќе ги разбира и видеата со децата, како и оние од актерската школа. Навистина е тешко да се прифати суровата реалност на врсничкото насилство, но, за жал, таа постои и сметам дека секој родител треба да го подготви своето дете на она што може да го очекува надвор од својот дом. За мене како родител е најважно да им укажам дека што и да им се случува, мора да споделат дома. Нагласувам дека кревањето глас е, всушност, клучот за понатамошен развој на нештата кои ги повредуваат и може да имаат трајни последици доколку не се споделат и не побараат помош. Од друга страна, преку видеата многу се трудам да разберат колку децата кои се жртви на врсничкото насилство се емотивно погодени, а сè со цел да го развијам нивното чувство на емпатија. Како родител, но и како граѓанин на оваа земја сакам децата да пораснат во личности кои ќе имаат здрави навики, ќе бидат соработливи и ќе градат почит и поддршка кон другите луѓе. Па, во однос на овој мој став, разговорите со децата ги отвораме преку содржините на кампањата, а ги водам според принципите во кои силно верувам за да ги пораснам во среќни, успешни и здрави луѓе.
Кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“ покажа дека и големите, економско силни компании како „Макпетрол“ може да се иницијатори на општествени промени, можат до допрат до целни групи и можат да се двигател на институционални промени. Планирате ли други општествено одговорни активности во блиска иднина?
Општествената одговорност отсекогаш била неразделна од активностите на „Макпетрол“. Компанијата има повеќе стратешки цели, а меѓу нив поддршката на заедницата е една од најзначајните. Не се работи само за наш принцип, наша искрена желба е постојано да учествуваме во активности од ваков тип. Тоа може да бидат донации на материјални средства, реновирање објекти или други слични чекори за поддршка на заедницата. Со „Крени глас против врсничкото насилство“ решивме да поставиме поинаков, повисок, стандард. Креиравме општествено одговорна кампања која на еден или на друг начин допре до секој сегмент од нашата поширока заедница. Голем дел од неа и директно се вклучи во активностите. Поучени од долгогодишните искуства и особено како резултат на кампањата „Стоп за булинг“, општествената одговорност и натаму ќе биде наш стратешки приоритет. Конкретно во однос на врсничкото насилство, од септември ќе почне вториот дел од кампањата кој ќе вклучи дополнителни активности низ земјата. Како резултат на позитивните искуства од првиот дел, но и на фидбекот што ќе го добиеме есенва, ние веќе ја имаме насоката во која би се движеле во иднина на планот на општествената одговорност. Најискрено, веруваме дека е потребно да се инвестира, потребно е да се креираат услови за децата и за младите да се развиваат слободно. Како и со „Крени глас“, но и со другите претходни активности, „Макпетрол“ ќе продолжи да вложува и средства и енергија во активности што помагаат заедницата да напредува.