Небојша Гелевски-Бане е графички дизајнер чии почетоци се од деведесеттите години во дизајн за печатарската индустрија, но со текот на годините прераснува во еден од најпрепознатливите дизајнери и типографи кај нас. Освен визуелни решенија, неговите дизајни се вистинска уметност и често испраќаат важни пораки за општеството, а Бане несебично го споделува своето знаење со сите што ја сакаат оваа професија.
Графичкиот дизајн е дел од секојдневието, насекаде е присутен и визуелните решенија играат голема улога во која било сфера на живеењето. Како би ги опишале вашите почетоци во дизајнот?
Некаде околу 1990 година почнав да правам компјутерска подготовка, додека дизајнот дојде подоцна. Имам свежо сеќавање. Купив „Атари STE“ во Минхен, заедно со татко ми одевме со воз. Имаше црно-бел супермал монитор, без хард диск, со четири МБ меморија, ама, реално, и на него можеше да се дизајнира. Само за споредба, денешните мобилни имаат четири гига бајти меморија или 1.000 илјади пати повеќе.
Првите почетоци со дизајн беа врзани со книгите на издавачката куќа „Темплум“, чиј основач е брат ми (Никола Гелевски). Ги печатевме дома на матрични печатачи по неколку примероци. На „Атарито“ е правена и првата насловна страница на студентското списание „Елфаско“ од 1993 година, која ми е исклучително важна, иако дизајнерски е далеку од совршена.
Фирмата во која денес работам – „Кома дизајн студио“, формално настана 1993 година. Тројца добри другари, Горан Гулабовски, Гоце Дучевски и јас, решивме да отвориме фирма за компјутерска подготовка за печатење, купивме печатач „Ха-пе ласерџет 4“ од Бугарија, секој по еден компјутер и почнавме.
Ги споменувам набавките од Минхен и Бугарија како илустрација дека на пазарот во Македонија многу од работите сè уште ги немаше за компјутерска опрема.
Во деведесеттите дизајн се правеше исклучиво за печатарскиот бизнис. Интересна паралела е дека денес ни 20% од продукцијата не е за печатење. Не сум сигурен ни кога почнавме да се викаме „графички дизајнери“, а на „подготвувачи за печатење“. Како вљубеник во типографијата, се сеќавам дека имавме многу скромен избор на (кирилични) фонтови и немаше од каде да се најдат. Првпат ја зголемив колекцијата, купувајќи цеде со фонтови од пазарот „Цимитски“ во Софија. Немањето кирилични фонтови нè присилија да научиме да правиме сами. Па, така, и ден-денес тоа ми е некој вид дизајнерско хоби.
Од денешна перспектива, раните деведесетти беа интересни, со мошне скуден контекст да се учи дизајн – програмите ги учевме без упатства, во 1993 година немавме интернет во секој дом, немаше никаде (почетоците на интернетот во Македонија се во 1995 година) се инспириравме и учевме од странски списанија што ни паѓаа под рака, а книги за графички дизајн во Македонија речиси и да немаше или беа прескапи.
Тоа беа моите почетоци.
Креирање дизајн бара голема креативност, уметнички и сопствен печат што се гради со текот на работењето и кариерата. Што особено ве привлекува вас во дизајнирањето и на што обрнувате големо внимание кога дизајнирате?
Се обидувам да бидам различен, да се избегам од купиштата генерички дизајн. Сакам тоа што го правам да изгледа интригирачки, привлечно, да посакаш да подзастанеш да го разгледаш, да откриеш нешто во него, да те натера да го анализираш и да мислиш на него. Се разбира, не успевам секогаш.
Сакам чист минималистички дизајн (иако ретко го применувам), имам голема почит и за комплексни максималистички дизајни. Сакам јасно пренесена порака и висока функционалност. Графичкиот дизајнот е применета уметност и освен што треба да биде естетски привлечен, мора да има и своја функционалност. Многу ми е важна типографијата, таа самата за себе раскажува приказна и го надополнува текстот што е напишан со неа… и ни буди емоција дури и пред да го прочитаме текстот…
Дизајнирањето е прекрасна игра со линии, форми, бои, букви… бесконечни комбинации, бесконечни емоции. Уживам во дизајнирањето, одбирањето и разместувањето на овие елементи по белата празна површина на екранот на компјутерот.
Се трудам да бидам остар (само)критичар на тоа што го дизајнирам и да не запирам додека целосно не сум задоволен. Последново е под услов да имаме доволно долги рокови (што ретко се случува).
Што ве инспирира и како почнувате да дизајнирате кога ќе добиете идеја?
Почнувам самостојно, без интернет, без книги, потполно сами, јас и компјутерот. Прво ги поставувам сите задолжителни елементи и текстот на белиот екран и „играта“ почнува. Се обидувам да ги групирам податоците по важност, каде сакам прво да погледне гледачот, што е важно, а што можам да прикријам. Обликувам многу верзии и ги чувам сите можни пристојни решенија, сам со себе си играм брејнсторминг, без правила, без стеги, без груби критики… што и да ми текне, применувам во дизајнот.
Следна фаза е да го оставам да одлежи, да „стаса“. Потоа анализирам што сум направил и доработувам, во третата фаза се обидувам да си ги подобрам решенијата со разгледување книги или на интернет. Овде морам да нагласам дека се обидувам да се инспирирам од дијаметрално спротивни извори, на пример правам „фудбалски“ постер, разгледувам инспирација од пакувања за „јапонски мастики за џвакање“, ме разбирате?! Да избегнам можност за плагијат… ☺ При крајот споделувам со колешки и колеги и тогаш се вжештува атмосферата…
Со оглед на вашето богато творештво и вашето студио „Кома“, дали би можеле да издвоите неколку дизајни што играат особена улога во вашата кариера, ги паметите по нешто особено или ви претставувале голем предизвик?
Многу тешко прашање, ама, еве, ќе се обидам. Значаен ми е дизајнот на „Маргина“, со кој почна сè, дизајнот на студентското списание „Елфаско“, наградениот дизајн на банкноти на НБРМ, драги ми се и некои поскорешни дизајни за „Крик“, фестивалот за критичка култура, Книжевниот фестивал „Друга приказна“, „ПичПрич“, „100.000 поети за промена“, едицијата „Градот“ на „Темплум“…
Одличен предавач сте и несебично и ентузијастички споделувате знаење за визуелните комуникации и дизајнерски решенија. Што сметате дека е многу важно да знае еден млад дизајнер/ка кој/а штотуку почнува да креира?
Мислам дека не смее да застане на нивото на кое е во моментот, дека мора континуирано да учи и да напредува. Мора да ја следи ситуацијата на пазарот, да го следи развојот на вештачката интелигенција, новите софтвери, новите алатки, значи цело време учење, доживотно учење и не само програми туку и теорија на дизајн, уметност. Не смеат да се пропуштаат гостувачки предавања за дизајн и уметност, треба да се оди во музеи, на изложби, да се впива визуелната комуникација и да се „складира“ во некое парче во мозокот. Треба секој ден да практикуваат дизајн, а креативноста потоа ќе си го најде својот пат.
Верувам дека вредната работа и вложениот труд нужно носат резултат. Слично размислувам како фудбалската ѕвезда Златан Ибрахимовиќ, која има изјавено (парафразирам) дека неуспехот не е спротивност на успехот, туку тој е дел од успехот. Според него, да не се прави ништо е најголемиот неуспех од сè. Најважно е секој ден да се согледува разликата меѓу правењето нештo и неправењето ништо. Верувам, многу ќе се согласиме со тоа дека напорната работа, посветеноста и концентрацијата се клучни.
Преку вашите дизајни често изразувате и активистички пораки за општествените случувања. Колку сметате дека уметноста и личниот печат можат да помогнат да се влијае за промени?
Има многу примери во историјата на графичкиот дизајн во која преку дизајнерска поддршка на активистички акции позитивно се влијаело на одредени промени во општеството. Пораката и до „старите“ и до младите дизајнери, а може да се прошири и на сите прогресивни сили е дека мораме гласно да се бориме за повеќе права, за подобар живот, за подобро општество. Прерано починатиот активист и соборец Роберто Беличанец велеше: „Тишината не е решение!“ Оттаму, мораме да бидеме гласни против неправдите!
Во последно време се вели и се смета дека алатките за вештачката интелигенција може многу да влијаат позитивно, но и негативно на работењето на дизајнерите и воопшто во технолошкиот свет, како и во докажувањето на авторството на дизајнот. Какво е вашето мислење и искуство во однос на користењето на ВИ?
ВИ е восхитувачка нова технологија, но и застрашувачка. Мислам дека ВИ ќе го подобри животот на сите, но исто така мислам дека големите корпорации планираат најголемиот профит да го задржат за себе… и тоа е многу загрижувачки поглед на иднината. ВИ сигурно ќе замени одредени работни места, но сигурно и ќе создаде нови. Веројатно единствен одговор на ваквите промени е доживотното учење.
Конкретно за графичкиот дизајн, ВИ е далеку од нивото да биде „комплетен“ самостоен дизајнер, но можеби ќе стане во иднина. Во моментов, ВИ ја гледам како уште една алатка што може многу да им помогне на графичките дизајнери.
Освен со дизајн, се занимавате и со фотографија. Што ве привлече кон фотографијата и како ја поврзувате со дизајнот?
Уживам да фотографирам. Само во телефонот имам околу 10.000 фотографии. За мене е неверојатна моќта на фотографијата. Заробен момент, кој сепак доловува цела случка кога ќе се загледате во неа. Фотографијата и графичкиот дизајн имаат поврзаност, веројатно оттаму интересот.
На што сте фокусиран во периодов и како собирате енергија за нови проекти?
Случувањата во светов и кризата во која сме втурнати ме вознемирува, верувам еднакво како и сите. Следам што се случува и во технолошкиот свет, нешто што очекувам дека ќе влијае на нашето работење и живеење. Тука некаде е мојот фокус, во учењето и во приспособувањето на новиот контекст. Животот е постојано некаков проток на енергија. Се троши и се полни. Во нашата работа, новите проекти се всушност и извор на енергија. Соработката со клиентите, нивните замисли, комуникацијата, понудените решенија… целиот процес е динамика што исполнува.