Со концертната пијанистка Ема Попивода поразговаравме за нејзините најнови проекти, концертот „Суперсоник“ и следните авторските композиции, но и за предизвикот што го носи новиот спој помеѓу класичната и електронската музика, која, како што вели таа, е музичка фузија што создава нов звук и свежина. Попивода на 18ти ноември, во петок, ќе одржи пијано дуо концерт со јапонската пијанистка Асами Сате со која во 2020 година победија на конкурсот на градот Токио, Japan for Art за композицијата Ноктурно оп.52 б – „Дали паметиш Милице“.
Вашето долгогодишно искуство како концертна пијанистка е особено признаено во Македонија, но и во целиот свет преку многу соло-концерти, како Њујорк, Токио, Лондон, Брисел, Будимпешта, Рим… Како изгледаа вашите почетоци? Какви искуства стекнавте низ годините?
Почнав да свирам на пијано уште како многу мала. Потекнувам од музичко семејство, мојата мајка, баба, прабаба свиреле на пијано, па беше логично и јас да почнам да учам да свирам. Настапував уште како мала, учествував и на многу пијано-натпревари. Но, со солистички концерти почнав за време на студиите. За организација на концерти за класична музика потребен е музички менаџер, што всушност на нашите простори го нема. Имав голема желба да свирам и многу идеи за различни концерти со интересна програма, така што самата наоѓав начини како да ги организирам за да се претставам на колку што е можно повеќе концерти. Учествував на разни семинари и мастер-класи надвор од нашата земја, што ми овозможи да запознам многу луѓе и контакти, преку кои и успевав да организирам концерти. За успехот зборува и фактот што секогаш кога свирам на концерт или на фестивал добивам и нови покани за настап. Практично, самата станав организатор на своите концерти и со многу труд успевам да реализирам најмалку дваесетина концерти годишно и во нашата земја и во странство. Голема помош во целата организација е мојот сопруг Давор Попивода, кој претежно се грижи околу организацијата на концертите, контактите со музичките фестивали, организацијата и продуцирањето на музичките снимки и видеа.
Што значи да се биде концертна пијанистка кај нас? Какви предизвици носи оваа професија, како се подготвувате за настапи и концерти?
Да се биде концертен пијанист во Македонија е навистина предизвик. Отсуството на концертни агенции, малиот буџет на речиси сите фестивали на овие простори, бавниот развој на културната сцена за класична музика се дел од причините поради кои еден уметник не може да опстојува исклучиво како концертен пијанист. Дополнително, оваа професија бара голема пожртвуваност со повеќечасовна секојдневна работа што навистина претставува предизвик за уметникот. Во однос на подготовките, секогаш е различно и зависи од тоа дали свирам солистички или со камерен состав. Пред секој настап претходи период на интензивно вежбање на пијано, проби, преслушувања, психичка подготовка, но секогаш носи нова возбуда и желба за колку што е можно подобро претставување на сцената.
Вашиот концерт „Суперсоник“ беше изведен летово во Македонска филхармонија заедно со оркестарот „Профундис“ и под диригентската палка на италијанскиот маестро Паоло Шибилија. Ќе можете ли да ни кажете нешто повеќе на овој концерт и како се одвиваа подготовките? Како сте задоволна од целиот проект?
„Суперсоник“ е концертен проект на кој сум особено горда. Најпрвин, затоа што претставува мој авторски проект во кој самата ја напишав музиката, оркестрациите ги напиша Владимир Ботев, а и поради можност да соработувам со еден од најдобрите оркестри кај нас – камерниот оркестар „Профундис“. Музиката е инспирирана од ритмови и семплови од електронската музика, но бидејќи сум голем романтичар по природа, изобилува со богати хармонски структури и многу емоции. Драго ми е што на премиерната изведба на „Суперсоник“ во Скопје, оркестарот го предводеше италијанскиот диригент маестро Паоло Шибилија. Позитивните реакции на публиката и овациите на концертот се дополнителен мотив да ја продолжам мојата работа и како автор/композитор. Изминатото лето, на покана на маестро Шибилија, заедно со оркестарот „Профундис“ и маестра Ѓурѓица Дашиќ, имавме турнеја во Италија на брегот на Амалфи.
Освен класична музика, работите и на композиции од електронската музика, настапувавте заедно со диџејот Дерик Меј и Џијан Емин. Според вас, што носат овие адаптации на електронската музика и спојот со класичната?
Оваа музичка фузија е новина во музиката. Искористувањето на класичните инструменти и стандардните правила во класичната музика создаваат нов звук што е допадлив и лесно разбирлив за широката публика. Токму тоа е и целта на ваквите проекти – предизвикот да се создаде нова музичка фузија што би допрела до нова публика. Бев дел од проектот со диџеј Дерик Меј и Џијан Емин, кој доживеа голем успех и многубројни изведби на повеќе континенти. Понатаму следуваше и концертниот проект „Пијано и диџеј“, заедно со Андреј Мицајков, кој беше придружуван со светлосна арт-инсталација. Внесувањето новини во музичките настапи носи нова свежина на музичката сцена, која ја интригира пошироката публиката. Затоа, во таа насока, продолжувам да работам и нови музички проекти.

Моментално го подготвувате големиот авторски проект насловен „Опера електроника – магична фреквенција“, повторно спој на електронската и класичната музика. За што станува збор во овој проект? На што ќе се обрне внимание во однос на авторските композиции?
Токму овој проект сметам дека ќе биде врв на сета работа во полето на музичките фузии. „Опера електроника“ претставува грандиозно музичко сценско дело. Се нарекува опера, бидејќи ја задржуваме формата на класичната опера со музичка приказна (либрето), пејачи, музика, оркестар. Но, сето тоа видено низ призмата на денешниот модерен свет. Музиката што ја работам со големиот музички диџеј и продуцент Егортмиа е електронска оригинална музика над која се надградуваат акустични и електрични инструменти. Ако досега спојувавме и правевме музичка фузија, сега градиме ново и оригинално музичко дело. Покрај пејачите, на сцената ќе учествува хор, оркестар, балетски ансамбл. Сценографијата ја отсликуваат визуелни ефекти и 3Д-анимации. Темата што ја разработува е модерна приказна што допира до сите нас.
На што обрнувате посебно внимание при подготовка на авторските композиции? Од каде црпите инспирација?
Кога ги пишувам моите композиции немам некој посебен план. Инспирацијата доаѓа од секаде: од секојдневните случувања, доживувања, емоции, од музиката воопшто. Но, најважно за мене е таа музика што ќе ја создадам да ми се допадне и емотивно да ме допре. Понекогаш со денови размислувам на една ритмичка структура или, пак, на една хармонска прогресија, за потоа природно да најдам решение и да ја напишам композицијата во еден здив.
Професорка сте по пијано на Музичката академија во Штип, а имате и приватно музичко училиште „Модоарс Пијано Академија“. Според вас, што е најважно да знаат учениците при учењето, како се развиваат како музичари и на што особено е важно да се обрне внимание и од страна на професорите и од учениците?
Сите мои ученици ги советувам дека најважно е да ја сакаат музиката и да свират со љубов. Во изучувањето на пијано важна е дисциплината, посветеноста, ефикасното вежбање. За повисоко ниво на интерпретација потребно е познавање на музичката историја, музичките стилови, литературата, сликарството. Со студентите од мојата класа на Музичката академија од Штип имаме одлична заедничка работа и комуникација. Затоа што имаме индивидуална настава, со секој студент имам и лична комуникација, која е исто така важна, за носење на позитивни резултати во работата. За успесите зборуваат и многубројните концерти на моите студенти, а неколкумина од нив, кои се веќе дипломирани студенти од мојата класа, работат како пијано-педагози во музичките училишта и успешно концертираат. „Модоарс Пијано Академијата“ е приватно училиште по пијано што работи по нов и иновативен метод на работа. Методот за пијано што го создадов сама содржи пет книги за изучување на пијано и досега покажа одлични резултати кај сите ученици. Со гордост можам да кажам дека изминатата учебна година сите ученици на „Модоарс Пијано Академијата“, иако почетници, успеаја успешно да настапат на концертната сцена.
Што следно можеme да очекуваме од вас? Кои концерти се следни?
Покрај подготовката за премиерата на „Опера електроника“, во ноември следува концерт за два клавира заедно со јапонската пијанистка Асами Сате. Асами пристигна во Македонија два месецa претходно, бидејќи е потребна заедничка работа, вежбање и проби. На концертот ќе изведеме композиции за два клавира од класичниот музички репертоар, но ќе изведеме и дела од македонски и јапонски композитор во знак на заедничкото пријателство и соработка. Истиот концерт ќе го изведеме и во неколку градови во Јапонија, а за нашата соработка ќе се снима и филм. Во најава се концерти во Црна Гора, Шпанија, Англија, Италија и Македонија. Се надевам дека новите концертни проекти ќе бидат интересни и ќе им се допаднат на слушателите во публиката.

