Потребата за револуцијата во модната индустрија ни е сѐ повеќе потребна! Многу често знаеме да го заборавиме овој факт додека уживаме во сезонските попусти понудени од брендовите за брза мода или додека невнимателно избираме секојдневни продукти без да се погрижиме да најдеме соодветна одржлива замена за истите. Од експлоататорски трудови практики до целосно уништување на животната средина, модната индустрија е преполна со прашања кои бараат наше внимание и акција.
Ајде да се потсетиме зошто модната револуција не само што е неопходна, туку и одамна задоцнета.
Кога трудовата експлоатација конечно ќе почне вистински да не загрижува?
Секојдневно слушаме за експлоатирањето на конфекциските работници, особено во земјите во развој. Долги часови со минимална плата, опасни средини и лоши услови за работа. Да почнеме од домот што го знаеме, нашата земја во која конфекциските работници со децении се борат и се залагаат за безбедни работни услови и правични работни практики.
Ги прашавме од Гласен Текстилец, здружение за заштита на работничките права дали имаат забележано забележано прогрес во однос на работничките права на текстилните работници? И дали е доволен притисокот што се врши на работодавците последните неколку години за да се реши трудовата експлоатација?
„Да, од 2017та година откако постоиме како здружение, многу работи одат на подобро. Пример во зголемена свест и храброст кај работниците од овој сектор да детектираат и пријават прекршување на нивните права, што порано не беше случај. Има сериозно покачување на минималната плата која пред основањето на здружението беше во две децениска стагнација. Но повторно е ниска во споредба со инфлацијата и покачените трошоци за живот.
Притисокот врз работодавачите од наша страна мислам дека вродуваше со плод. Ги истакнувавме со име и презиме лошите примери меѓу нив. Имавме и институционални и судски и кривични постапки. Имаме комуникација и соработка со интернационални организации кои ги штитат работничките права на текстилните работници, но и такви кои работат со брендови и се грижат за позитивните пракси да бидат имплементирани во целиот синџир на производстсво. Но овој сектор глобално е препознат како женска индустрија и застапена трудова експлоатација. Такашто нашите притисоци во иднина ќе бидат насочени повеќе кон брендовите за кои шијат македонските текстилни компании, со оглед на тоа дека нашата текстилна индустрија е сведена на лон производство, од некои 95%“. – Кристина Ампева, претседателка на Гласен Текстилец.
Одржливост на животната средина:
Модната индустрија е една од најзагадувачките индустрии на глобално ниво, која придонесува за загадување на водата, уништување на шумите и емисии на стакленички гасови. Брзата мода, која се карактеризира со брзи производни циклуси и облека за еднократна употреба, ги влошува овие еколошки проблеми. За да бидеме дел од модната револуција, потребно е да го направиме вистинскиот избор како конзумери и да истражиме дали постои соодветна одржлива и еколошка замена за облеката којашто ја носиме.
Тоа значи да поддржуваме брендови кои промовираат промовира одржливи практики како што се етички извори, еколошки материјали и циркуларни модели за да го минимизира еколошкиот отпечаток на индустријата.
Еден од нашите брендови коишто нудат одржлива опција за хулахопки се АПРИЛ22.
„АПРИЛ22 хулахопките се добра замена за обичните најлонски хулахопки бидејќи се направени од паметни предива кои се разградуваат за 3-5 години наспроти 100 години. Можат да се користат и како биомаса за енергија, се доработуваат со органски и антимикробни средства и им се додава алое вера која има козметички ефект врз кожата: ја задржува природната хидратација на кожата и со тоа спречува чешање и миризба.
Покрај промените во самиот производ и континуирано подобрување на истиот, дополнително практиките и процесите за изработка се менуваат од лиенарни во цирклуларни. Примената на пластиката комплетно се замени со рециклирани материјали и материјали кои се реупотребуваат. Постигнавме и значително намалување на отпадот од производството и негова дигитализација. Идејата позади брендот е не само да ги замениме најлонските хулахопки со нешто што има позитивен ефект врз нашата кожа туку и да се направи долготраен имапкт врз живтоната средина“. – Сања Лазаревска, основачка на АПРИЛ22
Прекумерната потрошувачка создава отпад
Подемот на брзата мода доведе до култура на прекумерна потрошувачка, каде што е побитно облеката да има еднократна функција наместо да биде издржлива и да трае со години. Овој менталитет на фрлање резултира со планини од текстилен отпад што се трупаат на депониите секоја година. Со прифаќање на модната револуција, потрошувачите можат да се насочат кон внимателна потрошувачка, да инвестираат во квалитетни парчиња, да ја поправаат и пренаменуваат старата облека и да ги поддржуваат брендовите посветени на намалување на отпадот.
Зошто ни требаат транспарентни брендови?
Како дел од модната револуција, постои зголемена побарувачка за поголема транспарентност и одговорност во индустријата, со апели до брендовите да откријат информации за нивните добавувачи, работните практики и влијанието врз животната средина. Многу модни брендови работат во тајност, прикривајќи ги нивните синџири на снабдување и производствени процеси од потрошувачите. Овој недостаток на транспарентност им отежнува на потрошувачите да направат информиран избор и да ги држат загадувачите од индустријата одговорни за нивните постапки.
Потребата за модна револуција е јасна и итна. Со решавање на прашања како што се експлоатација на трудот, уништување на животната средина, прекумерна потрошувачка, недостаток на различност и транспарентност, можеме да создадеме поправедна, одржлива и етичка модна индустрија. Без разлика дали преку поддршка на етички брендови, застапување за промена на политиката или правење внимателни избори за потрошувачка, секој од нас има улога во поттикнувањето на оваа многу потребна трансформација.