За првпат во националниот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство е утврдено дека родово базираното насилство врз жените претставува дискриминација на жените и дека сите мерки и активности за превенција и заштита од родово базирано насилство врз жените ќе се спроведуваат без дискриминација по која било основа.
Одредбите во Законот јасно укажуваат дека насилството врз жените и семејното насилство не може да се сметаат за приватна работа и дека државата има намера преку сеопфатни и интегрирани политики да превенира и да ги заштити жртвите на родово базирано насилство врз жените и на семејно насилство.
Законот преку одредбата со која се регулира должното внимание на институциите, укажува дека превенцијата и заштитата од родово базирано насилство врз жените и семејното насилство не е добра волја на поединецот, туку е обврска на државата преку сите надлежни институции да постапува одговорно, соодветно, навремено и ефикасно.
Родово базираното насилство врз жените може да биде: физичко, психолошко, економско насилство, демнење, сексуално насилство и силување, сексуално вознемирување, присилен брак, женско генитално осакатување, присилен абортус и присилна стерилизација и трговија со жени и девојчиња.
Законот ги регулира политиките и надлежностите на институциите во однос на превенција и заштита од родово базирано насилство врз жените и семејното насилство и меѓусебната соработка и координација неопходна за холистички пристап во справувањето со насилство.
Заради запознавање на пошироката јавност со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, Министерството за труд и социјална политика со финансиска поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија, започнува едукативна кампања под слоганот „Со тебе сме – Заедно против насилството врз жените и девојчињата“.