Откако го гледав „Мими“, новиот филм на Даријан Пејовски, ја забележав сплотеноста и поврзаноста помеѓу Наталија Теодосиева и Тамара Ристоска, кои ги толкуваат главните улоги во филмот, Сара и Мими. Филмот зборува за комплексни релации помеѓу две другарки кои се независни една од друга со свои заднини и тежини, а сепак олицетворуваат теми и однесувања неизбежни за нашето општество. И двете актерки се добропознати на македонската и на меѓународната сцена со големо искуство и успеси зад себе, а нивната упорност и посветеност како и леснотијата со која ги пренесуваат улогите пред публиката ни беа совршена инспирација за двете актерки да се најдат заедно на насловната страница. По првпат во „Портрет“ се случи една ваква заедничка актерска фотосесија за насловната страница, а преку разговорот начнавме многу теми на кои добивме навистина искрени одговори. Поразговаравме за тоа како изгледаше да се биде дел од „Мими“, но и за предизвиците на актерската професија и како уметноста и културата можат да бидат поттик за промени и менување на правецот во едно општество. Филмот „Мими“ од утре ќе се прикажува во кината низ Македонија.
Последен проект на кој работевте заедно е „Мими“ на Даријан Пејовски. И двата лика, и Мими и Сара, се комплексни и секој носи своја приказна и тежини од минатото. Како се подготвувавте за ликовите Мими и Сара, што ви беше најважно да доловите, да претставите пред публиката?
Наталија: Всушност, ова е нашата прва соработка. Подготовката за портретирање на овие ликови, особено релацијата што ја имаат Сара и Мими, секако зависи и од потпората и инспирацијата што ти ја овозможува партнерот. Заедно со Тамара и со Даријан успеавме да создадеме еден здрав и сигурен простор, каде што, пред сè, ние, како актерки, ќе ја имаме слободата и поддршката да ги изнесеме нашите искуства, претходни истражувања и ставови од кои ги градевме овие карактери. Па, така, најважно ни беше овие два женски лика да станат уверливи пред публиката.
Тамара: Ова ни е прва соработка заедно, се надевам не и последна. 🙂 Кога си во одреден процес и кога си фокусиран на бркање резултати, односно кога од почетокот размислуваш што ќе ѝ доловиш на публиката, тоа е сосема погрешен пристап кога работиш на ликот. Важно е најпрвин да се посветиш на неговите намери, ставови, како размислува тој лик, зошто ги носи тие одлуки и каков е неговиот однос со другите карактери во сценариото. Откако тоа ќе помине низ тебе, тогаш проблемите на ликот одеднаш стануваат твои и лични. Најважно за мене беше да пренесам како се чувствува ликот и што носи со себе.
Колку сметате дека темата на филмот соодветствува со релациите помеѓу луѓето во денешно време?
Тамара: Меѓу другото, филмот произлегува од односи и околности во коишто се ставени ликовите и кога тие ќе се раскажат преку призмата на филмскиот јазик многу е полесно публиката да се поврзе. Има состојби што се доведени во екстрема, но тоа не ги прави тие карактери помалку реални и човечни. Уште на почетокот, кога се запознавав со ликовите, наидов на многу ситуации во коишто се препознав и бев сигурна дека, иако приказната е локална, темите се универзални и бев сигурна дека секој може да се идентификува.
Наталија: Филмот е инспириран од денешни теми и случувања, невозможно е да не соодветствува, без разлика дали се работи за во минатото или сегашното коегзистирање на луѓето, таквите релации се чести во нашето постоење и се нормални, сакале ние или не.
Филмот обработува и родови предрасуди, особено начинот на кој влијаат во секојдневието, но и темата за мајчинството, која е мошне влијателна во нашето општество. Како беше да се работи на филм што обработува повеќе вакви теми, каква порака се пренесува?
Тамара: Не сум сигурна колку пораката е светла, ама сигурна сум дека е алармантна. Темите во овој филм се олицетворение на времето во коешто живееме, на она со коешто се соочуваме и се бориме секој ден. Кога сме кај мајчинството, првпат сум во улога на мајка, која, според наметнатите норми, не е типична. Тоа што е автодеструктивна и медиокритет, не ја прави лоша мајка и тоа ми беше најпрекрасно за овој лик.
Наталија: Точно, филмот обработува повеќе важни теми и проблеми со кои луѓето, особено жените кај нас се соочуваат, и тоа многу почесто од што знаеме и мислиме. Семејното насилство, родовите предрасуди, мизогинијата се толку длабоко вкоренети, што жртвите, ми се чини, не веруваат дека системот кај нас воопшто може да им помогне, па веројатно затоа и молчат или се откажуваат од борбата. Занимавајќи се со овие теми, за време на подготовките, сфатив дека филмот како медиум или ликовите кои ги толкуваме, веројатно, во најдобар случај, би можело да ја поттикне индивидуата да собере храброст за можна промена, но за жал не верувам дека може да ги промени системите или институциите подобро да ги заштитуваат и да им ја дадат вербата и целосната поддршка кога најмногу им треба.
Кога првпат го добивте сценариото за „Мими“ што особено ве привлече кон ликовите, како вие ги сфаќате и ги разбирате Мими и Сара и нивната конекција?
Тамара: Онаму каде што се наоѓа Сара е местото каде што јас приватно никогаш не би сакала да бидам, а Мими, пак, очајно сака да биде на тоа место. Да пробам да се ставам во кожата на Сара и да сфатам зошто Мими сака да се пикне под нејзината, од почетокот беше огромен предизвик. Со тоа што не знаев што е потрагично, бидејќи и двата лика се фатени во мрежата на наметнатиот нормативен систем. Кога разговараме со Наталија за нивниот однос сфативме дека нивното пријателство што се претвора во опсесија го има секаде околу нас, и двете имавме слични примери за ваков вид пријателства и тоа дополнително помогна во градење на ликовите.
Наталија: Скриените намери, фасадите и лажната милост што ги поседува Мими, а притоа ги користи многу вешто за да дојде до онаму каде што копнее, мене ми се виде како добра можност да ги искористам моите потенцијали и да подоткопам уште нешто ново од мојата имагинација. Сепак, предизвикот е многу поголем и посладок кога имаш лик за портретирање што има повеќеслоен карактер. Нуркајќи во оваа плејада на карактеристики и градејќи го односот со Сара, многу брзо ни стана јасно дека ние, како луѓе, многу почесто од што мислиме се служиме со одново изградени наши фасади и маски што ни овозможуваат полесно да изградиме релација со другиот. Мими е девојка која доаѓа од мал град, со една голема траума и последица од неа, нормално е да направи сè за што е надарена, за да го создаде својот живот одново според нејзините критериуми.
Во секое општество постои политички или социјален систем што е причина за нечие настрано однесување или дејствување што влијае на квалитетот на животот кај најнеотпорните. Не морам да образложувам колку овој начин на живеење е застапен кај нас.
Наталија Теодосиева
На кој начин сметате дека треба да се отворат повеќе вакви прашања, да се поттикне комуникација и едукација за родови прашања, особено во последно време кога се зачестени случувањата околу родова дискриминација во нашето општество?
Тамара: Треба да бидат повеќе застапени во образованието и да се искористат преку секаква форма на уметност, кои се едни од главните фактори за промена на општествените наметнати притисоци. Она што се чувствува во нашите генерации е желбата за промена и тоа не се случува само од уметничка гледна точка, туку и од социјална и општествена и тоа навистина покажува колку културата може да влијае и да направи промени.
Наталија: Се согласувам со Тамара, и мене ми се чини дека напредуваме на тоа поле, многу бавно, ама се мрдаме од мртвата точка. И да, културата навистина може да има влијание врз ваквите промени, особено денес, кога сите ние, особено младите, имаме многу лесна достапност до медиумите и токму поради тоа има голем простор каде што можат да се прикажуваат содржини што преку креативност ги образложуваат темите на дискриминација.
Ќе ве навратам малку на почетоците. Актерската кариера бара особена посветеност, динамичност во работата, приспособување на разни предизвици… Како изгледаа вашите првични актерски искуства и дали паметите некоја особено интересна случка или сцена од снимање на театарска или филмска улога?
Тамара: Во втора година на факултет имавме еден час по актерска игра, каде што нашата професорка ни соопшти дека Иван Поповски сака да ја земе целата класа да играме во неговата нова претстава во МНТ – „Мајсторот и Маргарита“. Се сеќавам дека срцето не можев да го контролирам колку брзо ми чукаше. МИМ беше огромен проект, со огромен буџет. Ансамблот беше во состав на најголемите актерски имиња кои беа кастирани за таа претстава и некако на сите ни се чинеше премногу добро за да биде вистинито. За време на тој процес, имавме можност да видиме како изгледа еден професионален проект на огромна сцена, со етаблирани актери и еден од подобрите театарски режисери. Претставата траеше пет часа и беше спектакл. Честопати помислувам на првото чувство кога застанав на таа сцена. Колку бев изгубена и мала во тој простор. Ние, студентите, имавме големи паузи пред да излеземе на сцената и многу сакав да видам како изгледа оваа претстава од публиката. За време на паузата влегов во гледалиштето и ја видов магијата што може да ја направи еден театар. Потоа се вратив и излегов на сцената веќе знаејќи како изгледа тоа. Чувството беше незаменливо.
Наталија: Кога и да се сетам на моите први искуства, секогаш прво на ум ми доаѓа претставата „Дракула“. Ми се чини дека поминаа 16 години оттогаш. Бев средношколка, многу случајно се најдов во таа приказна и се разбира дотогаш немав никакви афинитети кон актерството. Тогаш ми се отвори еден цел нов свет. Едноставно, ми го зема целото внимание. Процесот траеше долго и јас сè повеќе поминував време во тогашниот театар „Центар“. Почнав и сè почесто да отсуствувам од часови, добивав опомени, професорките веќе не сакаа да ме ослободуваат од часови, ама јас некако успевав да балансирам. Сфатив дека веќе ништо не ме интересира, освен долгите проби, на кои најчесто седев во публиката и ги гледав актерите како работат на сцената, за кои со време откривав дека се едни од великаните кај нас. Просто, знаев дека сум среќна, дека припаѓам овде и цело време се прашував како патот толку случајно ме донесе овде. Многу сум благодарна за оваа можност, поради неа денес сум овде. Тогаш бев аматер, без никакво актерско искуство, но сакав и успевав да научам од тој процес, исто како и денес со секој нов.
Разумот го чуваме за да не потклекнеме комплетно на оваа професија. Да не се експлоатираш, да се штитиш од доминантни авторитети и ултиматуми од позиција на моќ.
Тамара Ристоска
Кој ви бил досега најголем предизвик во актерската кариера? Како сте се снаоѓале во тешки ситуации и дали некогаш сте биле дискриминирани на која било основа?
Тамара: Секој актерски предизвик сам по себе е комплексен и никогаш не сум гледала на тоа дали улогата е мала или голема. Уште на почетокот, по дипломирањето, влегов во поголем проект и тоа направи од мене да сум поспремна и посигурна во себе. Апсолутно дека сум се почувствувала дискриминирано во многу ситуации, но тоа не е ништо во споредба со она што го имам посведочено, од каков било вид дискриминација.
Наталија: За мене, секоја нова можност за нова улога, без разлика дали е на филм или во театар, е еднаков предизвик. Го сакам процесот на градење ликови, па дури и мислам дека тоа ми е омилениот дел од работата. И јас сум се соочила со дискриминација, но не е ни блиску до нешто што ми оставило траума, а и голема е веројатноста дека сме се навикнале на таквиот третман до таа мера што веќе и не нè повредува толку многу.
И двете имате големо актерско искуство зад себе. Како најчесто се подготвувате за улогите, колку е тежок процесот да се долови вистински еден лик во филм или на претстава?
Тамара: Конкретно ќе го земам „Мими“ како пример, со тоа што тука главните ликови во филмот не можат еден без друг, а тоа повлекува, условно кажано, заедничка подготовка. Константното разговарање, градење на нивната биографија, разбирање и прифаќање на нивните одлуки беа основните појдовни точки на коишто се фокусиравме со Наталија. Тоа што имавме обострана доверба и одлична соработка многу го олесни процесот на градење на ликовите.
Наталија: Процесот не може да биде многу тежок ако искрено и целосно се впуштиш во него. Ние градиме релации, карактери, создаваме атмосфери, предизвикуваме емоции, овде нема што да се згреши, во креативниот процес нема утки, може само да постои недоверба во тоа што го правиш, што воопшто не помага во веродостојноста и уверливоста на портретирањето на ликот.
Колку емоциите или, пак, разумот повеќе се пресудни за добро одиграна улога?
Тамара: Чувството е најважно. Едноставно, знаеш кога си на вистинскиот пат. Најважно е да го слушаш твојот лик што има да ти каже, да го почитуваш него и неговите одлуки и да немаш никакви предрасуди. За време на целиот процес е сосема во ред да дозволиш да се почувствуваш повредено, да почувствуваш дека целиот свет е против тебе или да сакаш некого безусловно сè додека тоа ти помага за градење на ликот. Разумот го чуваме за да не потклекнеме комплетно на оваа професија. Да не се експлоатираш, да се штитиш од доминантни авторитети и ултиматуми од позиција на моќ.
Наталија: Ми се чини едното без другото не може, кога станува збор за детален процес и темелна подготовка. Емоцијата се појавува како последица на разумот, на намерите, траумите, околностите во кои се наоѓа ликот, се разбира, околностите што ќе ги создадеме ние, преку сценариото, со нашата имагинација. Сепак, секој актер има свој систем на работа. Веројатно, она што е најзначајно е темелната подготвеност во однос на текстот и јасните намерите кон секој од партнерите. Но, неопходна е довербата во режисерот и обратно, оваа релација е клучна за добро подготвен лик.
Како сте задоволни од досегашната ваша работа, на што ве научи досегашното искуство?
Тамара: На тоа дека треба константно да инвестираш во себе, дека е во ред да се преиспитуваш и дека секаква критика не е релевантна.
Наталија: Задоволна сум, сепак имам убави и квалитетни проекти зад себе и, се разбира, досегашните можности да соработувам со добри режисери. Она што одново и одново го учам е дека трпението навистина е важно во оваа професија, трпение додека чекаш нов ангажман, трпение додека си во некреативна фаза, трпение кон себеси кога ја нема мотивацијата.
Македонската кинематографија во последно време се сврте кон обработување на посекојдневни, општествени теми што обработуваат важни прашања во реалниот живот на граѓаните. На што сметате дека се должи оваа тематика и успесите што произлегуваат од неа?
Тамара: Сè повеќе се развиваат квалитетни сценарија со современи теми и тоа мислам дека е успехот на кој сведочиме во последниве неколку години. Локалните приказни што раскажуваат универзални теми и кореспондираат со времето во коешто живееме е она што македонската кинематографија ја движи во добра насока.
Наталија: Во секое општество постои политички или социјален систем што е причина за нечие настрано однесување или дејствување што влијае на квалитетот на животот кај најнеотпорните. Не морам да образложувам колку овој начин на живеење е застапен кај нас. Па, оттука, би рекла дека секој што се занимава со уметност и создавање на современи дела не пропушта да даде коментар на сегашната реалност. По ова, некако природно се наметнува и нашите сценаристи и режисери да ги отвораат овие и ним слични општествени теми наспроти кревката индивидуа. Тоа е секогаш актуелно и провокативно за гледање, зашто, верувам, во овие борби со ветерници ќе се доживее секој гледач.
Живееме во неизвесно време за која било професија, секој ден се соочуваме со разни прашања што влијаат на менталното здравје, како кај младите, така и кај постарите. Според вас, што е потребно за среќа и исполнетост во која било професија, што ве прави среќни и радосни денес?
Наталија: Поголемиот дел од денот го поминуваме на работа и верувам дека тоа влијае на менталното здравје и има многу голем удел во благосостојбата и среќата кај секој од нас. Тргнувајќи од себе, сметам дека изборот на професија, односно да заработуваш од тоа што те исполнува, не само што те гради како личност туку и те мотивира и инспирира за нови подвизи, не само на професионално поле. Она што ме радува и ме мотивира во работата е што постојано сум изложена на промени и неизвесност. Секако, тоа ме прави да бидам пофлексибилна и љубопитна за нови почетоци.
Тамара: Тоа што знам дека повторно би ја избрала истата професија. Ме прави среќна кога ќе излезам од комфорната зона. Кога сфаќам дека фотелјата на којашто сум седела подолго време веќе не е толку удобна и дека за да се чувствувам среќно и исполнето многу зависи и од влогот што треба да го дадам. Оваа професија, колку што е прекрасна, толку е и неблагодарна. Затоа е во ред да се изгориш неколкупати, да се расплачеш или да си бесен кога ќе ти се случи неправда, но кога треба да сведочиш на свој продукт на кој си дал крв и месо сфаќаш дека тоа е единственото што те исполнува и те прави среќен.
Што следно можеме да очекуваме, на какви проекти сте фокусирани моментално и какви стремежи имате?
Тамара: Во исчекување сум и затоа сè уште не би споделила јавно. Се радувам на кинодистрибуцијата на „Мими“ оваа есен.
Наталија: Моментално, мојот фокус е на претставата „Илуминати“ во Театар „Комедија“ и, искрено, едвај чекам публиката да го види тоа и, се разбира, „Мими“ на кино.
Организација и продукција: Портрет Магазин
Стилистка: Бојана Максимовска
Шминка и фризура: Sashions
Облека: MNML BY NANA
Накит: Rebecca